Младите сè повеќе бараат перспектива во кулирањето

17.03.2016 12:11
Младите сè повеќе бараат перспектива во кулирањето

Хроничната невработеност како последица на тешката состојба на пазарот на труд ги натера граѓаните да побараат каков било излез од ваквата ситуација, а голем број млади својата перспектива ја пронашле во кулирање.

„Долго барав работа без никаков резултат, што на крајот почна ужасно да ме оптоварува. На советот од еден пријател одлучив малку да искулирам и таа одлука потполно ми го промени животот“, раскажува 30-годишниот Марко Јотовски, дипломиран филозоф.

„Набрзо открив и други луѓе кои ја практикуваат оваа активност, ги здруживме силите и сега кулираме заедно. Сепак, ова немаше да успее без поддршка од најблиските, родителите, баба ми и дедо ми, кои ми помагаат колку што можат и така ми ги обезбедуваат неопходните услови за кулирање“, истакнува тој.

Како што дознаваме, овие млади луѓе кулираат на различни места, во парковите, пред кооперација, на социјалните мрежи, а секако, најценет облик на кулирање е оној по скопските кафулиња.

„Кулирањето не е за секого“, предупредува Марко. „Тоа е целодневна активност која од вас бара целосна посветеност. Доколку не сте спремни да дадете сè од себе, ако немате поддршка од семејството, подобро не почнувајте со кулирање“, напоменува тој.

Марко додава дека ова е сепак само привремено решение и дека ќе престане со кулирање и ќе побара работа штом се подобри економската состојба во Македонија. Тврди дека е оптимист и верува дека наскоро сè ќе биде кул.

Извор: www.njuz.net