Хана Хоч и десет други дадаистки за кои мора да знаете

05.05.2016 04:05
Хана Хоч и десет други дадаистки за кои мора да знаете

Пионерката на уметничката фотомонтажа Хана Хоч е родена на први ноември 1889 година, а својата уметничка кариера ја започнала на 23-годишна возраст во берлинската школа за применета уметност. Во своите дела Хоч ги критикува стандардите на убавината, улогата на жените, бракот, политиката на Германија, но и самите дадаисти поради мизогинија.

За време на Првата светска војна запознава еден од членовите на берлинскиот дадаистички клуб, Раул Хаусман, која значително ќе влијае на понатамошниот развој на нејзината уметничка кариера. Токму ставовите на Хаусман за женската еманципација ќе ја наведат да го напише краткиот расказ „Сликарот“ (1920), во кој ја обработува темата за животот на уметникот кој се соочува со животна криза кога неговата жена ќе го замоли да ги измие садовите.

Хоч никогаш не била прифатена во круговите на дадаистите, нејзиното творештво било отфрлано од многумина, означено како неважно и безвредно. Она што ја разликувало од другите била карактеристичната употреба на телото на традиционалната и модерна германска жена во фузија со машкото, и поттикнување на женската сексуалност со редуцирање на мажите во деловите кои често се споени со женската форма.

Нејзиното дело Cut With the Kitchen Knife Dada Through the Last Weimar Beer-Belly Cultural Epoch of Germany, од 1919 година, своевидна критика на Вајмарска Германија доволно зборува за нејзините ставови. А со своите специфични и безвременски фотомонтажи, Хана Хоч се афирмирала како една од најзначајните уметници на 20-от век користејќи ги своите дела како повик против традиционалистичките ставови за расите, родот и човечките права.

Сепак, далеку од тоа дека Хана била осамена на дадаистичката сцена. Во продолжение следат десетте најинспиративни дадаистички уметници.

Сузан Дишан

Четвртото дете и четвртата уметница од семејството Дишан, Сузан, родена во Нормандија, живеела во парискиот Монпарнас, со цел да биде во близина на својот брат Марсел кој ѝ помогнал да изгради кариера.

Иако формалното образование го стекнала во Ecole des Beaux-Arts во Руан, епохата во која женската уметност сè уште бил потценета и игнорирани, ѝ го попречила патот. Нејзиниот талент сепак бил препознаен по изложувањето во Салонот на независните уметници во Париз. Тогаш имала само 22 години. Едно од нејзините клучни дела насловено Multiplication brisée et rétablie (Скршена и реставрирана мултипликација), од 1919 година, воедно е и приказ на светото тројство на движењето Дада: анти-естетска ориентација, колаж и текст.

Софи Таубер

Соработничка и сопруга на дадаистот Жан Арп, Софи, била успешна танчерка и изведувачка со настапи во славното кабаре „Волтер“, но и сестрана уметница.

Сликарските дела на Софи во кои доминираат боите и геометриските форми, произлегуваат од нејзиното верување во експресивната моќ на бојата, линијата и формата, а истите се надоградени со една необична оригиналност и на уметничка слобода.

Во текот на периодот на делување на групата Дада во Цирих (1916-1920), Таубер-Арп не се занимавала само со сликарство, туку направила и серија на разнобојни дрвени глави, вклучувајќи и портрет на Жан Арп, и ја дизајнирала сценографијата и марионетите за операта Gozza König Hirsch.

Беатрис Вуд

Своевремено подобро позната по љубовните афери отколку по уметничките придонеси, денес, по колоритната кариера и доживотната страст кон керамиката која траела сè до нејзината смрт на 105-годишна возраст, била нарекувана „мајка на групата Дада“. „Во нејзините цртежи се спојува отвореноста и интимноста на дневничките записи, интелигенцијата и хуморот, патосот и joie de vivre, по кои Вуд е позната. На пример, делата од серијата Допирање одредени работи (1932-1933 ) ги портретираат сексуално обоените интеракции меѓу жени, директно и невино, и покрај тогашниот илустративен стил, и понатаму продолжуваат да бидат радикални“ - заклучуваат во списанието Art Forum.

