Кога системот лаже (1)

19.02.2016 12:04
Кога системот лаже (1)

Првата информација доаѓа од земја со дисфункционален општествен систем, Малезија. Еден од водечките сајтови за вести од доменот на светските финансии, економија, пазар и политички анализи, Zero Hedge, на 26 јануари објави дека: во 2013 година, износ од 680 милиони долари, поврзани со 1MDB (Прва малезиска банка за развој, односно владин инвестиционен фонд, основан во 2009 година) завршил на личната банкарска сметка на малезискиот премиер Najib Razak. Испраќачот на веста, Tyler Durden, вели дека во текот на последните шест месеци го документирале „чудниот случај на 1MDB“, додавајќи дека тоа е долга и исклучително замрсена приказна, но доволна да каже дека ’Развојната банка на Малезија’ е нешто како црна кутија, полна со сомнителни настани. Патем, аналитичарот набројува повеќе други проблематични активности на Банката (Фонд) поврзани со премиерот и неговото семејство. Но, според авторот, ниту еден од повеќето случаи не ја покренало толку малезиската јавност да бара истрага, колку случајот со дознаката на 3/4 од една милијарда долари кои легнале на сметката на нивниот премиер.

И, како што бидува во такви држави - за нас ништо чудно - се испоставува дека од истрагата нема да има ништо. Малезискиот главен јавен обвинител, Mohamed Apandi Ali, експресно го „исчистил“ премиерот Разак од секакво сомневање за незаконско работење. Веднаш наредил истрагата за трансферот на парите да се затвори бидејќи, како што изјавил, “парите, очигледно, биле ’лична донација’ од Саудиска Арабија“ и значителен дел од нив биле „вратени“. Така тој бил, демек, информиран од истражувачкото тело, формирано за испитување на случајот. Во изјавата напишана на четири страници немало ништо од неколкуте одговори што ги барала малезиската јавност: „Кој конкретно ги донирал парите?“; „Зошто биле донирани?“; „Што се случило со парите што не биле вратени“? Имено, според признанието на Јавниот обвинител, останале невратени 61 милион долари.

Веднаш по изјавата на јавниот обвинител Мохамед Апанди Али, се огласил и премиерот Наџиб Разак, изјавувајќи: “Ова прашање беше едно непотребно дефокусирање (лудило) на земјата. Сега, штом на прашањето така целосно му е ставена точка, време е за нас да се обединиме и продолжиме напред“. Згора на тоа, преку соопштение од неговиот кабинет, „дообјаснува“ дека „донаторот ништо не очекувал за возврат од него во својство на премиер“.

Познавачите велат дека парите најверојатно имаат врска со 1.8 милијарди заедничко вложување на 1MDB и PetroSaudi, но како што стојат денeс работите, велат и дека вистината никогаш нема целосно да се дознае. „Донацијата“ била дадена од починатиот крал на Саудиска Арабија.

Но, како сето тоа да не било доволно. На почетоток на минатата година на сметката на премиерот Наџиб Разак легнале нови 14 милиони долари, трансферирани од друг ентитет поврзан со 1MDB. Тие пари биле пренесени од SRC International, единица на министерството за финансии која господинот Наџиб Разак исто така ја раководи преку свој човек. Исто како и во случајот со големата „донација“ од 680 милиони долари, Јавниот обвинител Апанди и овој случај го затворил, со образложение како за малоумни: заклучил дека „немало докази дека господинот Наџиб Разак (премиерот) бил свесен за таквите трансфери“.

Со одделни истражувања направени во повеќе други земји, вклучително и во САД, каде што бил вклучен и FBI, на име на премиерот Разак утврден е голем пакет „луксузна недвижнина“ во Њујорк и Лос Ангелес.

