Нема алтернатива за изнаоѓањето алтернатива

29.03.2016 10:00
Нема алтернатива за изнаоѓањето алтернатива

1. Неолиберализмот претставува само враќање во форма на капитализмот. Како идеологија неолиберализмот многу добро се вклопува во моментот „нема алтернатива“ затоа што неговиот порив да се воопшти пазарната зависност вообичаено го деполитизира општествениот живот и неговите резултати. „Пазарот нè натера да го направиме тоа“, стана национален изговор, а капитализмот со човечко лице од повоеното доба е заменет со капитализам кој воопшто нема лице. Адолф Рид рече дека неолиберализмот „едноставно е капитализам кој всушност се ослободил од опозицијата на работничката класа.“ Големата вредност на концизната карактеризација на Рид лежи во тоа дека нè води надвор од дискурсот, од идеологиите и дури од цели групи политики, за да согледаме дека неолиберализмот доведе до радикално поместување во рамнотежата на општествените сили.

Изворите на неолиберализмот на тој начин можат да се разберат не како ненадеен пресврт кон подмолноста на капиталистичките елити, туку како одговор на тие елити на кризата која не можеле да ја занемарат. Капиталистичкиот одговор на кризата во текот на седумдесеттите години, кога исцпреноста на повоениот бум коинцидираше со милитантноста на работниците за да се извлече профит, беше воведување уште повеќе капитализам. Капиталистичките држави предводени од САД одлучно тргнаа кон она што Грег Албо го нарече „нов облик општествено владеење“, „класен проект“ за драстично реструктуирање на општествените односи и социјалните институции за да се поддржат акумулацијата на капиталот и ревитализацијата на профитот.

Лесно можеме да се насочиме кон споредување на неолиберализмот со повоената држава на благосостојбата и да се обидуваме да најдеме начин да се вратиме во минатото. Но, таа носталгија само го рефлектира длабокото намалување на нашите очекувања. Што и да било позитивно во државата на благосостојбата (и голем дел од тоа навистина е од големо значење), таа исто така имала и сомнителна историја за женските прашања, класната нееднаквост, прикриената сиромаштија и колонијализмот. Како и да е, обидите да се вратиме во повоената држава на благосостојбата би довеле до истите противречности кои довеле до напад на нејзините достигнувања. И, се разбира, враќањето низ времето би значело многу радикално размонтирање на драматичните поместувања кои оттогаш се случиле во глобализацијата, финансиите и улогата на државата. Сето тоа, многу добро им е јасно на капиталистичките елити. Иако, капиталот порано покажал интерес за привремен компромис со работната сила, сега тоа не му е ни на крајот од умот, а тоа значи дека нема ни социјална база за нов „општествен договор“.

Понатаму, повнимателниот поглед на државата на благосостојбата открива континуитет помеѓу тој период и неолиберализмот. Токму за време на повоеното златно доба биле удрени темелите за неолиберализмот: заговарање послободна трговија, експлозивен раст на мултинационалните компании, брз скок на финансискиот сектор во поддршката на мултинационалните компании, но исто така и зголемување на хипотеките за работничката класа и пензионирањето. И, токму во тоа време продуктивизмот ги турнал на работ порадикалните погледи на демократската контрола на производството и грижата за социјалната еднаквост. Тој пораз, заедно со стеснувањето на перспективите и можностите кои дошле со него, го направил работничкото движење особено ранливо за идните неолиберални напади.

Поентата на сето ова е дека соочувањето со неолиберализмот бара повеќе од етички противаргументи или враќање кон малку поподносливото минато. Мора да имаме алтернативна визија и да развиваме соодветна општествена моќ за да можеме да ѝ пружиме отпор не само на филозофијата на неолиберализмот, туку и на скелетот на „реално постоечкиот капитализам“.

