„Шарената Револуција“ не прави штета – во „Скопје 2014“ нема споменици!

24.04.2016 23:32
„Шарената Револуција“ не прави штета – во „Скопје 2014“ нема споменици!

Бесмислена е дебатата дали „спомениците“ од „Скопје 2014“ треба да се „шараат“, затоа што објектите што се „мета“ на „шарената револуција“ воопшто не се меморијални споменици.

И „воинот на коњ“, и „воинот“ без коњ што го викаме Филип (што на старогрчки значи „коњољубец“) не се воопшто споменици, туку спомен-обележја од локално значење за Општина Центар.

„Порта Македонија“ не е ниту спомен обележје од локално значење, туку е изградена како уметничка скулптура!

Сите т.н. „споменици“ од „Скопје 2014“ се всушност дивоградби, изградени со прекршување на Законот за меморијалните споменици и спомен-обележјата.

Оттаму, бесмислено е да се дебатира за „споменици“!

Можеме да дебатираме, на пример:

Колку треба да се казнат тие што со години го кршеле законот и граделе дивоградби во име на граѓаните на Општина Центар, без да ги прашаат граѓаните на Општина Центар?

Колку треба да се казнат тие што вршеле грабеж под плаштот на „патриотизмот“?

Како да се конфискува имотот на тие што незаконски се стекнале со имот при изградбата на дивоградбите и да им се врати на тие на кои што им е украден (граѓаните)?

Дури и да има оштетување на дивоградбите, со тоа не се прави никаква дополнителна штета.

Затоа што штетата е веќе направена од политичарите кои незаконски ги имаат изградено милионските дивоградби и кои се имаат збогатено на сметка на граѓаните.

Извор: slobodna.mk
Слики: Свирачиња