Дали навистина постојат само седум различни видови убавина?

15.03.2016 01:32
Дали навистина постојат само седум различни видови убавина?

Скулптура за носење од Ана Рајчевиќ, на триеналето во Музејот за дизајн „Купер Хјуит“. Фотографија на Фернандо Леса.

„Убавината е екстравагантна, трансгресивна, елементарна, трансформативна, етерична ...“ Музејот за дизајн „Купер Хјуит“ во Њујорк ја вредува недефинираната убавина. Дали нивните карактеристики се погрешно протолкувана научна претпоставка или храбро справување со едно табу?

Хуманата потрага на поетот Китс по вистинското значење на убавината е веќе одамна надмината, тоа е тема за која веќе не се дискутира. На сличен начин работите станаа појасни и во областа на практичната физика, кога се докажа дека Хигсовиот бозон постои. „Што е она што те прави убав?“ – гласи рефренот на истоимената песна на американскиот бој бенд One Direction. Кустосите на њујоршкиот Музеј за дизајн „Купер Хјуит“ не само што го знаат одговорот на ова прашање туку - како средновековен научник кој го утврдува постоењето на седум видови ангели - тие веруваат дека постојат седум видови убавина.

Всушност, „Купер Хјуит“ прави еден навистина храбар потег. Новоотвореното дизајнерско триенале на музејот стои зад идејата за недофатливоста на убавината, тема која современата критика сè почесто ја избегнува. На славењето на убавина се гледа како буржуаска идеја, или кога станува збор за човечкото општество, опресивна, имајќи ја предвид нејзината поврзаност со ригидните норми со кои некои од нас сепак можат да живеат. Во уметноста, на оваа практика се гледа како на предмодерна и регресивна. Денешната уметност често се стреми да биде нешто повеќе од убава - сериозна, критична, радикална или „вознемирувачка“.

Серијата насловена „Formwork“, од факултетот за индустриски дизајн, 2014

Во древниот медитерански свет, скулпторите измислија „канон“ на совршени човечки пропорции, за што сведочат хармоничните пропорции на грчките и римските храмови. Леонардо да Винчи бил само еден од ренесансните уметници кои се приклонувале кон оваа идеја за совршенство. Неговиот познат „Витрувијански човек“ е всушност илустрација на грчкиот канон на човековите пропорции, а бил именуван според римскиот автор Витрувиј.

Најпроблематичната химна на убавината во ренесансната уметност е сликата на Андреа Мантења која сега се наоѓа во Лувр. „Минерва ги протерува порочните“ ги портретира боговите и доблесните како физички совршени суштества, а порочните како грди и деформирани: убавината е добрина, грдоста е грев. Сепак, овој класичен култ на убавината постојано го губел авторитетот. Во времето на барокот се појавува Рубенс со своите полнички месести тела, Рембрант наоѓал убавина во староста, а Веласкез сликал благородни портрети на шпанските џуџиња.

„Миневра ги протерува порочните“ на Андреа Мантења

Денес повторно сме сведоци на револуционерни ставови за убавината. Во време на родова флуидност, абнормалните и нормални слики на женскоста и машкоста непрестајно калеидоскопски се менуваат и ослободуваат. Тоа, според мене, е токму она за што „Купер Хјуит“ се залага. Кога ќе се размисли повнимателно, нивните седум видови на убавина се само еден вид - новиот вид. Убавината во 21 век е мобилна, променлива и слободна категорија. Таа е чудна и демократска или, ако повеќе ви се допаѓа, „екстравагантна, трансгресивна, развојна, трансформативна, етерична...“

Не постои збор кој може да ја опише променливата природата на убавината на нашево време. Сепак, овој музеј одбрал одлична тема за да ја прослави тригодишнината. Најстариот концепт во уметноста е исто така и најсубверзивен, опасен и современ.

Извор:www.theguardian.com

ОкоБоли главаВицФото