Гробари на слободата

20.04.2016 00:14
Гробари на слободата

Провладината егзекутива, која сè уште си дозволува дрскост да се нарекува граѓанска иницијатива - иако одамна ја симна маската и го покажа своето вистинско лице - значи таа опскурна компанија за погребални услуги „Македонски манифест“ се јави со нова антимакедонска кампања. Во неа повторно манифестира исклучивост, шири омраза, делби, поттикнува лажен патриотизам, обвинува, осудува, протерува, ја „чисти“ Македонија од сите што не ги прифаќаат профашистичките ставови и иницијативи на црните одреди на власта. „Сорос и неговите сателити - надвор од Македонија!“, апелира „Манифестот“ и поетски мудрува: „Македонските граѓани мора да знаат дека странските пари секогаш имаат сопствен интерес. За туѓи бели дворови, си копаме црни гробови“.

Вреди ли на овие провладини сателити, кои не престануваат да манифестираат лудило, да им се повторува дека македонските граѓани знаат - веќе никој не мора да им го кажува тоа - дека целата оваа несреќа што им се случува е токму поради тоа што најголемите странски пари се токму нивните. Народните пари што владетелите припадници на злосторничкото здружение ги однеле во даночните раеви само за нивен сопствен, фамилијарен интерес. Затоа и решија да излезат на улици и да кажат дека доста ни копаа црни гробови за нивните бели дворови, за џабалак плацеви, мерцедеси и провизии. И гробарите - не се само тие од „Манифестот“ (ги има со лопата да ги ринеш) - знаат дека сами ќе да пропаднат во тоа што го копаат.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња