„Скопје 2014“ треба да се урне и изнесе од градот како градежен шут!

04.05.2016 11:59
„Скопје 2014“ треба да се урне и изнесе од градот како градежен шут!

Живо се сеќавам како есента 1963 и целата следна година зградите што ги оштети земјотресот осамнуваа видно обележани со црвена, зелена и жолта боја. Бидејќи една од најважните работи на постземјотресната обнова на Скопје беше согледувањето на штетата и утврдувањето на степенот на оштетеноста на градбите, експертски комисии ги прегледуваа сите објекти и „пресудите“ ги обележуваа на фасадите, и тоа со обоени хоризонтални повлаки. Боите го означуваа степенот на оштетеноста на градбата и решението со кое се одредуваше нејзината судбина, односно дали таа ќе се поправа или руши. Така, една црвена линија означуваше непоправлива штета и рушење на зградата, две жолти означуваа тешко оштетување што ќе бара сериозна реконструкција на објектот, а со три зелени беа обележани лесно оштетените градби што бараа само санација. Се сеќавам, возрасните редум траорно реагираа на црвената линија што претставуваше смртна пресуда за нивните домови – многумина дури беа подготвени да го преземат ризикот и да живеат во полуразрушените градби, но ние децата наскоро се фалевме со обемот на оштетеноста на нашите домови, а за „јунаци“ се сметаа само оние што земјотресот им ги сруши или темелно им ги оштети куќите.

Како и да е, боењето на фасади по преживеаната катастрофа, уште од детство ми остана како позитивен знак на подготвеноста на општеството да се ослободи од несреќата што го втасала, знак на обновата што следува, дури не само како знак, туку како првиот сигурен методски чекор кон новото, подобро и навистина преродено време!

Исто како и првиот пат пред пет децении, и денешното обележување на спомениците на Злото со балони наполнети со боја и песок, се непогрешниот симбол на волјата на народот што го населува ова парче балканска релјефна збрчканица да ја превозмогне историската несреќа што го притиска веќе десет предолги години. Овој пат, таа несреќа не е предизвикана од колизиите на подземните тектонски сили, туку од сродните хтонски сили на злото и глупоста отелотворени во злосторничкиот режим на ВМРО-ДПМНЕ. И повторно, боите фрлени - овој пат - на израстоците на Злото, ја симболизираат волјата на луѓето да ја превозмогнат неволјата што ги снашла, да ги расчистат урнатините од својата разнебитена татковина, за повторно да почнат да ја градат. Но, овој пат, силите на Злото не го истурија својот бес врз библиската земја во неколку разорни – слепи и неселективни - тектонски секунди, туку се отелотворија во една државно-криминална диктатура со клептократско фашистичка идеолошка подлошка што намерила да владее „два турски мандати“! Очигледниот крах на лоповската идеја со лажирани избори да се владее неограничено долго во режим во кој злосторствата на владејачката партија се новата „нормалност“, ги доведе криминалните власти во очајна позиција со целокупниот државен апарат за прогон и казнување да ги бранат дивите израстоци на нивното владеење, симболите на македонскиот лоповски фашизам, спомениците на Злото од таканаречениот проект „Скопје 2014“. И така домашната и светската јавност созна за тажниот и подол, малоумен и кретенски факт дека плодовите на режимската умоболност и клептократија, спомениците и зградите од спомнатиот „проект“ се заштитени како споменици на културата. Хахахаха! Мрак!

Тие диви меса израснати на кожата на градот, на јавните градски простори, ах, тие тумори на историското ткиво на градот, всушност, гнасни екскременти на глупоста и злото, тие градежни исероци на една криминална диктатура се заштитени со закон како споменици на културата?! Ах-хахаха! Па, тоа да ти имало една повисока смисла: конечно, како подруго една криминална власт ќе го заштити од нападите на Правдата и Доброто своето лоповско „наследство“, отколку со незаконски акт дивата градба во форма на културно-естетички испрдок да ја прогласат за споменик на културата? Не еднаш напишав дека вистинската глупост – онаа тапата и злобна, навистина малигна глупост – е отпорна на пародирање и сатира, зашто таа самата е похиперболична од секоја пародија и поразорна од секој сарказам. И, кога човек ќе ги протрие очите за да се отрезни од шокот дека една криминална власт со фалсификуван акт и злоупотреба, диви градби со уметничка вредност на коњско гомно прогласила за Споменик на Културата на Македоња Вечна, во оваа перверзија ќе ја согледа вселенската вистинитост и „искреност“ на овој криминален чин. Конечно, какви други градби – освен грдиве и одвратни субхумани излачини од „проектот Скопје 2014“, би биле соодветните споменици на примитивната и клептократска, криминална и фашистичка власт на ВМРО-ДПМНЕ?

Што треба да направи едно слободарско народно движење, како одговор на партиско-мафијашките репресии, апсења, информативни разговори и други закани, со кои режимот преку своите чавковидни платеници сака да ги задуши спонтаните граѓански антирежимски протести? Мој предлог: треба да се повикаат сите политичари од опозицијата, сите видни активисти од невладините организации, потоа јавните личности од углед и интегритет, интелектуалци и трудбеници, конечно, сите граѓани со зачувана виделина и достоинство, да и се придружат на „шарената револуција“ во боењето на Спомениците на Злото.

Манифестацијата ќе се одвива достоинствено, со поредок како што му прилега на полагањето на венци по повод националните комеморации, во кој редови од слободарите ќе фрлаат балони со бои на Објектите на Срамот што партиската мафија на ВМРО-ДПМНЕ ги заштитила како споменици на нивната клептократско-фашистичка култура. Оваа манифестација на граѓанскиот непомир против узурпацијата на македонската демократија и култура ќе има и практичен аспект: шареното обележување на објектите на Злото ќе послужи – исто како и во времето на постземјотресната обнова – како прв чекор во расчистувањето на разрушената македонска цивилизација, како ориентир за булдожерите на слободата што ќе го расчистат Злото од девастираната земја на библиските талкања на свети Павле. Бидејќи ослободувањето од мафијашката диктатура на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ нема да ѝ се случи на библиската земја, доколку одвратните споменици и згради од „Скопје 2014“ не се урнат како активни алатки на Злото и изнесат од градот како градежен шут! И, тоа тивко, со роса измиено утро, кога од македонската престолнина ќе замине последниот камион со пометените прашини од градежните и симболичките остатоци од Диктатурата на Глупоста, дури тогаш ќе изгрее долгоочекуваното сонце на слободата!

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото