Фамилијата на едно горило

22.04.2016 10:00
Фамилијата на едно горило

Покрај нас луѓето, Планетата Земја ја населуваат и другите примати – според проценките на Светскиот фонд за заштита на природата, околу 500 000 единки моментално развиени меѓу приматите, големите мајмуни или хоминидите, живеат ширум светот. Според оваа проекција, сите горили, орангутани, шимпанза и бабуни би биле едвај една третина од населението на Белград. Дури ни потполно обединета – иако без сомнеж би го надминала цензусот – коалицијата на големите мајмуни не би можела да ја освои власта ни во релативно мала држава како што е Србија, а камо ли во тоа некако да се приближи до остатокот од светот кој го населуваат 14 000 пати повеќе припадници од видот Хомо сапиенс. Набљудувачот од некој друг свет затоа би заклучил дека, без сомнеж, моменталните господари на светот се сите тие многубројни бледи, голобради, кревки примати со големи глави, односно луѓето. Навистина, ако го занемариме нималку едноставното и повеќезначно филозофско прашање како воопшто треба да се дефинира владеењето во светот и сведувајќи се само на здравиот разум, велиме дека станува збор за прашањето кој ги изградил сите тие градови, кој ги прокопал морињата и копното, го освоил секој агол од планетата и го прилагодил на себеси, јасно е дека мислиме на нашиот вид.

Меѓутоа, антропоцентричната перспектива не ни дозволува за ова прашање да размислуваме на подолги временски скали. Во моментов нема сомнеж кој е овде на власт – фантастичниот успех на човекот во прилагодувањето го довел во ситуација непречено да се размножува, да живее како што сосема му одговара и, освен неколку видови микроби и инсекти, ниеден друг жив вид на ниеден начин не го загрозува. Но, кога веќе зборуваме во планетарни рамки, рокот на траење на еден вид во еволуцијата е речиси занемарлив во однос на староста на Земјата. Ако се запрашаме кој владее со планетата во оваа геолошка епоха, тешко дека одговорот ќе биде дека тоа се само луѓето. Тоа би била пошироката фамилија примати, во најмала рака биолошкиот ред или барем род, во секој случај – некаква група мајмуни.

Ако историјата на животот на Земјата која трае околу 3 200 милиони години ја споредиме со историјата од Тројанските војни до денес (околу 3 200 години), траењето на еден вид од околу милион години е еднакво на една година од човечката историја. Кога во таквиот период зборуваме за господарите како што е видот, навистина зборуваме за поединечни диктатори и лидери чиј мандат не трае подолго од владеењето на римскиот конзул. Меѓутоа, десетгодишното или стогодишното владеење им одговара на скалите од 10 до 100 милиони години. Тогаш, на таа подолга скала, на власт ги набљудуваме династиите, без разлика дали се крвни или политички – социјалдемократите, републиканците или фашистите, односно во вековни размери Хабсбурговците, Бурбоните, Палеолозите или Антонините. Исто така, велиме дека цели 135 милиони години, од ерата Тријас до Креда, со планетата владееле диносаурусите, што подразбира не еден вид, туку цела династија гуштеролики организми.

„Историјата“ која му претходи на човекот подразбира одвојување од групата големи мајмуни од нашиот род Хомо пред околу 2,8 милиони години, што е сразмер со еден нецелосен мандат на некоја демократска влада. Во родот Хомо спаѓаат разни примати кои користат алат, како што се неандерталците или хомо хабилисите. Тие се развиваат од пошироката група Австралопитекуси, издвоена од другите мајмуни со одењето на две нозе. Меѓутоа, сликата е значително посложена – како што пишува антропологот Дејвид Биган во списанието New Scientist, во периодот од пред 20, па до пред 7 милиони години планетата ја населувале барем 100 видови различни мајмуни. Целата таа моментално малубројна, мајмунолика династија всушност господари со светот во период споредлив со две децении од човечката историја. Има одредена иронија во тоа што за моменталниот господар на светот тоа е само поширока, несакана фамилија која тој ја гледа само при посетата на зоолошките градини, во биомедицинските експерименти и во високобуџетните документарци за животот во дивината. Но, во последните години знаењето за остатокот од династијата е значително зголемено.

Ако само површно ги погледнете научнопопуларните списанија, порталите и другите медиуми кои донесуваат вести од науката, ќе забележите дека покрај космолошките и веселенските возбудувања, продорите во генетиката и неврологијата, проучувањето на човечките роднини го зазема барем третото место според значењето. Тоа не значи дека задолжително овие области се пробиваат, но најавува дека се во фокусот. Најблиското семејство на човекот, оној изумрен дел од родот Хомо во кој спаѓаат неандерталците, е предмет на навистина интензивни проучувања. Неодамна беше завршен речиси епскиот проект за дешифрирање на генот на неандерталците. Резултатите покажуваат некакви вчудоневидувачки детали за заедничкиот живот на два видови и заемното вкрстување. Истовремено, добрата стара приматологија доживува нови пресврти. Уште од пионерите на оваа дисциплина како што е славната Џејн Гудал, која ги проучува шимпанзата од шеесеттите години, знаеме дека мајмуните користат камени алатки. Со речиси неверојатни наоди во паркот Таи на Брегот на Слоновата коска и придвижувањето на новата област, таканаречената археологија на приматите, знаеме дека ги користеле и предците на мајмуните. Новите истражувања покажуваат дека мајмуните не само што користат алатки, туку изведуваат многу примитивни ритуали, водат сложен живот, па дури и тргуваат и се проституираат. Сето она што му доликува на еден двор.

Извор: http://www.vreme.com

ОкоБоли главаВицФото