Андерс Брејвик и човековите права

03.05.2016 09:34
Андерс Брејвик и човековите права

Немаше да ме шокира ако некој набљудувач во јавната галерија извадеше пиштол и пукаше во него. Ако имав пиштол и знаев дека нема да бидам казнет, можеби и самиот ќе го направев тоа тврдејќи дека тоа е оправдано убиство. Норвешкото правосудство може да ни биде пример за универзалните човекови права на дело, сè додека не се најдеме во судницата во Осло и сè додека не го видиме односот кон Андерс Брејвик. Сите сакаме да кажеме дека веруваме во човековите права. Но, тоа секогаш го кажуваме лесно, притоа, избегнувајќи го одговорот на прашањето: што всушност подразбираме под тоа? Особено во случајот на Брејвик – што значи човековото право да не се биде изложен на тортура?

Кога бев во Осло 2012, бев вчудоневиден од респектот со кој судот го третираше овој фашист. „На обвинетиот секогаш ќе му се даде можност да се изјасни за она што го изјавиле сведоците“, е член од правилникот на норвешкиот суд. Сведокот кон кого тој ден можеше да вика Брејвик беше Тоње Брена, промотерка во младинската организација на норвешките лабуристи. Таа опиша како се криела обидувајќи се да спаси ранета девојка, додека телата на нејзините убиени пријатели лежеле околу неа.

Географијата на островот Утоја, каде активистите имаа свој летен камп, го ограничивала движењето: тоа е рамно парче земја, малку поголемо од еден хектар, на езерото Тирифјорден, западно од Осло. Нема рид на кој можела да се искачи, нема пештера каде можела да се скрие; Брена само можела да се склопчи на стрмната страна од малиот гребен, со надеж дека Брејвик нема да ја забележи неа и пријателката која крварела додека телата паѓале околу нив.

Таа го даде својот исказ со достоинство вредно за сечие внимание. А, на крајот од нејзиниот исказ, главниот судија се заврте кон Брејвик и го повика да каже сè што сака. Беше слободен да се подбива со неа, да ја понижи, да се насладува на смртта на нејзините другари.

Кога на своите норвешки пријатели им реков дека во Британија обвинетиот би можел да постави прашање само во врска со веродостојноста на исказот, беа мошне стриктни во одбраната на норвешкиот систем. Терористите имаат исти права како и сите останати. Во тоа би требало да верува секој. Многу луѓе исто така реагираа минатата недела, кога судијката Хелен Анденас Секулиќ со своите колеги пресуди дека норвешката држава го изложила Брејвик на тортура, затоа што го држела во самица. Нивната одбрана на темелните принципи се совпадна со нашиот мит за Скандинавија како земја полна со разбрани либерали, подобра и почиста од остатокот од пропаднатото човештво.

Можеби некои стереотипи се точни, но овој не е. Пред да застрела 69 млади социјалдемократи и да убие осум луѓе со автомобил бомба, Брејвик зад себе остави голем и неразбирлив манифест. Тој звучи како коментатор на Телеграф во делириум тременс. Во него, Брејвик брбори за „културниот марксизам“, „Франкфуртската школа“ и „советската ЕУ“. Најлуциден е кога го брани правото на луѓето како него да убиваат.

Можеби и не знаејќи, тој ја застапува анархистичката филозофија „пропаганда на дело“ од 19 век: со терористичкиот чин се шират идеи и се собираат преобразените да станат „витези праведници“. Најголемите верници на „пропагандата на дело“ денес се радикалните исламисти. Брејвик им се воодушевувал, како и големиот број луѓе од екстремната десница, број многу поголем отколку што ни изгледа. Џихадистите, вели Брејвик, им оддаваат чест и слава на своите маченици и „ние мораме да го правиме истото“. Ако е заробен, „европскиот борец на отпорот“ мора да ја користи судницата како сцена „за да создаде максимален број симпатизери“. Ако го стават в затвор, вети Брејвик, тој ќе се обиде да ги преобрази своите затворски колеги, или заедно со стражарите ќе ги земе како заложници.

Затоа, многумина во Норвешка се запрашаа какви човекови права бранеше судот кога ја донесе одлуката дека самицата на Брејвик била нечовечна и понижувачка. Тие не бараа линч и освета, туку изразија загриженост заради тешката судска реторика која судиите ги одведе предалеку од реалноста. Тие дури не се подбиваа со судот кој изјавува дека Брејвик претрпел „психолошки оштетувања“ во затворот, иако помалку умерен новинар отколку што е вашиот дописник, сигурно ќе забележеше дека човекот кој ладнокрвно уби толку невини луѓе веќе е доволно „оштетен“.

Наместо тоа, тие го поддржаа владеењето на законите, но со неодобрување гледаа кон судиите кои ги спроведуваа. Норвешка не е Сирија. Затворот Скиен, на брегот на Балтикот, не е Гвантанамо. Брејвик имал три ќелии на располагање: спална соба, работна соба и теретана. Можел да разговара со затворските службеници, свештениците, здравствените работници и правниците. Но, не можел да контактира со затворениците за кои вети дека ќе ги преобрази или ќе ги земе како заложници, и не можел да дава изјави за медиумите. Да се нарече тоа „мачење“, вели трезвениот весник „VG“ од Осло, значи да се „тривијализира“ вистинското човечко страдање. Вистинската самица во која затвореникот никогаш не гледа друго лице и не слуша глас од друга личност е сурова. Брејвик не искусил ништо слично на тоа.

Луѓето зборуваат за човековите права како тие да се тука отсекогаш. Но, тие се изум на Просветителството и мораат да коегзистираат со другиот голем систем кој го измислило или оживеало Просветителството: со демократијата. Човековите права можат да бидат тешки за некое општество. Тие со почитување ги третираат дури и луѓето кои се толку брутални како Андерс Брејвик, спротивно на сите човечки инстинкти. Недоволно често се забележува колку човечките права се тешки и за оние што ги поддржуваат. Сите кои се залагаат за нив, мораат постојано да ги оправдуваат пред самите себеси. И мораат да веруваат дека законите опстојуваат заради општествениот договор и дека јавноста треба да биде уверена во нивната правилност. Со бегалската криза и подемот на популистичката десница, кои му се закануваат на европскиот либерализам, ова не е само стара лекција која треба да ја обноват лекомислените норвешки судии.

Извор: http://www.theguardian.com/

ОкоБоли главаВицФото