Тортура и измачување е второто име на Македонија

08.04.2016 00:43
Тортура и измачување е второто име на Македонија

Тортурата и нечовечкото однесување се масовна појава, не само во казнено-поправните институции, туку и во секојдневната практика на постапувањето на полицијата и неказнето однесување кон многу ранливи групи население. Предметот „Тортура“, што помпезно го отвори Специјалното јавно обвинителство, е поттик граѓанскиот сектор поинтензивно да се занимава со овој проблем.

 

Случајот „Тортура“ на Специјалното јавно обвинителство на Катица Јанева го отвори прашањето што со години наназад се турка под тепих – има ли во Македонија мачење или друго сурово и нечовечко постапување и казнување?

Употребата на прекумерна сила од страна на полициски службеници во вршење на должноста, не е новост во Македонија. Можеби во последниве години новост е тоа што граѓанските организации на овие злодела веќе не гледаат со помиреност и кревање рамена, или со очекување да се огласи странскиот фактор. Затоа што, Кривичниот законик е прецизен. Во членот 142, тој вели: „(1) Тој што во вршењето на службата, како и тој што наведен од службено лице, или врз основа на негова согласност, ќе употреби сила, закана или друго недопуштено средство или недопуштен начин со намера да изнуди признание или некоја друга изјава од обвинетиот, сведокот, вештакот или друго лице, или ќе предизвика кај друг тешко телесно или душевно страдање за да го казни за кривично дело што го сторило или за што е осомничен тој или друго лице, или за да го заплаши или да го присили на откажување од некое негово право, или ќе предизвика такво страдање поради каков било облик на дискриминација, ќе се казни со затвор од три до осум години. (2) Ако поради делото од став 1 настапи тешка телесна повреда или други особено тешки последици за оштетениот, сторителот ќе се казни со затвор најмалку четири години“.

Но, за жал, македонските судови во последните пет години не пресудиле затворска казна за ниту еден случај на тортура. А вакви случаи секако имаше. Пред две години, на затвореник му се отстранети два внатрешни органи, откако вработен во затворот „Идризово“ крвнички го претепал. Случајот „Мартин Нешковски“ до ден-денес не е целосно затворен. Бруталните апсења и затворски третмани на Љубе Бошкоски и на Томислав Кежаровски допрва треба да добијат судски разврски. Првиот официјално признат политички затвореник, владиката Јован од Православната охридска архиепископија, која МПЦ ја смета за расколничка, исто така се жалеше на тортура во „Идризово“.

Предметот „Тортура“ со силни докази

Предметот „Тортура“, што го отвори СЈО, би можело да биде првиот сериозен случај што може да заврши со судска пресуда во полза на понижениот и измачуваниот. Експертите велат дека истрагата прецизно се фокусира на начинот на апсење на ексминистерот за внатрешни работи Љубе Бошкоски. СЈО има во посед непобитни докази дека лидерот на Обединети за Македонија бил жртва на мачење и сурово, нечовечко и понижувачко постапување и казнување.

Обвинителката Фатиме Фетаи, објаснувајќи го екстензивно случајот на начинот на апсењето на Љубе Бошкоски, констатираше дека прибраниот доказен материјал јасно покажува дека полициските службеници од единицата „Алфи“, во вршењето на службата, при лишувањето од слобода на Бошкоски му предизвикале душевно страдање. Тие очигледно ги пречекориле своите овластувања и употребиле средства за присилба, без да постои каков било отпор од страна на Бошкоски, притоа кршејќи ја Уредбата за употреба на средства на присилба и огнено оружје.

– Командантот на единицата „Алфи“, со зборовите „легнете го на земја, на земја да се апси“, „легни го долу, легни го долу“, издал наредба за начинот на реализација на апсењето, по што другите употребиле прекумерна физичка сила, насилно го легнале на земја, удирајќи го оштетениот Бошкоски по нозете и држејќи го за рацете. Тие го малтретирале, го застрашувале и го навредувале со зборовите „шефот ми рече, шефот ми рече осум години затвор не ти бегаат“, „нека лежи ѓубрето“, „ајде сега нека лае против шефот“, „пичка ти материна“, „дојде моментот да се реванширам“, „да ти ебам жената“ и со други вулгарни зборови и пцости спрема неговата мајка, сопруга и деца. Во тие моменти третоосомничениот му го ставил и пиштолот на левиот образ, упатувајќи му ги зборовите: „Бел ден да не видиш“. Ова не било крајот. Веднаш потоа го ставиле пред полски тоалет, со лицето кон вратата на тоалетот и во таа положба го држеле повеќе од половина час, со цел да биде снимен од медиумите, кои биле известени за настанот – сликовито го долови случајот обвинителката Фетаи.

