На УКИМ се напредува со фабрикувани податоци

02.05.2016 20:52
На УКИМ се напредува со фабрикувани податоци

Да, точно така: на УКИМ се напредува со измислени, фабрикувани податоци. Фабрикувањето на податоците се засили последниве година-две, откако беше донесен новиот закон за ВО. Како што е општо познато, пред околу нешто повеќе од една година МОН изработи а Собранието на Македонија усвои нов закон за ВО со кој се бараат построги критериуми за напредување на универзитетските професори. Веднаш по донесувањето на овој закон, се појавија жестоки реакции како од студентите така и од професорите. Сите страни, МОН, студентите и професорите во своите реакции наведуваа исти аргументи: дека сакаат да се подобри квалитетот во високо образование. Одговорни лица на МОН тврдеа дека квалитетот во високото образование е многу опаднат, на што е укажувано со години на назад од поедници-професори, заради што треба да се донесе нов закон со кој ќе се унапреди квалитетот во високото образование. Интересно е што професорите во своите демонстрации истакнуваа иста цел но според нив Законот за ВО, всушност, има друга намена: во целост да го партизира високото образование.

Според мое мислење новиот Закон за ВО имаше една добра страна: со овој закон се заострија критериумите за избор на редовни професори. После повеќе средби на заинтересиранитие страни, договорено е да се изработи НОВ закон за ВО, a веќе одобрениот закон за ВО да се стопира во поеднини членови определен период, до изработката на новиот закон. Членовите од овој закон што се однесуваа на изборот на редовни професори остананаа во сила. Според овој Закон, за да се избере лице во звањето редовен професор, покрај другото треба да има објавено труд во списание со импакт фактор, според Томсон Ројтерс Web of Science (WoS). Оттука, професорите на кои им претстоеше унапаредување почнаа засилено да пишуваат трудови што ќе ги задоволат новите барања. Професорите, пак, кои цел работен век не напишале ниту еден компетентен труд, прибегнуваат кон искривување, лакирање и фабрикување на податоци за својот опус или пак рецензентите тоа го прават.

Тоа може да се види од една рецензија објавена во Билтен на УКИМ број 1082, од 15 август 2014, стр. 41-61. Во таа рецензија е даден предлог една професорка, од вонреден професор, да се унапреди во редодвен професор. Образложувајќи го предлогот, рецензентите навеле дека кандидатката објавила 3 труда во референтно списание со импакт фактор. Тоа се следниве трудови:

- Implementation of Bologna Process at the Ss. Cyril and Methodius University in Skopje: А View from Inside.
- Intercultural education: Analysis of the Primary School Textbooks in the Republic of Macedonia.
- Time Perspective as Predictor of Meaning in Life.

Сите трудови се објавени во списанието International Journal of Cognitive Research in Science, Engineering and Education (IJCRSEE), Vol.1(1), 42-50, Vol.1(2),51-56 и Vol.2 (1), 25-29.

 

Оцената на трудовите е дадена во три реда на стр. 46 од Билтенот, но со какви бомбасти тврдења! Најнапред, рецензентите тврдат дека станува збор за референтно научно списание, па уште се наведува дека тоа е списание со импакт фактор, од што треба да е заклучи дека ИФ е според Web os Science. Вистината е дека списанието не е со импакт фактор. Во самото списание никаде не е изнесен податокот дека станува збор за списание со импакт фактор според Thomson Reuters Web of Science.

За да се добие импакт фактор според Web of Science, потребно е списанието да излегува повеќе години, да се афирмира во научните кругови низ светот со квалитетни трудови, да се цитира и дури потоа да добие импакт фактор.

Ова списание не може да се најде на списокот на списанија што се наоѓаат во Web of Science.

Покрај фактот што во импресумот на списанието никаде не пишува дека тоа е списание со импакт фактор, ќе наведам и други аргументи што го поткрепуваат тоа.

Во таа клучна реченица од 3 реда е изнесен податокот дека списанието International Journal of Cognitive Research in Science, Engineering and Education за 2012 година има импакт фактор = 3.459. Ова не само што е апсурдно и невозможно, туку е, народски речено, лага со опашка. Имено, првиот број на списанието (Vol.1(1)), е излезен во 2013 година. Како е тогаш можно списанието да има импакт фактор од 3.459 за 2012 година?

Да одиме понатаму. Сите списанија индексирани во WoS, можат да се видат и во СКОПУС. Но, списанието International Journal of Cognitive Research in Science, Engineering and Education не може да се види на списокот на Скопус. Како е можно списание со импакт фактор да не се појавува на Скопус? Така што тоа не е списание со импакт фактор.

Списанието не може да се најде ни во базата EBSCO, база која што е препорачана од МОН. Тоа не се појавува ни во датотеката ERIC (educational research), ниту во датотеката PSYCINFO, ниту пак во датотеката Engineering Source кои што се составен елемент од базата EBCSCO.

Дури и понатаму, спомнатото списание не се појавува ни во SJR Imago and Country Rank, каде што се индексирани сите списанија со импакт фактор:

Да резимирам, спомнатото списание не е списание со импакт фактор. Тоа не е ни референтно списание. Референтно е она списание што поставуа стандарди во науката. Списание што:

- не се појавува во Web of Science,
- не се појавува во SCOPUS
- не се појавува во SJR
- не се појавува во EBSCO,
- не се појавува ни во една од датотеките ERIC, PsycINFO, Engineering Source кои се составен дел од Базата EBSCO,

дали може да биде референтно списание?

