Новата „избалансирана“ телевизија

23.03.2016 14:02
Новата „избалансирана“ телевизија

Да, таа телевизија треба да биде новата телевизија која ќе известува „вистински избалансирано“. Слично како телевизијата Телма или 24 вести, но сепак „нивна“. Затоа после дебаклот на Сител и Канал 5, и сега, во екот на преговорите за медиумите, „Министерството за пропаганда“, со свежа „имитација на животот“, пушта во промет нова телевизија. Популарни новинари од спомнатите две телевизии (Телма и 24 Вести) и неколку други, треба да се купат, бидејќи со нивниот „интегритет“ и „рејтинг“ веднаш ќе добие на вредност новата „избалансирана“ телевизија.

Но сè што влегува во полето на дејствување на „Министерството за пропаганда“, на чело со малициозниот шеф М. П., автоматски губи интегритет и идентитет. Така е и со овие новинари, за кои, за жал, тука завршува кариерата, заедно со нивниот интегритет. За жал. Не, не, не, за Пари!

Оваа власт е убедена дека со пари може да купи сè. Во пивтиеста маса, во, како го викаат оној специјалитет, пача, се претвора секој кој работи за нив и со нив.

Операторот веднаш ја закачи новата телевизија на канал 10. Добро смислено - на местото на фината Телма. Така „по инерција“ веднаш добива гледачи, малку збунети додека сфатат дека на тој канал повеќе не е Телма, туку нешто друго. Срамота!

Ова е уште една работа, дело на „Министерството за пропаганда“. Исто како што дел од УБК беше добро опремена и организирана да прислушкува стотици разговори, преку ноќ да ги селектира „најинтересните“, за следното утро на масата на директорот да се најде „материјалот за понатамошна обработка“ (кој ќе се стави во функција на уцени, за крадење информации, крадење идеи), така функционира и „Министерството за пропаганда“. Бидејќи овие луѓе од власта не се креативци, да се разбереме, тие се само имитатори. Се следи што се случува во медиумите, во културата, се крадат илјадници идеи, и сега истото е и со новата телевизија. После анализата и обработката на податоци (гледаност, резултати од разни анкети итн.), на крај шефот го добива целиот материјал на маса, дури и готовиот заклучок: треба да се имитира фината Телма и веднаш да се зафати нивниот канал! Да, се менува политиката во пропагандата: од груба, вулгарна и простачка каква што беше таа на Сител во „фино“, перфидно избалансирано убиство на слободата.

Можат тие добро да работат, одлично организирано да функционираат во своето злосторничко здружување, бидејќи нивниот ум по десет години пракса веќе е специјализиран за злобни, пакосни, подмолни, лукави дела.

Па, драги читатели, ова е мојата единствена желба. Едноставно, да ги исклучиме тие нивни канали, и старите и новите, да ја исклучиме од апаратот кој ја снабдува со крв оваа власт, и таа веднаш ќе падне во кома. Само пропагандата ги одржува во живот.

Друга храна која ќе ги одржува и понатаму и во комата ќе бидат само парите. Ако се пречесе и тој извор, мртви се.

Така дојде време кога стана најбитно на која страна си и како што кажа новинарката Јорданка Ивановска-Јоци: ...Прашање е – кој ќе биде на страната на вистината од граѓанството, а кој на страната на лагата. Ете, јас одбрав да бидам на страната на вистината, да шетам со евтини чевли и да немам понекогаш ни за бензин. И баш ми е убаво во моите чевли и во мојата кожа“.

Не можам повеќе за ова да пишувам, веќе ми се гади. Ми се превртува утробата исто како кога ќе помислам на „пачата“.
Бегам на некоја планина, каде што нема „фино-избалансирани“ канали. И таму е мојата земја и таму сум јас тоа што сум, идентитет и интегритет.

Мој предлог е едноставно да се исечат тие нивни кабли, тотална блокада, и крај, паѓаат во кома.

П.С. FEEL THE NEWS - па уште на англиски ни се обраќаат со својот слоган. Да сме ги почувствувале вестите, не на македонски, туку на англиски. Како автоматски да влегуваме во Европа со нив, затоа веќе не ни се обраќаат на македонски или на албански или кој било друг јазик што се зборува во Македонија. Европска телевизија! А дури и името го украдоа! Мизерија. Толку.