2. Да не го издвојуваме финансискиот сектор. „Продуктивниот“ капитализам е подеднакво голем проблем како и „шпекулативниот“. Како слободно лебдечки, апстрактен капитал, финансискиот сектор често се смета за шпекулативен, паразитски и во конфликт со „вистинското“ производство. Добар дел од тоа има логика, но сепак треба да се запрашаме зошто, ако финансиите се толку контрапродуктивни и ако нанеле толкава штета (особено за време на последната криза), другите капиталисти не започнале заеднички напад на светот на финансиите? Зошто не дошло до расцеп во рамки на капиталот?

Само делумно, одговорот е дека многу од тие други капиталисти исто така влегле во финансискиот сектор. Поважно е тоа што дури и да не е така, капиталистите надвор од финансиите разбираат дека тие се клучен дел од нивниот сопствен успех. Финансискиот сектор не само што им дал работа и потрошувачи на кои им требаат со ниски каматни стапки; исто така, се наоѓа во средиштето на неолибералното реструктуирање. Финансискиот сектор го прераспределува капиталот таму каде што е најпрофитабилен, форсира затворање фабрики кои пазарот ги смета за неефикасни, посредува во здружувањето на компаниите, а поттикнува развој на нови high-tech компании.

Особено е важно што, иако дериватите го зголемија системскиот ризик во капитализмот како целина, пазарите им служеа на компаниите во борбата со меѓународните несигурности на курсовите, каматните стапки и глобалните политички настани. Најпосле, финансискиот сектор донесува заштеди на глобално ниво во САД и на тој начин ја прави можна надзорната улога на САД во глобалниот капитализам. Секако дека не треба да се брани финансискиот сектор, но пред тоа треба да нагласиме дека тој не е одвоен од капитализмот. Ирационалностите на финансиите се ирационалности на капитализмот. Токму тоа што капитализмот создаде таква антисоцијална институција нужна за своето функционирање, го прави достоен за презир како општествен систем.

3. Глобализацијата не е Пандорина кутија. Не мора да значи дека сега е „предоцна“ да се користи политиката во борбата против капиталот. Глобализацијата е третиот агол од можиот триаголник кој ги вклучува и неолиберализмот и финансијализацијата. Клучно е да се разбере дека глобализацијата почнува дома. Доколку условите за слободна трговија и слободен проток на финансии не се воспоставени во рамки на секоја држава, нема ни глобализација. Ако гледаме од таа перспектива, подемот на неолиберализмот и тоа како се потпирал на воспоставувањето домашни услови за процвет на глобалната акумулација. Истовремено, тежиштето на неолиберализмот го канализирало ризикот од поделба меѓу капиталистичките држави во општ напад на работничката класа во рамки на секоја држава. Неолибералното решение на кризата од седумдесеттите се разликувало од она во Глобалната депресија од триесеттите по тоа што во претходниот период интернационализацијата на капитализмот била попречена, додека во подоцнежниот период се забрзала. Тоа се однесува и на последната криза, затоа што продолжението на неолиберализмот е блиско поврзано со продолжението на слободната трговија и брзото замолчување на сите обиди да се постават сериозни контроли за кружењето на капиталот.

Глобализацијата, како и неолиберализмот, не е неизбежна, туку се работи за свесен „класен проект“. Глобалниот капитализам беше поделен во ривалските сфери на влијанијата, а капиталистичкиот интернационализам беше запрен со двете светски војни и протекционизмот од Големата депресија. Последичната ревитализација на глобализацијата не се случи спонтано, туку таквиот развој на настаните зависеше од државите, пред сè од САД.

4. И покрај сето она што ни го зборуваат, одредени национални држави играат поголема улога во експанзијата на глобалниот капитал повеќе од кога било. На државите често се гледа како на жртви на глобализацијата и се смета дека меѓународните притисоци ја ограничуваат нивната автономија. Но, државите ја охрабрија јавноста да ги прифати глобалните правила, и за таа цел, воспоставија институционални рамки кои ја овозможуваат глобализацијата.