Специјалното јавно обвинителство поднесе истражна постапка против седумте лица вклучени во акцијава, поради основано сомнение дека сториле кривично дело „мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување“ од член 142 став 1 од Кривичниот законик.

– Според сево ова, не е тешко да се заклучи дека на оштетениот Љубе Бошкоски му било предизвикано душевно страдање, директно му било понижено човечкото достоинство и личност и го дискриминирале по политичка основа. Впрочем, и вештачењето за неговата психофизичка состојба во тој момент, прибавено во предметот, го потврдува сево ова – заклучи Фетаи.

Европскиот суд поажурен од нашите судови

Правни експерти велат дека ако се суди праведно, доказите за вината на седумте осомничени се неспорни. Но, македонското судство нема такви искуства. Парадоксално е тоа што Европскиот суд за човекови права има повеќе пресуди за тортура во Македонија отколку нашите судови.

Воислав Стојановски од Хелсиншкиот комитет за човекови права, говорејќи за кривичното дело тортура на ТВ Телма, го изнесе податокот дека во последните пет години во Македонија нема ниту една пресуда за ова кривично дело.

– Хелсиншкиот комитет се обрати до сите судови во Македонија и побара информација дали имале осудителна пресуда во случај на тортура во периодот од 2010 до 2015 година. Од Основниот суд во Скопје, кој е воедно и најголем суд, добивме одговор дека во постапка имало само пет предмети, а само две од тие постапки завршиле, со условна осуда на обвинетиот. Ова е просто неверојатно, имајќи предвид дека минималната казна за ова дело е од три до осум години, а доколку е сторено од службено лице, четири години – вели Стојановски.

За ваквата состојба, тој вината ја лоцира во Јавното обвинителство.

– Главниот проблем се состои во непостапувањето на Јавното обвинителство. Дури кај четири од овие пет предмети или воопшто немало истрага, или истрагата била направена само колку да се каже дека ја имало и не било преземено сè што му стоело на располагање на Јавното обвинителство – појаснува Стојановски.

Она што е интересно е фактот дека само минатата година, Европскиот суд за човекови права донел повеќе пресуди за тортура во Македонија отколку македонските судови во последните пет години.

– Европскиот суд за човекови права минатата година донесе рекордни пет пресуди против Македонија за тортура. Државата беше огласена за виновна по членот 3 од конвенцијата, што се однесува на тортура. Тоа е парадоксално, да имате ситуација странски суд, кому му требаат години за да постапува, да има повеќе пресуди за тортура од сите наши домашни судови – вели Стојановски.

Изживување во „Идризово“, поголеми овластувања за полицијата

Изживувањата во казнено-поправните установи се случуваат на дневна база, далеку од очите на јавноста, а богами и од реакциите на правосудниот систем. Помеѓу најекстремните случаи на тортура е несомнено случајот кога пред две години осуденик сместен во затворот во „Идризово“ ги загуби бубрегот и слезината, откако по вербална расправија беше претепан од виш надзорник во затворот.

Јавното обвинителство го гонеше напаѓачот С.П. за нанесување тешка телесна повреда. Некои експерти уште тогаш предупредија дека постапката е целосно промашување, бидејќи се станува збор за школски пример на тортура, односно за нечовечко казнување. Случајот заврши така што тепачот од Основниот суд „заработи“ само шестмесечна затворска казна, по која продолжи непречено да ја извршува работата во затворот!

И случаите на полициска тортура во Македонија не се ретка појава. Веќе ги спомнавме случаите на Нешковски и на Кежаровски. Но, наместо државата да се сензибилизира и да се обиде да го надмине овој проблем, во март 2015 година полицијата доби уште поголеми овластувања и посовремени алатки за тортура врз „непослушните“. Собранието ги усвои измените во Законот за полиција, во делот на средствата за присилба, со кои се воведува користењето гумени куршуми и електричен парализатор. Овие средства се исфрлаат од употреба во повеќе земји во светот. Дополнително проблематично е што во Законот за полиција не е јасно прецизирана употребата на овие средства врз пропорционална основа.

