„ПРОТЕСТИРАМ“ ПОВИКУВА НА МАСОВНИ ПРОТЕСТИ ОД ВЕЧЕРВА ВО 18 ЧАСОТ

14.04.2016 11:57
„ПРОТЕСТИРАМ“ ПОВИКУВА НА МАСОВНИ ПРОТЕСТИ ОД ВЕЧЕРВА ВО 18 ЧАСОТ

Граѓанското движење „Протестирам“ повика на секојдневни протести од вечерва, во 18 часот, а најмасовно се очекува да биде во петок на 15 април пред Собранието, за кога е најавено распишување на предвремени избори. Тие бараат отпочнување на процес за избор на експертска влада, оставка на Претседателот на Републиката поради, како што велат. срамниот обид да ја попречи правдата и да ги аболицира криминалците, како и итно суспендирање на отпочнатиот процес на распишување на парламентарни избори. Во продолжение, Радио МОФ го пренесува нивниот проглас за обединување во целост.

„Огорчени од уништувањето на она малку преостанато од државноста на Македонија, гневни на самоволието со кое Никола Груевски и неговите соработници и полтрони ја уништуваат иднината на генерации македонски граѓанки и граѓани, неможејќи повеќе да седиме и немо да го набљудуваме разнебитувањето на сѐ што е демократско, одбивајќи да правиме компромис и да се пазариме со нелегитимниот режим, ние, кои протестиравме низ улиците на Македонија во име на слободата, правдата и еднаквоста, го упатуваме овој ПРОГЛАС ЗА ОБЕДИНУВАЊЕ до сите слободо и правдољубни сили во општеството под знамето на заедничката борба за ослободување од корумпираните деспоти кои нѐ доведоа до работ на целосна пропаст.

Повикуваме на масовен протест, денес, среда 13 април 2016, кој ќе започне од пред канцелариите на Специјалното јавно обвинителство во Скопје. Бараме:

  • Отпочнување на процес за избор на експертска влада, која ќе го подготви теренот за вистински слободни, кредибилни и демократски избори и која ќе го помогне, наместо да го саботира соочувањето со правдата на политичарите и властодршците за сторените кривични и криминални дела;
  • Оставка на Претседателот на Републиката поради срамниот обид да ја попречи правдата и да ги аболицира криминалците;
  • Конечно, бараме итно суспендирање на отпочнатиот процес на распишување на парламентарни избори.

Ќе протестираме секој ден во 18:00! Протестот ќе биде особено гласен во петок, 15 април, пред Собранието на Република Македонија, за кога е најавено распишување на предвремени избори.

Повикуваме на обединување на сите граѓанки и граѓани, на сите формални и неформални граѓански организации, особено пленумите, вклучително Студентски пленум, Прoфесорски пленум, Наставнички пленум, како и ЛД Солидарност, Ајде, Ленка, Мугра, синдикатите, урбаните иницијативи, организациите кои беа дел од коалицијата „Граѓаните за Македонија“ и сите останати кои го споделуваат гневот, но и желбата за правда и демократија, да се приклучат кон протестите.

Посебен повик упатуваме до најголемата опозициска политичка партија Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и нејзините партнери и поддржувачи, да застанат зад овие барања и да се приклучат во што поголем број. Ги повикуваме и останатите опозициски партии: Левица, Демократскиот сојуз, Демократска обнова за Македонија, Достоинство, Алијансата за позитивна Македонија и сите останати да се приклучат со што поголема масовност.

Ги повикуваме и поддржувачите на партиите на власт кои не можат повеќе да го трпат дрското непочитување на правдата и поигрувањето со иднината на овој народ, да ни се приклучат и заедно да го отпочнеме процесот на враќање на довербата во институциите и во Македонија.

Овие протести се на сите граѓанки и граѓани. Протестите ни припаѓаат на сите нам, обединети во лутината кон тековниот безизлез и во поривот за подобра иднина, која е поставена на демократски темели“, се вели во прогласот.

 

ОкоБоли главаВицФото