Државите се „интернационализирани“ што е дел од процесот за создавање на глобалниот капитализам: преземаа одговорност, во рамки на своите јурисдикции, за поддршка на акумулацијата на сите капиталисти, домашни и странски. Повеќе или помалку, корпорациите станаа зависни од многу држави, нивната врска со државата нималку не е намалена.

Пазарите не можат да постојат без државата, не само заради воспоставување физичка инфраструктура и сопственички права, туку и затоа што државите воспоставуваат рамки за договори, манипулираат со класните односи и ги адресираат противречностите и кризите кои капитализмот неизбежно ги создава. Либерализацијата на финансиските пазари во САД, на пример, доведе до драматичен пораст на регулаторните можности за олеснување на либерализацијата. Корпорациите, фокусирани на својата сопствена конкурентност и профитот, можат да не го видат дрвото од шумата, и така да зависат од државата која потоа ги адресира, посредува и дури ги обликува покрупните капиталистички интереси. А, капиталистичките држави, се разбира, зависат од пазарите кои им овозможуваат бизниси и даночни приходи кои ѝ овозможуваат да се репродуцира и автолегитимира.

5. Ширењето страв од економски колапс или колапс на животната средина нема волшебно да ги претвори луѓето во социјалисти. Мораме да изградиме поголеми, демократски организации кои подоцна ќе можат директно да се пресметаат со државната моќ. Постојаниот говор дека одлучувачката криза се наоѓа зад аголот може да привлече внимание, но е контрапродуктивен како организациска тактика. Економската криза може да ги исплаши луѓето и да ги извлече на површина нивните најконзервативни инстинкти. Кризата може да ги намали очекувањата и да ги направи луѓето носталгични за времето пред кризата (без разлика колку жестоки биле претходните критики), со очајничка надеж дека можат да го поправат, но никако да го трансформираат или значително да го изменат капитализмот. Не можеме да очекуваме дека кризите ќе ја одработат нашата политичка работа. Ако мислиме дека капитализмот е систем кој го попречува човечкиот напредок, тогаш треба да ги увериме луѓето дека капитализмот е проблем, дури и кога функционира одлично.

Изјавите дека се ближиме кон крајот на својата планета, ако капитализмот не се промени радикално, пак, во луѓето побудуваат страв дека не можат да направат ништо за да се спречи тоа. Тоа дури може да го придобие народот за пазарно засновани „решенија“ кои се претставуваат како помалку ризични и практични. Би било покорисно да се постави прашањето за животната средина во рамки на пошироката борба која вклучува прераспределба на приходите и богатството, како и поправедна поделба на трошоците за борба за животната средина; потоа, културна промена во рамнотежата помеѓу индивидуалната потрошувачка на добра и колективни услуги; развој на јавните простори и очајнички потребна обнова на инфраструктурата (вклучувајќи го масовниот превоз); пренамена на потенцијално продуктивните услуги кои ги одбива пазарот во социјално корисни и потребни производи и услуги во однос животната средина. На тој начин би се поврзала кризата на животната средина со очигледната потреба на агендата да се стави демократското планирање и да се почне да се зборува за претворање на приватните банки во јавни сервиси.

Движењата кои се појавија неодамна не се хомогени, ги воведоа новите генерации во светот на политиката, покажаа дека креативните и храбрите акции можат да допрат до пошироките маси, се осмелија да истапат со класната политика (иако во недоделкан облик) и изглегоа со валидни критики за старата левица. Но, се наоѓаме во слепа улица, ако мислиме дека општествените медиуми можат да бидат решение за проблемот на организирањето наместо комуникациски алат или ако се задржиме на досега постигнатото ниво на политичко мислење во рамки на тие движења. Хоризонтализмот го спречува одлучното колективно дејствување, а постојаниот протест го заменува со политика на трансформативни промени. Предизвикот се состои во тоа што треба да се развие и прошири колективната доверба и капацитетот за изработка на стратегии, за ширење на знаењето и изградба на алтернативни политички институции.