Втората информација доаѓа од САД. Нашироко е познато дека повеќе од една година екс-државната секретарка за надворешни работи, Хилари Клинтон, беше жестоко напаѓана од Републиканците за размена на доверливи службени информации преку нејзиниот приватен компјутер. Наводно, со тоа, таа довела под ризик определени безбедносни прашања на својата земја. Знаеме дека госпоѓата Клинтон беше сослушувана повеќе од 11 часови од соодветниот комитет на Конгресот, пред очите на целата американска и светска јавност. Клинтон инсистираше дека никогаш не комуницирала (преку нејзиниот личен сервер) информација што била доверлива во времето додека била државен секретар за надворешни работи. Но, на 29.01. 2016. истиот портал, 'Zero Hedge', објави дека најмалку 22 од пратките најдени на приватниот сервер на госпоѓа Килинтон биле декларирани како „top secret". Веста е преземена од агенцијата АП. Според истата агенција, администрацијата на Обама за прв пат потврдува дека безбедносно незаштитениот приватен сервер на екс-државната секретарка за надворешни работи (сега во натпревар за кандидат на Демократската партија за претстојните претседателски избори на САД) содржел некои внимателно чувани тајни, вклучително и од највисоки нивоа на класификација. Обелоденувањето стаса три дена пред извршеното гласање за партиската номинација во Ајова. Соопштено е исто така дека 37 страници вклучуваат пораки што биле неодамна опишани од клучно разузнавачко лице дека се однесуваат на т.н. "special access programs" - една високо забранета подгрупа на класифициран материјал, што би можело да упати дека се работи за доверливи извори или тајни програми, како што се напади од беспилотни летала, или владини прислушкувања.

Дебатата за ова прашање во САД продолжува. Едни велат: ако Департмантот за правда покренe обвинение, ги дроби шансите на нивната сопствена кандидатка за претседател. Ако тоа не го стори, од некого ќе протечат детали, а тоа ќе предизвика револт кај FBI. Поранешниот Федерален Јавен обвинител Joe DiGenova, го споредил случајот со ’Вотергејт аферата’ - доколку тековните истражувања на Федералното биро не продолжат на адекватен начин. Тој се осмелил да прогнозира дека погрешното ракување со класифицирано разузнавање може да води до неминовно обвинение. Според него, тоа би можело да се случи во наредните 60 дена и дека доказите што Федералното биро ги собира ќе биле толку убедливи што ако Лорета Е. Линч (Главниот јавен обвинител на САД) не покрене обвинение, ќе има голем револт внатре во Федералното биро и таа нема да биде во сосотојба да го преживее тоа на функцијата.

Независни експерти велат дека е неверојатно Клинтон да биде обвинета за незаконско работење врз основа на ограничените детали што се појавија, а уште помалку при отсуство на јасни индикации дека таа имала намера да прекрши закони. Дел од тие експерти велат дека ќе се случи само едно мало понижување - таа ќе мора да каже: „Јас направив сериозни грешки“, што значи дека ќе се поткопа нејзината главна поента што ја „продава“ во кампањата дека таа е најподготвена за врховен командант на САД. Очигледно, разликата помеѓу наведените информации е голема. Но, најмалку затоа што едната говори за голема корупција, а другата за невнимателно ракување со доверливи информации од висок функционер на една држава.

КАКВА РАЗЛИКА НУДАТ ОВИЕ ДВЕ ИНФОРМАЦИИ?

Од информацијата што доаѓа од Малезија не дознаваме само дека една индивидуа, во случајот премиер на Владата на Малезија, е фатена, in flagrante, во корупциски активности; дека бесрамно ја лаже неговата јавност за нешто што е очигледно; дека се служи со навредливи образложенија пред сопствениот народ: демек, се работело, за „unnecessery distraction" (непотребно дефокусирање, лудило), коешто ја одвлекува(ло) земјата од патот на напредокот и дека „Сега, штом на прашањето му е ставена точка („разјаснето“ од него и од неговиот јавен обвинител) време е (како што изјавил) да се обединиме и да продолжиме напред“.

Во овој случај не е клучна лагата на индивидуата, независно што се работи за премиер на една држава, туку тоа што во негово име и полза (и заедничка полза на групата на власт) лаже целиот систем. Лаже и Јавното обвинителство на Малезија, на чие чело е истоветен човек како нашиот Марко Зврлевски, само со друго име, Мохамед Апанди Али, а лажат или ги прикриваат злоделата и многу други институции на Малезија, ставени под контрола на истата индивидуа, премиерот Раџак.

