Верижен генератор (1)

04.05.2016 16:18
Верижен генератор (1)

Магдалена Хорват

Егзистенцијалистички рап

Веќе ми е смачено од тебе, мучача,
твојот чуден начин ме тера да плачам.
Сакам друга слика во личнава карта,
сакам други слики: Макар во Џакарта
да одам, или да го шетам кејот на Варта,
сигурно е почист од кејов крај Вардар.

Идентитет? Треба да чувствувам вина?
Каков татко имаш—таква и татковина.
Заринкана како локомотива без пруга
во ширинкава со која не се мери друга.
О, камо да бев ко тие што сегде ги има,
што јадат-пијат-спијат, пролетесензима.

Напротив, фантазирам за авионска карта,
па од Маргарита да се прекрстам во Марта,
да стекнам дисциплина (на викенд во Спарта),
да не ја дочитам, за инает, Мачнина од Сартр!,
што било само не ова тивко умирање,
ова жив-живуркање, ова вегетирање.

 

Никола Гелевски

„Верижниот генератор“ го започнуваме со Магдалена Хорват (1978). Нејзина задача ќе биде да избере нова песна и да напише краток текст за својот избор. Итн. Така веригата ќе се движи до бескрај, од човек до човек, следејќи го Сенгоровиот концепт за поезијата како единствена надеж на светот (поезијата е, впрочем, според Хердер, јазик на човечкиот род).

Ја избрав Магдалена Хорват пред сè као фигура важна за македонската современа поезија; потоа ја избрав конкретната песна од неа: „Егзистенцијалистички рап“. Песната се наоѓа во нејзината прва збирка, „Ова е таа, твојата“ (2006). Песната, значи, уште во 2006 на еден едновремено ироничен и вознемирувачки начин ни го отсликува она што ќе стане македонска драма значајно засилена последниве десетина години: масовниот егзодус, особено на младите. Хорват не лелека, ниту банализира; немилосрдно прецизно лоцира: „Идентитет? Треба да чувствувам вина? / Каков татко имаш - таква и татковина.“ Во песната ми се допаѓаат и игривоста, непретенциозноста, ритамот, римите, хуморот... - тоа се важни својства на секоја добра песна. Во песната интересни ми се и автоироничните идентитетски игри („од Маргарита да се прекрстам во Марта“), културните референци, странските зборови кои се обидуваат да ја помрднат „заринканата локомотива без пруга / во ширинкава со која не се мери друга“. 

ОкоБоли главаВицФото