Пропагандна обработка на сопствениот народ како да е туѓ

22.02.2016 13:37
Пропагандна обработка на сопствениот народ како да е туѓ

„Новинарството го објавува она што некој не сака да биде објавено. Сѐ друго е пропаганда.“ (Џорџ Орвел)

 

Упорното и повторно и повторно објавување на нарачани написи без никакви интервенции од еден партиски центар и без да се наведе вистинскиот извор е пропаганда без потреба од никакви дополнителни објаснувања. Ваквите објави во владините медиуми се реалност и тоа веќе неколку години наназад. Настрана што тие претставуваат пропаганда, тие претставуваат и срамота – и за нарачателот и за медиумите што упорно ги „штанцаат“ како на фабричка лента од ден на ден.

Ваквото објавување на ист подметнат текст, за кој официјално не се знае од каде потекнува, во редица медиуми и тоа во рок од 24 часа е најголемиот сон за било кој шпион, кој би се нашол во некоја непријателска странска земја и кој би успеал така да ги нареди работите, па во тамошните медиуми беспоговорно да му се појавуваат редица текстови од ден во ден во кои се напаѓа секој и сешто, се сее смут, се уништува кредибилитетот на видните личности во таа непријателска земја или нејзините партии и слично. Но, таква пропаганда да се прави, односно да се користат вакви шпионски (или „разузнавачки“) техники врз сопствениот народ претставува дури и первертирање на и онака сомнителните етички прашања со кои се сретнува разузнавањето.

Како поинаку, освен како примена на шпионски методи наменети за непријателски земји, да го сфатиме објавувањето на нарачани валканици во сопствената земја со цел да се нападнат сопствените сонародници кога станува збор за написи кои немаат извори или наведените извори се анонимни, што е веднаш знак дека не постојат (никогаш не биле именувани, дури ни во други текстови, а и никогаш не се во право, односно нивните информации излегуваат неточни, а нивните напади измислени). Ај што изворите во текстовите се анонимни или не постојат, туку и самите текстови се анонимни, односно никогаш не се потпишани. Објавување на анонимни напади во новинарството е недозволиво, како што е недозволиво кога напаѓате, на нападнатата страна да не ѝ дадете право да се брани, а камоли, пак, отворено да нападнете некого во непотпишан текст. И, ај што изворите се анонимни, ај што текстовите се непотпишани, туку порталите на кои се појавуваат тие текстови се исто така анонимни, односно немаат импресум. Типичен шпионски влажен сон. Најголем разузнавачки успех кога би станувало збор за непријателска земја. Ај што во неа сте успеале да создадете смут и меѓусебни внатрешни непријателства, туку и одлично сте ги покриле трагите кои водат до вас зашто и оние кои таквите текстови ги објавиле во ваше име се, исто така, барем донекаде анонимни. (И добро платени, сигурно, заради што и мора да молчат). Проблемот е само што овде не станува збор за непријателска држава, туку за сопствената, не станува збор за непријателска нација, туку за сопствениот народ, кој со ништо не заслужил ваква шпионска „обработка“, која личи како внатре во неговите рамки да се обидувате да започнете граѓанска војна. Ете, на тоа ниво е стигната пропагандата во владините медиуми.

ЛЕГИТИМИЗАЦИЈА ПРЕКУ БЕЗОБЅИРНА РЕПЕТИЦИЈА

И, да биде уште полошо, откако таквиот текст ќе се појави на анонимни сајтови, следен чекор е негова бајаги легитимизација. Како тоа се постигнува? На ист начин како и со лагите. Тие добиваат легитимизација кога ќе се повторат 1.000 пати. Текстот, пак, станува легитимен кога ќе се преобјави повеќе пати. И, така, тргнува 24-часовниот караван на преобјавување од анонимни веб сајтови на сајтови кои имаат импресум, за потоа тој текст да стигне и како прилог во вечерните вести на националните телевизии каде што ќе направи најголема штета, зашто вестите на овие телевизии, стиснати меѓу турска серија и српско реалити шоу, ги гледаат најмногу гледачи. Заради тоа, овие пропагандни стории од шпионска провениенција тука добиваат најголема доза на легитимитет. Едноставно, се цитира името на порталот од кој се преземени, значи, им се дава некаков извор (поточно „извор“), за гледачите да помислат дека станува збор за легитимна содржина. Но, покрај срамниот шпионски бекграунд на овие прилози, со ова се случува уште еден срам за националните владини телевизии. Тие се осмелуваат да преземаат вести од некакво си анонимно порталче во кое работат неколку луѓе, за разлика од самите телевизии кои имаат сто или повеќе вработени, но кои изгледа ништо не прават освен што преземаат текстови од портали. Неретко се случувало во еден ТВ дневник да има и повеќе вакви преземени прилози. И, на крај, истите тие текстови завршуваат во дневните владини весници, при што им се додаваат по неколку безначајности за да личи дека содржат некоја додадена вредност со оглед на фактот што за весниците треба да се плати. И, со тоа се затвора 24-часовниот круг на оваа пропагандистичка операција која како да е преземена од шпионските учебници на КГБ или ЧЕКА и веднаш да започне новиот круг на анонимни измислици, со кои ќе јавноста ќе биде преокупирана во следните 24 часа.