Народниот правобранител Иџет Мемети вели дека вака како што се нормирани во нашиот Закон за полиција, без конкретно утврдени правила за постапување и без јасна процедура од кого, кога и како да се употребуваат, овие средства се потенцијално опасни по животот.

– Проширувањето на листата на средствата за присилба и нивната употреба врз група, односно толпа се во спротивност со меѓународните стандарди, кои налагаат да се употребат во јасно определена процедура. Измените во Законот со кои се воведуваат дополнителните средства за присилба се во спротивност и со утврдените стандарди од страна на Комитетот за спречување тортура – вели Народниот правобранител, инаку избран на 24 декември 2012 година, денот кога режимот со нечовечко и нехумано постапување, до ден денешен неказнето, полицијата ги исфрли опозициските пратеници и новинарите од парламентот.

Мемети вели дека според Комитетот за превенција од тортура, користењето на овие средства само заради одржување на редот и мирот се смета за неприфатливо. Во Извештајот на Европската комисија за Република Македонија од 2015 година, исто така се дадени забелешки на измените на Законот за полицијата, во делот за употребата на средствата за присилба. За жал, апелот на Народниот правобранител не наиде на повратен одговор од Владата.

Случајот „Мартин Нешковски“ на листата на СЈО?

Како и да е, кршењето на мразот од страна на Специјалното јавно обвинителство би можело да ги охрабри македонските правосудни органи да процесуираат повеќе случаи на тортура и измачување. Со оглед на фактот што случајот „Мартин Нешковски“ е дел од снимките за кои е надлежно обвинителството на Јанева, СЈО веројатно ќе оформи предмет и ќе побара истрага за вистинските виновници, за што исто така има сериозен доказен материјал.

Имено, анализата на аудиоснимките од проектот „Вистината за Македонија“ покажува дека е неспорна вината на полицискиот специјалец Игор Спасов, но укажува и на очигледните обиди во овој случај да се забошоти командната одговорност, со тоа што се прави обид да се прикрие фактот дека Спасов дејствувал во својство на службено лице на должност и дека најверојатно добил директна наредба за постапување.

– Снимките содржат експлицитни искази за обид за прикривање на случајот. Мислам дека судот и во овој случај ќе има лесна работа – вели за порталот Граѓаните.мк познат скопски адвокат.

Шанса да побара сатисфакција за тортурата на која беше изложен во „Идризово“ може да побара и владиката Јован, кого МПЦ го нарекува расколник и со години го гони по судовите. Пред ослободувањето лани, Јован, болен од дијабетес и со болки во десното колено, беше изложен на обиди за физичко и психичко „кршење“. Судот му дозволи да оди на оперативен зафат, но од затворот не го пуштаа. Му беа ускратувани слободните викенди. Единствени што еднаш годишно можеа да го посетат владиката, беа мајка му и сестра му. Тој им кажал дека е под невидена тортура, не само од затворскиот персонал, туку и од одредена група затвореници, кои му се заканувале дека ќе го убијат, а други, пак, му велеле штом ќе биде ослободен, веднаш да си замине од Македонија оти ќе го ликвидирале.

– Не ми е познато дека во затворот „Идризово“ постои друг затвореник со повеќе ограничувања од мене. Како целиот систем да е организиран да ми ги отежне затворските денови. Мислам дека кога би постоело правото затворениците да бидат тепани, како што тоа се правело во „Идризово“ до пред десетина години, јас сигурно би бил секојдневно на столбот за камшикување – сведочеше владиката Јован.

Македонија и натаму останува под притисок на Комитетот на ООН против тортура, кој во 2015 година од македонските власти побара серија информации, меѓу другото и за амнестираните случаи на тортура од 2011 година, за непреземањето ништо во врска со исклучувањето докази прибавени преку тортура во судски постапки, за нечовечки и нехумани услови во затворот „Идризово“, за лошите услови и наводите за случај на силување во Воспитно-поправниот дом во Тетово, за состојбите во центарот за сместување мигранти Гази Баба, за третманот и справувањето со жртвите на трговија со луѓе, за (не)откривање на сторителите на нападите врз ЛГБТИ-центарот и друго. Битката против тортурата останува голем предизвик за сите, за институциите, но и за граѓанскиот сектор. Потегот на обвинителството на Јанева е поттик за сите нив да ја засилат битката.

Извор: gragjanite.mk