Вистински свој меѓу лажно своите

02.03.2016 04:06
Вистински свој меѓу лажно своите

Мора да му се даде целосна поддршка на отец Пимен за ова што го напишал: „Орли и крстови. Провокации и паѓања на провокации. Обично, низ целиот свет, спомен-обележја се ставаат како симбол на крај на безумства и крвопролевања. Кај нас обратно е. Се поставуваат за да почнат безумствата“.

Единственото „добро“ што се случи во ова лудило од орли и крстови, беа токму тие ретки, издвоени мислења на поединци, гласовите на солистите што одбиваат да пеат како сите други од нивниот хор, од нивната вера, нивната партија, група, нивната етничка заедница... Важно е подигањето спомен-обележје „Двоглав орел“ да се демаскира и да се осуди како ниска националистичка манипулација, но суштински различно, посилно и многу понадежно е ако таа искрена оцена доаѓа од „неочекуваната“ страна - од Албанец. Истото важи и при осудата на обесмислувањето на крстот како верски симбол. Не случајно куририте и другите мегафони на власта напишаа: „За верниците не е изненадување ваквиот став да произлезе од некој атеист, но претставува шок кога истиот ќе биде искажан од страна на свештено лице како што е отец Пимен“.

Различните, критички ставови искажани од „свој и за своите“, сега се анатемисани, осудени, отфрлени многу пожестоко отколку тие што доаѓаат од спротивниот табор. Немаат моќ да спречат инвазија на орли и крстови, ако ДУИ и ДПМНЕ во тој заеднички проект видат добитна комбинација. Но, само тие може да бидат камен-темелник, ако некогаш во оваа земја почне да се гради соживот и заедништво.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото