Зошто на 5 јуни да не го повториме 17 мај?

07.04.2016 02:57
Зошто на 5 јуни да не го повториме 17 мај?

Прво, треба да се поздрави одлуката на опозицијата за бојкот на изборите кои ќе се одржат на 5 јуни. Деновиве притисокот врз врвот на опозицијата ќе се зголеми, но враќање на шините кои носат на избори не смее да има. Искрено и од срце ѝ посакувам на опозицијата да опстои на одлуката од вечер, како за нејзино, така и за наше добро.

Очекуваме од утре опозицијата да излезе со јасен план за активности кои граѓаните ќе ги повикуваат на бојкот на уште едни криминални избори, кои режимот вечерва ги фиксираше за 5 јуни. Нема да седиме и да гледаме како режимот организира уште еден криминален изборен процес, нели? Додека режимот ќе биде во изборна кампања и ќе бара гласови, опозицијата не смее да си дозволи да биде пасивна, ќе мора да повикува на бојкот. Да им објаснува на граѓаните дека нема услови за фер и демократски избори, дека избирачкиот список не е прочистен, ниту медиумите се решени, ниту ДПМНЕ е одвоена од државата. Посебно ќе треба да се објаснуваат сите пречки кои режимот му ги прави на Специјалното јавно обвинителство!

Опозицијата ќе треба да се обиде да ја избегне стапицата која ѝ се спрема, а тоа е меѓународен притисок и гаранции за регуларни избори. Собранието веќе нема да може да се состане за да гласа закони за решавање на медиумската сфера и одвојување на партијата од државата, па зборот „фер“ веќе никој нема да може да го залепи за изборниот процес, но она што е повеќе од јасно вечер, тоа е дека ВМРО, ДУИ, ДПА и меѓународната заедница со сите сили ќе се обидат да нѐ уверат дека е можно прочистување на избирачкиот список до пред изборниот ден, како услов за регуларни избори. Тоа е лага, а опозицијата не ќе смее да им влезе во стапица, покрај сите ветувања, убедувања, притисоци, па и закани од режимот и меѓународната заедница.

Мислам дека серијата активности кои опозицијата ќе ги организира за промоција на бојкотот на изборниот ден би требало да заврши со голем граѓански протест на самиот 5 јуни. На изборниот ден некој нека оди на гласање, повеќето да одиме на протест. Зошто на 5 јуни да не го повториме 17 мај?

П.С. Ах, да, и никако веќе нови фиксирани датуми за некои идни избори по 5 јуни. Прво услови, па откако опозицијата ќе констатира дека условите постојат, тогаш да се распишат избори.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Фотографија: Ванчо Џамбаски