Пастрмајлија се обидела да се самозапали слушајќи го свечениот говор на Иванов

12.04.2016 21:04
Пастрмајлија се обидела да се самозапали слушајќи го свечениот говор на Иванов

Штип, 12 април 2016

Голема трагедија за малку е избегната во Штип, каде вчера, за време на свечениот говор на претседателот Ѓорге Иванов на отворањето на Пастрмајлијадата, една од пастрмајлиите се фрлила во оган со намера да се самозапали.

За среќа, организаторите и редарската служба реагирале веднаш, па таа поминала со помали загорувања.

„Пастрмајлијата во моментов е во добра состојба. На две-три места е изгорена, но тие се отстранети и таа може да биде нормално послужена, како и останатите пастрмајлии“, велат организаторите на овој важен културен настан.

Пастрмајлијата не сакаше да зборува со новинарите на Пара вести, но неколку други пастрмајлии кои се наоѓале во нејзина близина потврдуваат дека причина за самозапалувањето е говорот на Ѓорге Иванов.

„Ако говорот потраеше уште малку, трагедијата ќе беше уште поголема. Барем уште три пастрмајлии во наша близина ќе го направеа истото“, велат нашите соговорнички, изразувајќи надеж дека никогаш повеќе нема да бидат приморани да го слушаат претседателот на Република Македонија.

Слика: Свирачиња