6. Постојат многу угнетувања кои не смееме да ги игнорираме. Но, класната експлоатација е предуслов за сите нив. Создавањето на работничката класа е нераздвојно од историските интеракции на расите, родот, етницитетот и класите. Работничката класа секогаш ги вклучува разликите и идентитетите. Но, за жал, левата политика често била деструктивно поларизирана во спротивставувањето на класите и идентитетите.

Идентитетската политика се појави во седумдесеттите, делумно заради неуспехот на левицата да ги адресира и интегрира специфичните начини на угнетувањето во класната политика (особено жените и Афроамериканците). Никако не е случајност што подемот на неолиберализмот се совпаѓаше со тие настани, дотолку што неолиберализмот беше можен заради општата слабост на синдикатите и левицата. Но, додека идентитетската политика често додаваше нови слоеви и ја зајакнуваше политиката на работничката класа, исто така ја содржеше опасната тенденција да ја остава настрана посебноста на класата.

Беше многу иронично што во истиот момент во кој државата го отпочна сеопфатниот напад на моќта на работничката класа, идентитетската политика ја расцепи работничката класа на уште пофрагментирани подгрупи. Иако, идентитетите очигледно се многу важни, сепак од нив не може да се создаде нова политика, затоа што нивната суштина е одвоеноста. Потребно е нешто друго за да можат да се обединат во поширока, поинтегрирана и покохерентна политика, нешто над партикуларистичките грижи и идентитетите и синдикатите. Тоа „нешто“ е класата.

Тоа можеме да го разјасниме со примерот преземен од делото на Волтер Бен Мајклс. Факт е дека социјалната несигурност е многу поголема закана за Афроамериканците отколку за белците, без оглед дали ги гледаме приходите, богатството, образованието или здравствената заштита. Тој факт може да се користи за да се мобилизираат Афроамериканците како посебно угнетена група, но таа тактика доведува и до ризик од ограничување на проблемот во политичка смисла бидејќи Афроамериканците претставуваат околу 10 проценти од населението во САД. Таквиот тактички фокус во најдобар случај веројатно би довел само до ограничени реформи или добивки по пат на позитивна дискриминација кои ѝ одат во прилог само на онаа подгрупа од црното население која е најподготвена за „победа“ на пазарот на трудот.

Алтернативата за тоа е што расно обележаната нееднаквост се дефинира како дел од многу поопшта класна нееднаквост и дека класата се мобилизира како целина околу прашањето за универзалната здравствена заштита која ја обезбедува државата, бесплатен и квалитетен образовен систем, работни места со надница која ги покрива основните животни трошоци и пензија од која може да се живее. Единствено таквиот пристап има потенцијал за изградба на политички можности за реална реформа и таквите реформи, со оглед на природата на постоечките нееднаквости, диспропорционално би ѝ помогнале на афроамериканската работничка класа.

Предизвикот на класната политика е како да се обединат различностите така што ќе се создаде целосна почит и еднаквост во рамки на класите – од еднаквоста на платите и борбата против дискриминацијата на работното место до репродуктивните права, од социјализацијата на семејните оптоварувања како грижата за децата и воспоставувањето еден статус за имигрантите – за да се позанимаваме со поголемите прашања за целосна еднаквост во рамки на општеството. И, тоа на тој начин што класата ќе ги надигра и никако нема да ги потценува прашањата за идентитетите.

7. Мораме да купиме малку време. Прашањето за поголема контрола над времето е предуслов за ново одржливо политичко движење и иницира специфичен сет барања околку кои може да се мобилизира. Неолибералното реструктуирање на пазарот на трудот и зголемувањето на бројот платени часови по семејство за да се одржи чекор со оброците на хипотеката и потрошувачката, значајно го зголемија временскиот притисок врз работничката класа. Без време за да читаме, размислуваме, уживаме во уметноста, да се состануваме и дејствуваме, тешко е да се замисли дека можеме да изградиме движење кое би можело да доведе до социјални промени на истраен начин.

