Слепата дамка на турската политика

23.02.2016 12:17
Слепата дамка на турската политика

Турската невнимателна политика веќе неколку години ја води оваа важна земја во погрешен правец. Грешките и противречностите на нејзината политика стануваат меѓународен проблем, заканувајќи се со ширење на судирот кој го разорува овој регион, во кој таа до неодамна беше фактор на умереност и стабилност.

Судирите на југоистокот на Турција помеѓу турската држава и Курдската работничка партија (ПKK) секојдневно се влошуваат стопувајќи се со сè посериозниот судир помеѓу Турција и Курдите од северна Сирија. Иако одговорноста за бомбашките напади не може да се утврди со сигурност, изгледа дека нападите го загрозуваат и главниот град на Турција, Анкара, како оние неодамнешните во кои загинаа 28 војници и цивили. Бомбардирањето на курдските позиции во Сирија и возвратниот оган кон Турција се само дел од насилството на југоисток проследено со упади и рации на безбедносните сили.

Заканата која ја претставува војната помеѓу Турција и Курдите се огледува во можноста турските трупи да интервенираат во Сирија, наводно за да создадат тампон-зона за бегалците, а всушност со вистинска намера да се запре военото напредување на сириските Курди, чија армија, Народните заштитни единици или YPG, последниве денови зазема територија долж границата со Турција. Ердоган стравува дека сириските Курди ќе создадат трајна курдска мини-држава на сириско тло, охрабрувајќи ја ПКК во нејзиниот судир со Анкара со истовремено ширење на влијанието на ирачките Курди. Турската ноќна мора, обединет Курдистан, можеби и не е толку неостварлива.

YPG ја ужива поддршката на Америка, која ги гледа како корисно оружје во војната против Исламската држава; веројатно истото важи за Русија, која ги смета за неутрални во борбата со противниците на режимот на Асад. Кога турските трупи би влегле во Сирија, Русија на тоа би можела да реагира воено. Турција во тој случај би можела да го повика НАТО, што би предизвикало тотален хаос. За среќа, ова сценарио е малку веројатно, така што Турција ќе продолжи со обидите, веројатно залудни, да ги увери останатите светски сили дека YPG се терористи кои треба да бидат запрени.

Турција на Ердоган се доведе пред свршен чин. Распадот на Ирак и Сирија им отвори на Курдите од тие земји неверојатни можности. Ердоган никогаш вистински не сакаше договор со Курдите и дозволи згаснување на мировниот процес, така што сега неговата надворешна политика се сврте исклучиво кон блокирање на Курдите, слепа за сè останато.

Тешко е да се присетиме дека до пред помалку од една година турската влада сè уште преговараше со ПКК и дека до пред само неколку години поради својата репутација на сигурност и прагматизам имаше добри односи со Израел, Иран и Ирак, и одржуваше блиски контакти со Европа, Америка и Русија. Денес сите тие здрави односи се загрозени, а во некои случаи и прекинати. Непосредната опасност од прекуграничен судир можеби е избегната, но сè додека Турција радикално не ја промени политиката и не ја насочи кон постигнување мировен договор со своите Курди, таа во регионот останува дел од проблемот, а не од решението.

Извор: The Guardian, 18.02.2016.