Господа полицајци, од вас зависи

22.04.2016 14:19
Аболиција

Во средата, 13 април, некаде после 20:30 часот, мислев дека за мене денешниот протест полека завршува. Демонстрантите се имаа упатено кон Рекорд, а ние со девојка ми решивме да останеме пред кордонот кој ја блокираше улицата лево од Собранието и да разговараме со полицајците со кои до предмалку се туркавме. Делумно поради тоа што бев физички исцрпен од втор ден турканици, делумно поради тоа што верувам дека и зборот може да направи разлика, и се обидувам да разговарам со полицајците што повеќе. Обично е монолог, но овојпат имаше конверзација, скришна, да не види началникот. Веројатно и полицајците сакаа да се опуштат малце после туркањето, на многу од нивните лица можеше да се забележи дека се извадени од памет.

По дваесетина минути, кордонот доби наредба и се упати кон Рекорд, во колона по двајца. Се упативме и ние по нив, немаше веќе со кого да се разговара. Додека го одминувавме Собранието, се сетив дека околу еден час претходно, одејќи во спротивната насока, им се обратив на дел од полицајците што го чуваа, порачувајки им да не се грижат, нема да има инциденти. Ако овој народ се почитуваше самиот себе, одамна се ова ќе беше искршено и запалено.

Кордонот застана, ние продолживме кон демонстрантите што протестираа на Рекорд. Урликот на масата беше измешан со звуци на скршено стакло. Се свртев позади, кордонот веќе беше поставен во формација, блокирајќи ја улицата. Продолживме напред, на улицата гореше мебел од канцеларијата на Претседателот. Не се чувствував веќе понижено. Ми беше јасно дека луѓето почнуваат да се самопочитуваат, и нема враќање назад. Иронично, токму Иванов, кој никогаш не сум го сметал за вистинска личност, се покажа клучен за оваа катарза.

Ситуацијата околу нас стануваше похаотична со секој изминат момент. Ја стегнав раката на девојка ми и се обидовме што побрзо да излеземе од метежот. Не беше возможно, ја испуштив, луѓе бегаа, паѓаа и врескаа наоколу, буткани и мавани од „желките“. Додека ја барав со поглед, видов како до мене една познаничка ја буткаат со штитовите и замавнуваат да ја удрат. Ја повлеков на страна и желките замавнаа по мене. Направив неколку чекори во обид да се оддалечам, и ги осетив пендреците на грбот. Не пружав отпор. Ја здогледав во тој момент и девојка ми, жива и здрава. Ме фатија двајца и се упативме кон „Беко“.

 

Не ми беше жал дека сум притворен. Јасно ми беше дека ова е една од можните завршници, на протестите лани, на 5 мај, во притвор заврши „колега“ од хаклабот КИКА, еден од најмирољубивите луѓе што ги познавам. Сепак, неучествувањето во протест против „помилување“ на криминалците кои го ограбуваат и заплашуваат овој народ со секоја своја постапка, едноставно не е опција. Борбата за подобра иднина понекогаш бара жртви, а неколку пендреци и денови поминати во притвор и не се така висока цена. Имаше дури и позитивна страна, наредните денови повеќемина ми кажаа дека моето притворање ги поттикнало и тие да се приклучат на протестите.

Освен непотребното приведување, односот на полицајците беше коректен. Продолжив да разговарам со нив во секоја можна прилика. Тоа што го заклучив, е дека повеќето се согласуваат со каузата на демонстрантите, но дека се уплашени да покажат било каков сентимент по тоа прашање пред своите претпоставени. Другиот заклучок, кој навистина ме загрижува, е дека следењето наредби им е многу поважно отколку спроведувањето на правдата и законите.

За крај, сакам да издвојам една конверзација од престојот во станица. Полицаецот, искрено заинтересиран да го чуе моето мислење, ме праша што е според мене, решението на кризата? Му одговорив: „Чесните и совесни полицајци да ги уапсат тие што треба да бидат уапсени, а ако некој судија се обиде да ги ослободи, да го уапсат и него.“

Полицаецот се согласи. Ќе биде, рече, но не било тоа возможно сега. Не можевме да ја продолжиме дискусијата, но сакам да му порачам - мора да биде сега. Во спротивно, народот ќе почне сам да ја спроведува правдата, и ќе настане хаос со несогледливи последици и пролеана крв на недолжни добронамерни луѓе. 

Господа полицајци, од вас зависи. Соберете храброст, за иднината и опстанокот на оваа држава.

  

Авторот е веб администратор на okno.mk