Успешното институционализирано движење би можело да ги побуди како моменталните така и новите активисти, и на тој начин да го претвори дотогаш пасивно поминатото време (закрепнување од фрустрираните животи) во политички активно истрошено време. Тоа би можело да помогне, но не го разрешува проблемот за пронаоѓање доволно време поединецот да ѝ се посвети на политичката работа во потребната мера. Какво било решение за тој проблем ќе мора да ги опфаќа длабоките културни промени и радикалната прераспределба на приходите.

На пример, тешко е да се дојде до решение за тој проблем ако и понатаму инсистираме на континуиран раст во приватната потрошувачка. Ако, пак, ја земеме поголемата општествена продуктивност во смисла на колективните улоги кои се покриваат со општото оданочување, временските притисоци би можеле да се намалат на три начини. Прво, услугите како социјализираната грижа за децата и постарите или подобар јавен превоз, можат да заштедат многу слободно време. Второ, ако целиот растечки аутпут по глава не е пренасочен во повеќе потрошувачки добра, може да се оствари со помалку часови потребен труд – со што исто така се адресираат некои притисоци врз животната средина. Трето, тоа поместување кон колективните потпори самото по себе е поегалитарно затоа што даноците кои ги покриваат вообичаено се засновани на приходите, додека потпорите се засновани на потребите.

Поголемата еднаквост, зацврстена со зголемувањето на надниците на најслабо платените слоеви, може да ги намали притисоците на работниците со пониски надници истовремено да имаат две или три работи кои значително повеќе им го трошат времето и се концентрираат само на една работа. Во таа смисла, проблемот не е само бројот одработени часови, туку и способноста за контрола кога се одработуваат тие часови. Особено е важен конфликтот помеѓу флексибилноста што ја бараат работодавачите и контролата што ја бараат работниците, а тоа е дел од општиот проблем на работното преоптоварување кое нè исцрпува и влијае на тоа како го користиме своето „слободно“ време.

8. Можеме да му помогнеме на остатокот од светот така што прво ќе исчистиме пред својата врата. Социјалната правда е универзална според својата природа; заради тоа, сите потези на левицата мораат во себе да содржат интернационалистички сфаќања. Но, ако не можеме ниту да изградиме единство на работните места во истиот синдикат, ако домашните синдикати се натпреваруваат едни против други за членство наместо да работат на изградба како класа, и ако приватните или јавните работници се раздвоени во рамки на националните држави – како во такви околности може да имаме учинок преку леганлните, административните и културните дистанци на меѓународното дејствување? Како можеме да придонесеме за трансфер на технологијата на глобалниот Југ, ако не го контролираме производството? Како можеме поправедно да ги распределиме приходите и богатството, ако не ги контролираме своите држави? Интернационализмот е ограничен од нашите можности на национално ниво.

Маркс и Енгелс во Комунистичкиот манифест аргументираа дека, иако во содржината борбата е меѓународна (она што работниците го прават на домашен план има индиректни учиноци на работниците во странство), таа во својата форма е национална (работничките класи мораат прво да се соочат со својата сопствена буржоазија). Секако, можеме и треба да се вклучиме во специфичните чинови на солидарност околу поединечните борби во странство. Би требало да се мобилизираме и да ги спречиме интервенциите на нашите држави во странство кои ги поткопуваат експерименталните проекти од важност за сите прогресивци каде и да се. Но, нашиот најважен секојдневен придонес за меѓународното движење мора да започне дома. Борбите во една земја создаваат простор и ги инспирираат борбите на работниците во другите земји. Тоа ја вклучува солидарноста со мигрантите како соработници. А, изградбата на движење во рамки на нашите земји е најефикасен придонес за изградба на меѓународно социјалистичко движење.

Слики: Grayson Perry

Извор: http://www.zarez.hr/

Слични содржини

Општество / Свет / Став / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество
Општество / Свет / Историја
Свет / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото