Дома

13.02.2016 19:24
Дома

никој не си оди од дома освен ако
тоа дома не е ајкулска челуст
трчаш кон границата само
кога гледаш дека целиот град трча натаму

кога соседите трчаат побрзо од тебе
испуштајќи крвав здив низ своите грла
кога момчето со кое одеше на школо
и лудо се бакнуваше зад старата лимена фабрика
држи пушка поголема од него
си одиш од дома само
кога тоа дома не те пушта да останеш.

никој не си оди од дома освен ако од дома не те гонат
оган под нозете
врела крв во стомакот
ова никогаш не си помислил да го направиш
с
ѐ додека не те убеди
врелиот допир на нож
врз вратот
па дури и тогаш ја носиш
химната под непцето
иако го кинеш пасошот по аеродромски клозети
и липаш над секое ливче хартија
оти јасно ти е дека нема да се враќаш.

мораш да разбереш
никој не ги става своите деца на брод
освен ако водата не е побезбедна од копното
никој не си ги пече дланките
под возови
врз вагони
никој не поминува денови и ноќи во утроба на камион
хранејќи се со весници освен ако изминатите милји
не значат нешто повеќе од патување.
никој не ползи под огради
никој не сака да биде тепан
сожалуван

никој не избира бегалски кампови
или претрес на голо
за телото отпосле да те боли
или затвор
бидејќи затворот е побезбеден
од град под оган
и затворскиот чувар
навечер
е подобар од купиштата
мажи што личат на татко ти
никој не може да издржи
никој не може тоа да го свари
никој не е доволно силен

за:
одете си дома црнчишта
бегалци
валкани емигранти
азиланти
ни ја цицате земјата на суво
црнчишта со рацете надвор
мирисате чудно
дивјачки
ја искашкале својата земја и сега сакаат
и нашата да ја закашкаат
како таквите зборови
валканите погледи
се тркалаат по грбот
можеби оти ударот е помек
од откината рака нога

или зборовите се понежни
од четиринаесет мажи помеѓу
твоите нозе
или навредите е полесно
да се проголтаат
од урнатините
од коските
од парчосаното
детско тело.
сакам да си одам дома
но тоа дома е ајкулска челуст
тоа дома е цевка од пушка
и никој не би си отишол од дома
освен ако дома не те избрка до брегот
освен ако дома не ти рече
да го забрзаш одот
да ги оставиш алиштата
да ползиш преку пустината
да цапаш низ океаните
да се удавиш
да се спасиш
да бидеш гладен
да просиш
да заборавиш на гордоста
да преживееш е најважно

никој не си оди од дома освен ако дома не е испотен глас во увото
кој ти вели:
оди си
избегај од мене веднаш
не знам во што се престорив
но знам дека секаде
е побезбедно од овде

Превод: Ивана Галапчева

Гифот е од филмот House of Sand of Fog (2003)

Оригиналната песна

Варсан Шир, родена во Кенија во 1988 година, е поетеса и писателка од Сомалија, а живее во Лондон. Во јавноста се појавила во 2011 година со книгата „Учејќи ја мајка ми како да раѓа“. Нејзината поезија е преведена на италијански, шпански и португалски јазик. Шир е едногласно избран победник на Наградата за африканска поезија од Брунел универзитетот во 2013 година.

ОкоБоли главаВицФото