Што е целта со ваквото постојано подметнување на квази-вести, напади, кои неретко содржат навреди, клевети, а понекогаш и отворена дискриминација, говор на омраза и поттик на насилство? Креирање на сомнеж! Не мора да поверувате во она што Ви се сервира. Барем не првиот, петтиот, десеттиот или педесеттиот пат. Првичната цел е кај вас да се креира сомневање дека, ете, можеби она што ви го кажува власта преку своите приврзоци, навлечени на неа како заштитен слој, безмалку презерватив (да не употребам поостар термин), можеби е донекаде вистина. Или, дури и да не е вистина, сепак, отвора некои наизглед „непријатни прашања“ за другата страна. Значи, вие бивате внимателно насочени да размислувате во таа насока: дали можеби во она што ви се сервира има „нешто“? Тоа „нешто“ на почетокот не мора да биде вистина, може да е полувистина, може да ве збуни, да ве зачуди, но вашите одбранбени механизми полека паѓаат. Утредента или следната недела повторно ќе ви наметнат нов сомнеж на некоја друга тема, па нов, па нов и така по извесно време Вашиот сопствен ум ќе биде „нападнат“ со редица сомнежи за „предавничката опозиција“ и тоа ќе значи дека ѕидовите за одбрана од лаги и манипулации, кои сите ние ги имаме, полека ќе се намалуваат, а ако манипулациите доволно долго траат, тие кај некои од нас ќе бидат и срушени. И, во тоа не би имало ништо лошо кога тие ѕидови би ги срушиле квалитетни и професионални новинарски производи, а не пропаганда. Но, не секогаш е лесно тие две работи да се разграничат. Некогаш пропагандата е завиена во нешто што по малку наликува на новинарство, некогаш нашите одбранбени ѕидови не се доволно високо кренати, зашто не ги следиме вестите со целосно внимание, можеби истовремено правиме и нешто друго (затоа и телевизијата е пропагандистички најефикасна, кога читате не можете по правило да правите нешто друго што би ви одзело поголем дел од вниманието), а понекогаш и или немаме доволно предзнаења зашто станува збор за специјализирана или стручна тема или едноставно не сме доволно информирани и пропагандата ја експлоатира нашата неинформираност. Потпаѓање под пропаганда не значи дека сме „глупави“ или „неинтелегентни“. Едно со друго нема врска. Зошто некои луѓе полесно, а некои потешко потпаѓаат под влијание од разни извори е комплексна тема која сѐ уште е предмет на научни истражувања. Но, она што е познато е дека долготрајна и сеопфатна пропаганда, на која никој не ѝ се спротивставува во јавниот дискурс, полна со лаги и полувистини, која редовно и постојано повторува неколку различни пораки на најразлични начини и во најразлични форми, може, за жал, да биде многу ефикасна.

ПОСТАВЕТЕ СИ ГИ ВИСТИНСКИТЕ ПРАШАЊА

Но, од друга страна, пак, ако направиме неколку чекори наназад и ако ја погледнеме целосната слика, значи, ако се потрудиме да ја погледнеме шумата, која не сме можеле да ја видиме од дрвата (владините медиуми) и ако ги поставиме вистинските прашања, тогаш целата оваа кула од пропагандни карти ќе се распадне пред нас: Зошто во сите овие написи кои содржат напади, нема никаков извор? Кој, всушност го вели ова што ми се презентира? Кој е новинарот со име и презиме кој го напишал овој текст/го подготвил овој прилог? Има ли овој портал импресум и главен уредник? И конечно, зошто сите овие владини медиуми ми ги презентираат истите вести? Не ли би сакале да имаат свои сопствени вести кои би ги разликувале еден од друг и со тоа да ја покажат својата оригиналност и така да привлечат поголема публика? Која е целта истите написи/прилози да бидат презентирани од различни медиуми и тоа во комплетно иста или само малку видоизменета форма? Неретко и со истиот наслов? Зошто експертите или ги нема (во најголем број случаи) или, пак, истите луѓе ги коментираат сите настани и се претставуваат како експерти на сите полиња?

На ниедно од овие прашања нема или никаков или нема задоволителен одговор. И не може да има. Целта на пропагандата не е да одговори на сите ваши прашања, ниту на дел од нив. Нејзината цел е да го разбуди сомнежот во вас токму преку неодговарање на клучните прашања и прикривање на вистинските одговори.

Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Michal Dziekan