„Гласот на Сахарави“ - изложба на фотографии од бегалските кампови на Бојана Божиновска

17.02.2016 18:52
„Гласот на Сахарави“ - изложба фотографии од бегалските кампови на Бојана Божиновска

На 18 февруари (четврток) во кафето Concept37, во 20 часот, ќе се одржи изложба на фотографии на Бојана Божиновска, со наслов „Гласот на Сахарави“.

Преку фотографиите, авторката сеобидува да го доближи до македонската публика гласот на номадскиот народ и да го пренесе нивнито глас и вредности.

„Живееме во време кое нѐ соочува со предизвици за кои често мислиме дека се вон нашите можности да изнајдеме решение за истите, особено кога станува забор за бегалската криза чии реплики како шема се повторуваат во текот на целата историја, насекаде низ светот, и за жал сѐ уште продолжуваат со засилено темпо. Не станува збор за феномен, станува збор за човечки судбини, станува збор за реалност која во никој случај не смееме да ја игнорираме, станува збор за нашите сопствени предрасуди кои нѐ гушат, не дозволувајќи да ја разбереме вистината зад сето она што ни е непознато и ни влева страв“, пишува Божиновска во најавата за настанот.

Преку проект реализиран од страна на Универзитетот од Џирона во Шпанија, заедно со десет колеги, Бојана Божиновска заминала на истражување во бегалските кампови на Сахарави во Алжир и ослободената територија на Западна Сахара. Овој номадски народ веќе 40 години живее во тешки услови, зависејќи единствено од хуманитарна помош и сѐ уште чекајќи разрешување на нивната криза преку референдум за самоопределување и враќање на територијата на Западна Сахара која во моментов е под контрола на Мароко.

„Тешко е да се вратиш како иста личност после такво искуство. И не мислам на типичната емпатиjа кон еден народ и трагичните услови во кои живее кои те тераат да размислиш за работите во животот кои ги земаш здраво за готово, туку напротив, многу повеќе од тоа… да се вратиш восхитен од еден народ кој истрајно наоѓа креативни начини за мирно разрешување на нивниот конфликт, инспириран од нивниот дух со кој одбиваат да се сметаат како жртви на нешто што не можат да го сменат, како и достоинственоста која ги прави тоа што се денеска. Се вративме со неизмерна почит кон овој народ кој ни покажа само широкоградо гостопримство, љубов и пријателство и на сите ни послужи како пример и инспирација за издржливост и борбеност преку ненасилство, толеранција и солидарност – вредности кои ги негуваат со толку внимание“, вели Божиновска.