Гнасното во себе

20.04.2016 01:06
Гнасното во себе

Ете, после долго и значајно молчење, се огласи и Милчо Манчевски, нашиот гимназиски другар, нашиот најпрославен и најнаградуван филмски режисер, нашиот национален уметник и пензионер, нашата икона.

„Не е прашање дали овие протести треба да се поддржат. Тоа се подразбира. Прашање е што после“, напиша Милчо на Фејсбук. Колку мудро и видовито! Демек, што после...

Треба „да се запре поделбата, да се исчисти јавниот муабет од лошотија, етикети, себичност, тролови, лаги и корупција“, бара нашата икона. И вели дека правдата треба да биде слепа, да важи за секого, и за „нашите“ и за „вашите“. Кои ли му се тие „вашите“ и „нашите“? Е баш ме интересира кои му се „нашите“...

Нè чека „тешка борба против гнасното во нас самите“, заклучува Манчевски.

Ова последново е навистина моќно. А и не може човек да не се согласи со Милчо тајмлес. Што и да каже. Кога и да каже. Колку и да доцни. И затоа мислам дека тој сега ќе ни даде жив пример за таа морална лустрација што ја заговара и ќе ни покаже како човек може лесно и брзо да со ослободи од „гнасното во себе“.

Да бидам конкретен и директен. Најмалку три работи очекувам од Милчо Манчевски.

Прво, очекувам веднаш да се откаже од статусот национален уметник и од пензијата што ја добива за тоа, заедно со Есма Реџепова и со другите наши Мефистофелеси. Таа пензија е поткуп од режимот на Никола Груевски, заверка на пактот со ѓаволот. На Милчо, претпоставувам, не му треба таа гнасотија во него самиот. Така ќе ни покаже дека тој е дел од заедницата која, како што вели самиот, треба да се грижи за послабиот.

Второ, очекувам Манчевски јавно да се огради од политичката злоупотреба на неговите рекламни спотови за Македонија и јавно да се извини за неговото директно учество во кампањите на режимот.

И трето, очекувам конечно да разбере дека одговорот на прашањето „што после“ зависи од одговорот на прашањето „што сега“.

Го молам да не ја замајува јавноста со приказните дека „кај нас секогаш имало корупција“, дека секогаш имало врски за ова или за она, дека секогаш сме паркирале на трева и сме фрлале ѓубре низ прозорец. Можеби Милчо тоа не успеал да го види, но Македонија денес е сведок на криминал на столетието, на масовна корупција, на нешто што кај нас никогаш го немало во овој обем. Тоа зло е дело на истите бандити кои на Милчо му го доделија статусот национален уметник. И му стиснаа рака.

Лустрацијата во јавниот дискурс мора да почне со енергично отфрлање на манипулацијата со која, веројатно ненамерно, Милчо национале пак сака да нè заведе – виновни се и тие порано и овие сега, виновни сме сите, некој повеќе, а некој помалку. Не, не е така. Не сме сите виновни. Не сме сите исти. Не сме склучиле сите пакт со ѓаволот и не примаме за тоа месечен поткуп.

Е, откако ова ќе го расчистиме, можеме да зборуваме „што после“. Бива?

Извор: Плусинфо
Слики: Игор Морски