Еми Хенингс

Еми Хенингс објавувала поезија во анархистичките списанија долго време пред групата Дада и основањето на кабарето Волтер, чиј сопственик бил нејзиниот сопруг, водечката фигура во дадаистичкиот круг, Хуго Бал, а покрај тоа била танчерка, пејачка, поетеса и актерка со марионети. Хенингс се залагала за слободна љубов, анархија и општествена револуција, а поминала и одредено време во затвор поради фалсификување пасоши. Од нејзината биографија, Кристал Хофман ја исчитува и причината за нејзиното исклучување од историјата на движењето Дада. Хенингс го сокривала својот авангарден опус од историјата бидејќи тој би открил и некои други работи, како што е зависноста од морфиум или проституцијата. „Се чини дека поради тоа ја одбрала анонимноста и неколку фусноти во биографиите за Хуго Бал“ – објаснува Хофман.

Баронеса Елза вон Фрајтаг-Лорингховен

Нејзиниот живот – уметничко дело. Таа ги отелотворила принципите на Дада на начин на кој нејзините машки колеги можеле само да сонуваат. За време на апсењето за некои ситни кражби, скокнала од патролниот автомобили со таква умешност, што полициските службеници, воодушевени, ја пуштиле да оди, а за своето прво интервју со уредничката на Little Review, Маргарет Андерсон, ја избричила главата, а потоа ја обоила во црвено- портокалова, украла палачинка од соседот и од него направила здолниште, но сепак го соблекла и за време на интервјуто била сосема гола.

Моделка, скитница, поетеса, радикална изведувачка, модна икона и слободоумна феминистка Елза вон Фрајтаг – Лорингховен го направила Гринич Вилиџ боемско и алтернативно место децении пред шеесетите години.


Мина Лој

Уште една необична фигура од Гринич Вилиџ. Мина Лој е англиска боемка регрутирана во редовите на Дада поради својот начин на пишување и уметноста, во која ги истражувала неконвенционалните форми и материјали, како што е ѓубрето во Менхетн. Лој сакала да ги предизвикува сегашната состојба и родовите норми, што е видливо во делата кои ги објавувала во модернистичкото поетско списание Others, но и судските покани врачени на нејзините уредници.

Клара Тајс

Врвниот моден стил е само една од фасцинантните црти од животот на „Кралицата на Гринич Вилиџ“. Таа учествувала во организацијата на една од првите изложби на независната сцена, се спротивставила на цензурата на одборот кој се обидувал да отфрли еден од нејзините уметнички проекти, а ги красела и страниците на популарните списанија како што е Vanity Fair, и така го премостувала јазот помеѓу вистинското Дада движење и неговите мејнстрим страни.


Тојен

Gender bending на дело во минатиот век! Мари Черминова го отфрла своето име и го заменува со името Toyen или „без род“, кое го презема од францускиот збор „citoyen“ (граѓанин). Чешката сликарка била една од најнезависните креативци на 20-от век. Одбивала да ја игра традиционалната улога на жените, водела независен живот, ги прекинала сите врски со семејството во корист на неколку пријатели кои стануваат нејзино „семејството по избор“, протестирала против буржоаските тенденции и го поддржувала анархистичкото движење.


Џулиет Роше

Родена во богато париско семејство, кое ѝ овозможило по малку привилегиран почеток, односно ѝ ги обезбедило првите места на бројни уметнички и политички настани уште од рана возраст. Своето искуство и знаење ги канализирала во иновативни слики и песни и станала еден вид хроничарка на своето време, но и врвна критичарка на делата на своите колеги членови на движењето Дада.


Флорин Стетхајмер

Кариерата на сликарката, поетеса и дизајнерка Флорин не го следи митскиот образец на маргинализирана и несфатена уметница која грчевито настојува да создаде дела далеку пред своето време“, пишува Еврејката Женска архива.
„Сликите на Стетхајмер се живи извештаи за нејзиниот сопствен живот, налик на дневнички белешки, но и сериозни опсервации на животот на високата класа во Њујорк меѓу двете војни. Нејзиниот декоративен, фигуративен стил, често е карактеризиран како женствен, нуди алтернатива на стилот кој преовладувал во современото модернистичко сликарство.

„Стетхајмер основала и салон во Њујорк во кој била домаќин на важни фигури од движењето Дада, вклучувајќи го и Марсел Дишан, кого често во нејзините дела го претставувала андрогино, што било радикален исчекор за тоа време, особено за сликарките.

Извор: www.voxfeminae.net

Слични содржини

Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Книжевност / Култура / Уметност / Историја
Култура / Уметност

ОкоБоли главаВицФото