Рецензентите треба, на овие страници, да објаснат врз основа на кои аргументи заклучиле дека списанието е референтно списание со неверојатно висок импакт фактор.

Да се навратам на импакт факторот што го наведуваат рецензентите. Тие наведуваат фантастични бројки за импакт факторот на ова списание, 3.459. Многу списанија со цел да го прикажат рејтингот на своето списание поголем од колку што е, прибегнуваат кон разни рекламни трикови, така што наместо импакт факторот според Web of Science, според Thomsоn Reuters, подметнуваат разни имитации, реклами и слично, како што се Global Impact Factor, Scientific Impact Factor, Google Impact Factor и друго. Во спомнатото списание, импакт факторот не е наведен според Web of Science, туку според Scientific Journal Impact Factor (SJIF). Притоа сакам да спомнам дека тој тн. импакт фактор (SJIF) може да се добие по нарачка за 50 долари на: http://www.sjifactor.inno-space.net/apply.php

Но, да го споредиме ова списание (IJCRSEE) со едно англиско списание, на пример British Journal of Psychology (BJP). BJP има импакт фактор 2.254. Дали има читател што навистина мисли дека списанието IJCRSEE што го издава Високата школа за воспитувачи од Аклексинац и Здружението за развој на науката, инженерството и образованието од Србија, има навистина поголем импакт фактор од британското списание за психологија? Овие неуки рецензенти изнесуваат брутална бесмислица со цел да се залажат читателите на рецензијата. Тие не прават разлика помеѓу она што се бара со законот за ВО и разни кукавички јајца.

Во спомнатата реченица од 3 реда точно е само тврдењето дека IJCRSEE е списание со меѓународедн уредувачки одбор. Притоа сакам да истакнам и македонското списание „Просветно дело“ е, исто така, списание со меѓународен уредувачки одбор. Зошто тогаш во рецензијата се прави разлика помеѓу трудовите објавени во IJCRSEE и трудовите објавени во „Просветно дело“ кога веќе двете списанија се од ист ранг? Впрочем, списанието „Просветно дело“ го уредуваат или го уредувале истите лица кои го уредуваат и IJCRSEE.

На крајот сакам да го истакнам и ова. При Народната Библиотека на Србија постои Центар за евалуација во образованието и науката. Овој Центар дава список на списанијата од Србија што се индексирани во Web of Science. Тој список може да се види на

http://kobson.nb.rs/nauka_u_srbiji/referisani_casopisi.23.html#372

На тој список не се наоѓа спомнатото списание.

Како дошло до ова лажирање не е мое да истражувам. Можно е податокот да го навела кандидатката во својата пријава, а за да го прикаже својот придонес во науката поголем отколку што е, па неуките рецензенти некритички и без проверка го прифатиле. Можно е самите рецензненти да го фабрикувале податокот за објавени трудови во списанија со импакт фактор, за да имаат основа кандидатката (неоправдано) да ја предложат во повисоко звање. Одговорноста, во секој случај е на рецензентите кои што требало секој податок, пред да го изнесат, да го проверат.

На секој факултет има т.н. режимски рецензенти, спремни секогаш да напишат рецензија по нарачка. Еден таков рецензент е авторот, всушност авторка, на спомнатата рецензија, позната по својата превртливост и врвни манипулативни способности. Еден друг рецензент е професор, пензиониран пред 15 години, кој во последните 25 години, колку што проверив, нема напишано ниту еден труд, па според тоа нема никаква одговорност за спомнатите лажирања. На тој начин е обезбедено мнозинство од рецензентите.

Колку што ми е познато, Рецензијата од страна на Наставно-научниот совет на Филозофски факултет била прифатена едногласно, без дискусија и без критика. Не е ни чудо. Кој професор ќе дискутира или гласа против, кога по една или две години и тој ќе дојде на ред? На тој начин Законот за ВО образование кој што бара трудови индексирани во Web of Science е максимално изигран. Не знам како поминала рецензијата на Сенатот на Универзитетот, но не се соменвам дека и таму поминала едногласно. Впрочем, Сенатот на УКИМ е едно аморфно и јалово тело кое воопшто не се зафатило со решавање на суштинските проблеми на УКИМ. Заради тоа, како што е повеќе пати речено во пишаните медиуми, УКИМ на светски план назадува.

Да се разбереме. Во написов не се дава оцена дали предлогот кандидатката да се унапреди во повисоко звање е оправдан или не, дали ги задоволува критериумите за напредување или не. Не сакав да напишам ни рецензија на спомнатото списание; главниот уредник вложува голем труд тоа списание да го афирмира низ светот. Јас пишувам само да истакнам дека во рецензијата се изнесени големи невистини и дека предлогот на рецензентите не се засновува на академски критериуми. Спомнатото списание ниту е списание со импакт фактор, ниту е референтно.

На крајот некој ќе праша, па зошто дури сега, задоцнето, реагирав? Па, билтените на УКИМ не се нешто што се чита секој ден. Според мои сознанија, повеќе од 95% од членовите на наставно-научните совети не ги читаат рецензензиите. Нив ги читаат само заинтересираните страни. Оттутка, оваа информација се рашири кај академската заедница по пат на шепотење. Потребно беше време таа да биде широко позната кај академската заедница. Овој чин уште еднаш потрвди дека многу работи во високото образование не се решени.

Ова е прилика МОН, кое што инсистира на квалитет во високото образование, да реагира на ова флагрантно и дрско кршење на Законот за високо образование. За тоа не е доцна.

Слики: Лара Одел