Пчели во мозокот на Џемс Тејт

23.04.2016 02:05
Пчели во мозокот на Џемс Тејт

Склони сме да мислиме дека во религиското (магиското, митологиското) мислење е вграден догматизмот, а дека рационалноста е еластична и отворена за релативизирање на сè ‒ до последното постмодернистичко „anything goes“. Но иако е тоа точно, на нивото на поединечни (дисциплинарни) согледби, рационалноста воопшто не е толку отворена и релативистична спрема сопствената валидност. Имено, постои нешто уште покруто од догмата, а тоа е паранојата. И токму рационалноста е параноична, многу попараноична од, на пример, религиското мислење. Бидејќи рационалноста верува дека само таа е валидна. Поради тоа параноичното сака да го деконструира сето она што не се вклопува во нејзиниот модел.

Таквите размислувања неодамна ги поттикна и Иан Мекгилхрист кој во книгата The Master and His Emissary со помош на нови аргументи и фасцинантни научни потврди ја оживеа малку заборавената расправа за разликите помеѓу левата и десната мозочна хемисфера. Основите ги знаеме од порано: десната хемисфера е посклона кон ‒ малку шематски речено ‒ холистичката меѓуповрзаност (интуицијата, целините, согледувањето во контекст, имплицитноста, отелотвореноста, уметноста, поврзаноста со околината...), а левата кон аутистичкиот перфекционизам (анализата, ригидноста, правилата и законите, контролата, математизацијата, апстракцијата, сигурноста, издвоеноста, фрагментацијата, насоченоста кон веќе познатото, недвосмисленоста, експлицитноста, формализацијата...). Хемисферите имаат различни вредности и гледишта, па тогаш во интеракциските повратни јазли со надворешниот свет ги создаваат различните светови во коишто живееме (бидејќи нашето мислење во повратните јазли со светот ги засилува оние аспекти на стварноста кои попрво ги забележува).

Модерната западна цивилизација несомнено го отфрлила балансот на хемисферите со претераното фаворизирање на „вредностите“ на левата хемисфера, и во тоа Мекгилхрист го гледа изворот на многуте нејзини актуелни проблеми. Она што тој го застапува не е помрднување на нишалото кон вредностите на десната хемисфера (сите да бидеме поети, мистици, деца), туку нивниот баланс (историско‒цивилизациски познат од времето на античка Грција и на европската ренесанса). Само зашто механицистичкиот пристап кон светот, како последица на преферирањето на левата хемисфера, е претерано „нечовечки“, не значи дека пристапот на десната хемисфера е „повистинит“ или изворно „човечки“. Обата пристапи се човечки, секој има свои предности и мани, и се чини дека е најдобо да ги држиме во баланс, бидејќи ниеден не носи „конечна“ вистина, туку само различни, надополнувачки погледи кон иста работа.

Старите теории за различните својства на мозочните хемисфери претпоставуваа дека одредени функции (јазикот, фантазијата, разумот, емоциите) се лоцирани во некоја од хемисферите. Но новите истажувања покажуваат дека секоја функција е присутна на обете хемисфери. Па зошто тогаш се случила нивната расцепеност? Затоа што, тврди Мекгилхрист, за секоја хемисфера треба да размислуваме како за некој вид особа, со специфичен начин на мислење, зафаќање на светот, и со вредности и преференци; расцепеноста се случила за да се избегне можноста двата начина да си пречат меѓусебно, бидејќи заедно би можеле да се сузбиваат ‒ а потребни ни се обата.

Ако постои писател кој до хуморот чисто покажува какви би биле кога мозочните хемисфери не би ни биле раздвоени (кога секоја од нив постојано, отворено би влечела на своја страна), тогаш тоа е Џемс Тејт. Тој, имено, е мистично‒параноичен токму во врска со самиот расцеп: во рационалноста (фрагментацијата на животот) му се заканува мистиката, а во епифанијата на можната целина (на некој насетен „голем увид“) го прогонува сомничавата рационалност; не е ни реалистичен ни сосема апсурдистичен / надреален, туку е реалистичен во апсурдноста и апсурден во реалистичноста итн. Кај него нема ни секунда смирување во некаква сигурност (било во некаква реалистична егзактност било во некоја стандардна, однапред пресметана, поетска „елузивност“), во некој „свет“ кој би бил резултат било на левата било на десната хемисфера; неговите ликови токму нон‒стоп претрчуваат помеѓу хемисферите, и тоа е всушност единственото што го прават. Схизо‒светот на Тејт е хронично едновремено рационалистички параноичен (во ништо не можеме да веруваме, сè е извор на можна заканувачка несигурност) и мистички интуитивен (сите ликови се на работ на некоја епифанија, некој продор на вистината или на ненадејниот „увид“, на работ на некоја битна „промена“). Во светот на Тејт ништо однапред не се подразбира, секоја песна/приказна, како што самиот вели во едно интервју, „создава сопствена логика“: „сакам моите ликови да откриваат нешто вредно, нешто изненадувачко, нешто што не е даденост. Не сакам ликот само да го пополни претпоставеното клише за самиот себе. Моите ликови се обично... во некој проблем, и се обидуваат да пронајдат некој облик на живот. Самиот се борам во најмала рака исто толку колку и тие“.

Но, што е најважно, Тејт е во тоа духовит, забавен, пријатно непретенциозен, откачен на некој „домашен“ начин, без оној „hoch“ вишок со кој умните автори често го уништуваат шармот на своите „замисли“. Тој е и „жанровски“ хибриден; иако „официјално“ пишува песни, тие песни се всушност (зависно од збирката, повеќе-помалку) наративни. Него често во тандем со Расел Едсон го нарекуваат главен претставник на наративната поезија („prose poem“). Поради тоа Тејт е поет кој им е прифатлив и на читателите на проза, дури и на оние кои поезијата не ја поднесуваат. А неговите најнови книги се токму тоа ‒ раскази кои се само испишани во стихови. Освен повеќе стихозбирки, Тејт објавил и книги со „вистинска“ проза, еден роман и две збирки со раскази ‒ Hottentot Ossuary и Dreams of a Robot Dancing Bee.

Превод: П. В.
Слики: Aleksandra Waliszewska
Извор: QUORUM, 1/2, 2010

Тејт на Окно

ОкоБоли главаВицФото