Овој пат не ви поминува!

04.03.2016 03:31
Овој пат не ви поминува!

И сега, демек, треба етнички да се поларизира општеството и Албанците = ДУИ, Македонците = ВМРО.

Не знам дали меѓу себе имаат онака филмски „договор“ како конспирација, ама знам дека коалициите помеѓу националистите траат толку, ќе се договорат за пари, ама ќе се скараат за симболи.

Сакам да кажам дека на ДУИ и на врхушката неписмењаци како фронтална импотентна каписла на една паланка, никој не им дава за право да зборуваат во име на Албанците, никој не им дава право да се накочоперат во име на Албанците. Тие се одговорни и виновни за културно-социјалната, економската и политичката беда со којашто голем дел од Албанците денес се соочуваат.

Тие со ваквите „активности“ газат на сите историски нивни митогонски и митолошки китења – Илири, дрн дрн дрн, Арбани дрн дрн дрн, Христијани (среден век) - Скендербег - Мајка Тереза (тука не ја репродуцирам олигофреноста на еден албанофоб со име и презиме: Васко Ефтов).

Тие со ваквите чинови ги потврдуваат сите стереотипи за Албанците (како орда, племе, неписмени и некулктурни, следбеници на ИСИС итн.) и исто така нивните јавни настапи, од вокабуларот па сè до изгледот сведочат за една паланечка и необразувана клапа на партиски послушници - талог од општеството којшто ги заптисал сите центри на моќ во државава и како такви мешетарат со албанштина и со патриотштина на сите можни начини.

И тие како и нивниот коалиционен партнер во владата (ВеМеРеО), секогаш кога се наоѓаат во небрано посегнуваат по патриотштина и големи наративи - небаре сермија им се од татка и од мајка. Небраното сигурно нема само етничка основа, па ни религиска, туку и криминална. Блатото во коешто се заглавени, сетики е покалливо одошто нивното партиско членство знае, а и пошироката јавност. Мислат дека со вакви гротескни собиранки на кичест и синкретички паланечки невкус на криминалци со чифтелии, ќе успеат да анимираат и етнички да мобилизираат - онака предизборно, па дури и „сила“ која би излегла пред СЈО, пред обвинителство, пред суд, конвертирајќи ја секоја криминална постапка во етнички (демек националистички) мотивирано обвинение/пресуда.

И тие како и нивниот коалиционен партнер ВМРО, коалицираат со условно кажано својот „непријател“, ВМРО дури пишуваат графити низ цело Скопје „Стојанче = УЧК“, а истите тие коалицираат десет години со екс-команданти, нели, крвопијци на современите комити. Истото, еве, го прават и „интегративците“, вклучени се во сите постапки на носење на решенија, сами ги носат, сами гласаат, сами со чекани и булдожери навечер ги уриваат - ова е позабегано отколку што изгледа.

Досега имаа шанса да се покажат дека го следат „импулсот“ на „НАРОДОТ“ со тоа што ќе поддржеа едно брдо независни и граѓански иницијативи , ама не, топли се „јајцата“ на Мијалков и Грујо - згора на тоа, да живее Периодичниот систем на елементи. Не се само Македонците „недржавотворен народ“. Такви се и Албанците. Односно, да бидам попрецизен, нивните партиско-политички репрезенти.

Овој пат не ви поминува.

За среќа, 500-те души кои успеаја да ги соберат со нивната со нивната гуланферска дружина се само еден слика дека „народот“ не е со нив. Дека „Албанците“ не е еднакво на ДУИ, дека албанштината не претставува надградба на платформата на ДУИ, туку тезга со која ДУИ по потреба тргува.

Како на ВМРО, така и на ДУИ им дојде време да си ги соберат парталите и да одговараат за секој криминал  - секако, оние кои го сториле тоа. Албанштината и патриотизмот не може да им бидат штит со кој сè уште ќе кемкаат дека се обесправени и депривирани од човековите права и слободи. Одамна Албанците не се малцински народ во оваа држава, особено не функционерите и политикантите коишто над 15 години цицаат од државата, односно од наши пари.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слики: Странски служби

ОкоБоли главаВицФото