Темната комора за новиот македонски филм

25.04.2016 13:48
Темната комора за новиот македонски филм

Мојата идентификација со земјата никогаш не била митска.

Кога ќе фатеше мајка ми да ги брише џамовите со стари „нови македонии“, од нашето радио „Савица 56“, се разлеваа песните на Бадев и на Васка Илиева како први точки на тоа што многу потоа ќе го почувствувам како заробувачка општост.

„Танец“ го гледав и го слушав во „Киното“ - така го викавме стариот дом на културата во Свети Николе, како супериорност на фолклорот која на магичен начин ја обликува и охрабри мојата генерација.

Потоа дојдоа Есма и ансамблот Теодосиевски.

Па Мањифико! Ех колку сум се прчел со Мањифико!

И така, сè до Леб и сол и Тоше Проески.

Буштур и Работнички, Тасевски и Богоевски во Вардар, Лазар Колишевски и Лазар Мојсов!

Ангел Чемерски, со тоа цигарите и убавите дворедни сакоа, ми зрачеше со некој париски, ивмонтански дух!

Драго ми беше за Малинска и за Фана.

Мис Стон, Драган Оцокољиќ со мекото „л“ и Жика Митровиќ, Дарко Дамевски и Кирил Ценевски, Солунските атентатори, се разбира, но не како мит, туку како филмска приказна, убава, европска, не холивудска...

Драмски театар, Стефановски и Унковски.

Скопскиот фестивал на забавна музика.

Се пумпав како на компресор кога ќе се фатеше муабет за тоа кое е најубавото езеро во светот, најбистро, најчисто или кое вино е највино. Охрид и Тиквеш секогаш победуваа.

Имавме, сакам да кажам, идентитетски штитови пред агресивната национална и националистичка конкуренција во соседството и во светот и пред огромните хендикепи што ни висеа како ѓулиња од скромноста што нè обележуваше.

Потоа се скаравме.

Ми беше дошло преку таквото од Македонија.

Не од некоја конкретна Македонија, односно не само од неа, туку од самата идеја за Македонија.

Ако си ти дел од идејата што може да изроди вакви чудовишта какви што се вмровските вампири, тогаш, господине Тричковски, така си викав, ти треба да бидеш прв ред во стрелачкиот вод.

Неверојатната автодеструкција, без паралели во светското политичко наследство, ме турна и јас почнав да сакам да сум на страната на разорувањето повеќе отколку на страната на спасувањето.

Но, еве, работите се сменија.

Вмровската зика нè диференцира!

Контраст на кој се појавуваме како нормалност и модерност, како европскост.

Темна комора за развивање на новиот македонски филм.

Тоа е хунтата на Груевски.

А маката на светите букви, на таканаречените свети букви четири, ја исфрламе како бубрежен камен.

Се ослободуваме!

Не знам дали Македонија се врати кај мене или јас ѝ се вратив на Македонија, но знам дека повторно се сакаме, како љубовници по кратка кавга!

Ова што се случува на улиците е величествена работа.

Народот реши да излезе од вмровскиот ормар на историјата.

Убав свет.

Припитомена страст.

Мекост во енергичноста.

Како во фолклорот. Политички бадеви.

Ова е битка на Македонија против самата себе, односно за себе.

Ова не е битка на сдсм против вмро.

Вмро се уби.

Сдсм се тркала кон маргините. Со јасна тенденција да тресне од масата.

Целиот систем е у курац.

И Европа е у курац.

Македонија се пресоздава. Во сите варијанти.

Освен ако не реши да умре!


Фотографии од априлските протести во Скопје: Ванчо Џамбаски
Извор за текстот: Слободен печат