6. Колку едно живо суштество може да издржи?

24.04.2009 11:52
150.jpg

Едното око гледа, а другото чувстува.
Пол Кле

Бидејќи, драг мој, мене сè ми е веселба.
Шекспир


 

 

 

 

 

 

 

 

 

Татко ми цел живот манифестираше вознемирувачка свест дека го набљудуваат. Во еден транскрибиран телефонски разговор од 27.7.1987 татко ми му се жали на Х дека: Од кога постојам постојано врз мене вршат провокации а едно живо суштество толку може да издржи… ќе ти зборувам, ќе се згрозиш… Меѓутоа колку повеќе зборувате, толку повеќе наидувате на глуви уши и колку повеќе се жалите толку повеќе луѓето одмавнуваат со рака. Вие немате начин да го докажете интимното чувство дека сте следен. Дел од таа опсцена структура на власта е вие да станете целосно осамен. За да бидете притеснети така што вашите доушници ќе останат вашите најдобри "пријатели". Па дури и при вакво нејасното чувство дека е следен целиот живот, кога татко ми го отвори досието, беше фрапиран од кафкијанското сценарио, од степенот на сеприсутнитот поглед, од долготрајноста на набљудувањето и конечно од садизмот на оној што набљудува.

Осаменоста е цел, добро е да си сам. Тие ќе сторат сè ти да останеш сам, откако веќе сите те напуштиле. Кога татко ми излегува од затвор, во оперативната белешка од 10.9.1987 стои „(Д)ознаваме дека Јован посебно тешко го прима фактот што е напуштен од сите поранешни пријатели. Моментално психички се чувствува потешко отколку во затворот. Материјалната ситуација им е лоша и имаат многу долгови.“ Неколку месеци подоцна, во забелешката од 2.2.1988 оперативците констатираат дека следењето покажува успешни резултати, на татко ми сè уште никој не му приоѓа. „Јован Котевски, како што сме информирале повеќе пати досега, скоро исклучиво контактира само со брат му- Наум. Повремено се слуша и со сестрата од Струга.“ Кога на 27.7.1987 кај татко ми се јавува првиот писател, Илија Тодоровски, татко ми, според прислушкуваниот разговор, му вели „Да бев и Ајхман - досега некој ќе се јавеше. Добив комплекс на страшилиште – никој да се јави...Ти си првиот што го направи тоа и нема да ти го заборавам, ти благодарам многу. Дај боже да прислушкуваат, нека знаат дека ова е вака!“ Забелешката на инспекторот покрај овие редови е брутална, поплаката на татко ми дека е осамен го тера на садистичкиот заклучок: „Ј. Котевски останува доследен во неискреноста и лагата. Остава впечаток дека и’ верува во истата. Објективно, оваа состојба му е еднакво сложена, како и онаа кога беше во затвор. Треба максимално да се следи неговата активност....“

Честопати ме прашувале како татко ми го преживеа својот политички прогон? Постои нешто што го знаат оние што преживеале тортура. Човекот што бил подложен на повеќедецениска тортура, на моменти станува единствено болка. Болката станува објект без човечки атрибути и содржина. Ќе ви опишам како изгледаше еден обичен ден на татко ми на пр. од 1994, иако сите години пред и потоа беа исти. 1994 се седум години подоцна, седум години откако татко ми веќе беше слободен, откако имавме своја држава, откако неговите еретички мисли веќе не беа еретички туку конјунктурни.

Татко ми се обидуваше да спие дење. За него беше неиздржливо да биде буден кога надвор има светло. За тој што преживеал тортура, светлото е посебен проблем. Тој што е цел живот гледан, а сам не гледа, тој што е објект на информација, а никогаш субјект во комуникацијата, се плаши од светлото затоа што видливоста го гарантира функционирањето на власта. Кога беше буден, татко ми нервозно се шеташе од една до друга соба. Сега ќе влезе во некоја соба и веднаш ќе излезе. Ќе постои во ходникот за да слушне што прави мајка ми в кујна; ќе тропне во мојата соба за да види дали не ми се случило нешто ужасно, ќе најде некаков изговор, на пр. "ја читам Цветаева" и не чекајќи одговор, исто толку брзо ќе излезе. Со часови ќе трепери зад завесата гледајќи го ѓубреџијата што решил следните три часа до крајот на работното време да ги отседи баш на тротоарот под нашиот прозорец. А што ако тој не е ѓубреџија? Многу ѓубреџии во досието испаднаа "службени лица на ДБК". Ќе легне да спие. Спие на едно око и на секој шум срипува и бара да му се објасни што се случило, сака да види, да се увери. Живее како во секој момент некој најважен човек да ќе треба да дојде и да ја донесе најважната одлука од која ќе се материјализира пророштвото за неговиот живот. Човекот што минал низ 40-годишен политички прогон, гради стратегии за опстанок. Кога ѕвончето ѕвони, помислува: кој е следниот што ќе биде мачен? Ако ѕвони некој на врата застанува и го ослушнува дишењето на тој што ѕвони. Едвај собира храброст да ѕирне низ клучалката. Дури и кога добро го познава тој што ѕвони, долго го набљудува. Некогаш тргнувам да отворам, ама за него е прашање на живот или смрт, прв да ја отвори вратата за да не ми се случи нешто ужасно. И конечно "А, Верче, повели... дома е Јасна".

