30 март 2016: ден за паметење?

01.04.2016 11:11
30 март 2016: ден за паметење?

Ако судев по утрото, 30 март не навестуваше драматични настани. Хеликоптерот го надлетуваше градот. Полицијата го обезбедуваше транспортот на притворените по испразнетите улици до комплексот судски згради. Скопјани, нервозни, ги нагазиле автомобилските сирени. Секојдневие. А претходниот ден беше обележан со судиска одлука со која беше одбиено уште едно барање од Катица Јанева. Речиси секојдневие, рутина на кривосудството македонско. Партиско-полициско-обвинителско-адвокатско-судската многуглава хидра на режимот на Груевски и Ахмети изврши уште една (не знам која по ред) опструкција на напорите на СЈО правото и правдата да заживеат во Македонија. Не само што судијата не дозволил претрес во станот на шефот на Петтата управа, туку шефот исчезнал, најверојатно во седиштето на сè уште владејачката партија.

МАКЕДОНИЈА ПОДГОТВЕНА ЗА ИЗБОРИ?

Првото изненадување утрото на 30 март ме пречека на насловната страница на „Слободен печат“ од која Заев порачува: „СДСМ е подготвен за избори на 5 јуни, на кои, уверени сме, промените ќе се случат. Народот е охрабрен, рејтинзите се променети, Македонија е подготвена за избори“. Прочистувањето на избирачкиот список и регулацијата на медиумите ги спомнува како нешто што се подразбира, нешто што е на повидок. Заев најдобро си знае колку му е подготвен СДСМ за избори на 5 јуни и немам намера да спорам околу тоа. Моето прашање е дали државата, односно државните институции се подготвени за кредибилни избори на 5 јуни. Моето прашање е дали граѓаните веруваат дека државните институции ќе им овозможат слободно да ја изразат својата волја кога гледаат како обвинителите и судиите беспоговорно ја исполнуваат волјата на налогодавците од власта. Членовите на ДИК ги шетаат списоците на спорните гласачи по дома и по партиските штабови и згора објавуваат лични податоци на интернет. Гледаат граѓаните и дека на Миленко не му фали влакно од главата иако од ден на ден гази и по граѓани и по Уставот. Гледаат дека МРТ, јавниот сервис кој го плаќаат од свој џеб, продолжува да биде сервилен сервис на кликата на власт. Гледаат дека правдата е бавна без оглед на вистината која сите ја знаеме. Гледаат дека се уништуваат докази. Гледаат дека премиерот не е премиер, туку нем чувар на престолот на партискиот му шеф. И гледаат дека кликата на власт преку ноќ ќе ги менува законите за да си го спаси газот, а по можност и власта. Гледаат дека Уставниот суд се мисли да го укине СЈО. Моето прашање е дали јас и Заев живееме во иста земја? И дали јас сум преголем скептик, а тој е преголем оптимист? Или тој знае нешто што јас не знам?

КАТИЉ-ПОРТРЕТ

На четвртата страница од весникот ме пречекува фотографија која го оправдува мојот скептицизам. Мајсторска фотографија на Елена Героска. Од долен ракурс се гледа една гротескна фигура, со главата поткрената од чувството на сопствената важност. Левата рака на гротескната фигура, небаре сабја или инструмент за давење, се задржала под вратот. Како да најавува дека ќе паѓаат глави. Налудничавиот триумфализам на лицето на гротескната фигура јасно порачува дека не се работи за неговата, туку за туѓи глави. А во заднината, малку дефокусирано, се наѕира едно озарено лице кое веќе ги гледа истркаланите глави. Ја кревам главата и го читам насловот во кој е цитирана изјавата на Аневски: Ако Јанева не ги образложи барањата, не ѝ ги даваме предметите. А кој беше Аневски? Претседател на Советот на јавни обвинители, до неодамна анонимус и аминџија кој мисли дека сега е обер-обвинител кој ќе го задолжи Газдата како што Андреј Вишински го задолжил хазјаинот Сталин, како што Фукје-Тенвил го задолжил „непоткупливиот“ Робеспјер, како што Ернст Лунц го задолжил Фирерот. Фотографијата кажува сè за тоа на што е подготвена оваа фигура под товарот на сопствената грандоманија.

ЏГАН

Вечерта со љубопитност и возбуда го гледав филмот на Вардан Тозија „Џган“. Го видов нашето СЕГА и нашето ОВДЕ. Сирово и сурово, без ракавици. И без ескапизам и калкулантство. Така како што заслужуваме. И видов еден чудесен актер. Тинејџерот Мартин Ѓорговски. Неговиот поглед изразува сè. Вџашеноста од бездушноста на моќниците, болката поради уцената чија жртва се тој и другите отпишани „пацови“, гневот и бунтот за кој има повеќе од доволно причини. Неговиот Филип не си простува себеси, но не им простува ни на оние кои го принудија да биде она што не е. Не ни простува ни нам зашто го трпиме ова наше СЕГА и ОВДЕ.

КОЛКУ ЌЕ ТРАЕ РАДОСТА?

Доцна вечерта дознавам дека бегалецот Горан Г. (не знам дали презимето му е Груевски, Грујовски или Груески) се припојавил и по деветчасовно испрашување му одредиле притвор од 30 дена. Возбуда и радост на социјалните мрежи поради првата вистинска победа на СЈО. Оние кои не веруваа во Катица сега ја слават. Оние кои си молчеа, се огласија. Не сите, но мнозина.

Дали ќе ги отседи Горан Г. тие 30 дена или ќе се најдат судии кои ќе му ја укинат мерката? Дали за тоа ќе одлучуваат истите судии кои се „прославија“ со одлуки кои одобруваа притвори долги како робија? Колку компромитирачки разговори на тие судии има Горан Г.? Зар налогодовците ќе го остават тој да „пропее“? Дали сега ќе ги притиснат своите пет уставни судии по итна процедура да го укинат СЈО како институција надвор од Уставот? Се прашувам дали Заев и опозицијата имаат стратегија за одбрана на СЈО? Се прашувам дали пак ќе бидат затечени како кога Стевче го узурпира просторот за протестот најавен од Ајде! пред очите на МВР? Таа ноќ водените топови на МВР беа свртени кон граѓаните кои пријавија мирен протест пред Уставниот суд.

Ниту правото ниту правдата не живеат во Македонија. Сè уште не гледам гаранции за слободни, фер и демократски избори. Опозицијата предводена од Заев не смее да се откаже од реформите кои се неопходни за кредибилни избори. Ова е последната шанса за Македонија!

Извор: Плусинфо