Нам во Македонија, не ни е тешко да замислиме: колку и како лаже државниот ситем на Малезија и, преку тоа, да сфатиме кое е нивото на демократијата во таа земја; кое е нивото на корупцијата; на какво дереџе е граѓанското општество во Малезија, ако истиот човек продолжува да биде премиер велејќи дека: ’митото’ е ’донација’; дека наводната донација „немала никаква врска со неговата функција како премиер“; дека, ете, го вратил поголемиот дел - без да објасни кој му ја испратил таа донација, зошто му е дадена, зошто и натаму на неговата сметка останале 61 милион долари од таа “вратена донација“. Воопшто не ни е чудно ниту тоа дека од друга ујдурма на неговата сметка легнале други 14 милиони долари, со неверојатното објаснување дека: „не бил свесен дека се случил таков трансфер“!?

Нам воопшто не ни е тешко да ги разбереме овие настани во Малезија зашто и ние има(в)ме: премиер со табиети исти како тие на посочениот Наџиб Разак, кого сите се обидуваат да го дефокусираат од изградбата на овоземниот рај којшто ни го проектирал - почнувајќи од сите домашни предавници, завршувајќи со бројни странски разузнавачки служби. Разбирањето не ни е тешко зашто и нашиве бандити земените провизии, по откривањето, ги нарекуваат донации. Згора на тоа, со нашиот Наџиб Разак се врзани и парцели со милионски вредности, „земени за џабалак“, па потоа „вратени некаде“. Имаме и незаконски лишувања од слобода, незаконски лишувања од сопственост. И најважно, и ние имаме јавен обвинител и судии кои лажат во име и во полза на доскорешниот премиер; имаме новинари ’општествено политички работници’ кои 24/7 часа се задолжени за одбрана на „делото и вистината“ на нашиот водач, задолжени перални за неговите валкани алишта, образ и душа, исто како и во Малезија.

И во вториот случај, на госпоѓа Клинтон, јасно е дека една индивидуа се служи со лага: не во врска со коруптивна активност, туку во врска со една невнимателност при извршувањето на нејзината претходна функција. Како што, до определен момент, лажеше нејзиниот сопруг во врска со познатата афера “Левински“, така и госпоѓата Клинтон, до определен момент, ќе лаже. Зошто до „определен“ момент? Затоа што, независно од некои задоцнети реакции на делови од американскиот систем, независно од некои калкулации на некои институции раководени од луѓе од нејзината партија, сосема различно од државниот систем на Малезија (на Македонија и слични) државниот систем на Америка (исто како и во некои други развиени демократии и економии) не е поставен да ѝ служи на лагата на поединци, на онаа навредлива лага која станала суштина на постоењето на системот, машина-гасеница за газење на јавниот интерес.

Бидејќи е така, администрацијата на Обама, се двоумела или не, сепак, не чекајќи да завршат изборите во Демократската патија за номинација на партиски претседателски кандидат, а уште помалку да започнат и завршат федералните избори за претседател на САД, јавно потврди дека меѓу комуницираните пораки преку приватниот сервер на госпоѓа Клинтон се наоѓале и такви кои биле од висок степен на доверливост - класифицирани информации. Истото тоа го стори и FBI, независно од тоа што претседател на САД во моментот е Обама, партискиот „другар“ на Клинтон и до неодамна нејзин претпоставен кога таа ја вршеше функцијата државен секретар за надворешни работи на САД. Степенот на независност на институциите (секако, не сакам да ги идеализирам), стравот некоја институција и поединци во нив да ја обелоденат вистината наспроти други евентуални премолчувачи, односно забошотувачи, како и (особено) стравот од политички, граѓански сензибилираната јавноста, не дозволуваат системот да биде заробен од поединци или групи, особено не да биде фатално зграпчен од гангстери, очигледни арамии и лажговци фатени in flagrante како безочно го функционализираат во полза на нивните лични интереси, како што е тоа случај во Македонија, Малезија и слични на нив.
(текстот завршува утре)

Слики: Guy Billout