Човекот што преживел тортура, откако целиот живот бил предмет на иследување, станува оној кој не може да се реконституира преку идентификација со најблиските. Неговиот свет станува свет кој не е базиран на дијалектика. Тоа е недостаток од недостатокот. Тоа е чисто присуство. Човекот кој преживеал тортура развива невозможен парадокс, прекин во репрезентацијата и премногу репрезентации. Тој има милион слики на ужасните можности на системот и слики кои не носат меморија. Тој човек што преживеал четиридецениска тортура е татко ми, македонскиот поет Јован Котески.

 

Усвоена молба!

 

И сега повторно почна она одвратно учтиво погаѓање,
еден над К. му го пружи ножот на другиот, а овој пак, повторно
преку К. му го враќаше нему. К. сега точно знаеше дека
неговата должност би била сам да го дофати тој нож,
додека минуваше од рака во рака, лебдеше над него
и сам со него да се прободе.
Кафка

Кога го држите досието на татко ми в рака, прво нешто што сакате да видите е кои се доушниците? Но гледате, во тоа е перверзијата на досието на татко ми. Вие сте петмина поети, само еден од вас е доушник, но не можете да знаете кој конкретно затоа што во телото на текстот тој е чкртнат со црн фломастер. Дека станува збор за овие конкретни петмина, знаете од графата „лица“, каде што (и тоа само понекогаш) не е избришен ниеден од поетите што оделе „по корзо“. Шпионот е еден од нив, но кој? Татко ми го подигна своето досие во ноември 2000 година. Сите што таа година ги подигнаа своите досиеја, знаат дека мораа да потпишат еден формулар. Во тој формулар стои дословно вака: "Заради заштита на податоци и информации за приватниот и семејниот живот барам целата содржина на досието да останат тајна до (100 години од моето раѓање, а во случајот на татко ми е заведена- моја забелешка) 2032 година, и тоа, доколку истото не биде уништено и се предаде на чување во Архивот на Република Македонија." Кога ќе го потпишете тој формулар, следи конечната цинична завршница. Најдолу пишува дека молбата „се усвојува“.

Гледате, ужасот на полициското досие не е само во фактот дека татко ми живеел живот во кој полицијата го имала лицето на неговите најблиски пријатели. Ужасот се состои и во една виша агентура во име на која неговиот свет е уште потесен од тесниот свет на античките херои кои во крик му се обраќаат на небото "Неправда трпам". Грчкиот човек страда ужасна казна што му е наменета, не по негова вина, но кога сака да дознае во име на која виша агентура страда, и небото и земјата ќе се превртат за тој да види. Кога Едип сака да знае што се случило во неговото минато, сведокот се појавува веќе во следниот чин.

Татко ми чекаше долги 40 години за да види. И кога со страв застана пред вратата на ДБК, пред вратата на онаа инстанца што цел живот се иживувала врз него, како пред последната утеха што ќе му овозможи да види тогаш, службите на ДБК, го натераа да поднесе молба во која моли никогаш да не му се исполни последната надеж. Во својот формулар татко ми мора да замоли засекогаш да му остане затворено она во име на што страдал. Тој поднесе молба дека неговото досие ќе му биде достапно во 2032 година, а во меѓувреме "доброволно" да даде аманет дека, ако сакаат, неговото досие може да го запалат. Татко ми сакаше да види дека не бил луд кога тврдел дека цел живот го следат. Но сè што суштински сакаше да види е за кое добро било тоа. И мораше да прочита дека неговата молба -никогаш да не ја види разрешницата на својата животна трагедија - "се усвојува"!

Татко ми, во ретки моменти на хумор, го нарекуваше своето досие "биографија на пријателите". Тоа е донкихотовски хумор. Прво ќе се насмееш, потоа ќе наместиш сложена насмевка, за на крајот да сфатиш дека се смееш во лицето на чистата тага. Тоа е хумор на некој што невин го преживеал Идризово. Кога ќе добиете документ дека сте рехабилитирани, со тој документ може да се сликате. Може да бидеш најдобриот поет на една држава, ти си бил роден само за да ја воспееш нејзината убавина, нејзиниот златен глас, да ја опееш земјата под нејзините нозе. Може да си ја напишал најубавата песна за една неостварена љубов на една генерација, "Ана", но таа никогаш нема да стане лектира затоа што за овие дибеци веќе и косата на Ана е спорна. Откако си го преживеал прогромот на своето време, во кое колегите ти ја пишувале биографијата без да им ја нарачаш, сè што ти останува е да ја живееш секој еден ден од остатокот на својот живот кафкијанската реалност на удбашкото секојдневие. И до бескрајот на твојата земна осаменост да си ги повторуваш стиховите: "О пријатели мои, нема пријатели!" Сепак, татко ми навистина си замина со прошка за сите. Дента пред да почине, татко ми ми рече дека "си оди дома".

Илустрации: Комар и Меламид

Слични содржини

Живот / Теорија
Живот / Теорија
Живот / Теорија
Живот / Теорија

ОкоБоли главаВицФото