Санкции против режимот, не против Македонија!

05.05.2016 12:52
Санкции против режимот, не против Македонија!

Еве, да речеме дека се во право чипираните идиоти на власта кога тврдат дека зад тоа што тие го нарекуваат политичка криза, стојат домашните предавници, соросоидните и комуњарски непријатели, меѓународните шпионажи и другите антимакедонски сили: па тоа би бил несоборлив аргумент во прилог на барањата за итна демисија на власта како неспособна, некомпетентна, дури, велепредавничка, власт која дозволила во државата да играат оро антидржавните елементи на меѓународната и на домашната коалиција!

За кој кур служи власта, ако не за тоа да ги обезбедува националните интереси од домашните и странски непријателства и во кој случај таа мочана власт треба да падне ако не во ситуации кога тие интереси се крајно загрозени? Благодарејќи и на нејзината поставеност кон работите, зашто, да не заборавиме, тоа што тие го викаат политичка криза се случува на истекот на времето во кое таа власт имаше апсолутна контрола над сè, од финансиските и медиумските ресурси, до правосудството, градежништвото, земјоделството, до сè!

Толку ли е тешко да се разбере оваа елементарна логика на политичкиот процес и зошто секогаш наместо елементарноста ја избираме комплицираноста да расправаме за тоа кој стои зад нашите говна, што сакал да каже идиотот кој паднал од небото во некоја усмрдена, претседателска или премиерска фотелја, во јавни дебати, со учество „на двете страни“ итн.

Какви се тие топ-теми, да им го начукам и во топот и во темата!

И сличните медиумски просерувања!

Пандов бил страна!

Тони, оф корс!

Да не била кризата ќе сме имале раст од пет отсто, тврди лудиот Зоки, но не кажува, а никој не го ни прашува, ќе ја имаше ли кризата да не беа тој и неговата барцелона на неверојатните лудаци!

Министерот Поповски ќе одел во посета на Иран.

Ах, бе Иран.

Милчо и Патакот ми се „Коневски ориентири“: ако тие тргнат десно, јас лево да свртам, или како веќе викаше Блаже, но, еве ги, на крајот на драмата, и тие се страна.

Испаѓа дека сите се застранети.

Во подготовката на книгата „Ѕидот на смртта“ - избор од фејсбук статусите на Бранко Тричковски, забележав дека истата работа сум ја нотирал и за некои констелации околу Специјалното јавно обвинителство: екипата на Јанева работела, вели власта, како сервис на опозицијата и на меѓународниот фактор. Океј, велам јас, ако Катица, Ленче и Фетаи, работат како хостеси на Заев, што работите вие, кој ѓавол сте вие и како јавноста, а и вие како власт, не забележувате дека тие тврдења, ако не се небулозни контрадикции и елементарни глупости, се констатации што би морале да завршат во првиот обвинителен акт против власта!

Еве, сега, по повод аболицијата, в очи ми падна истата работа и на својот профил го постирав следниот статус:

Не постои идиотизам што не може да се рационализира!

Ако рационализацијата е покомотна од пресметката.

Да речеме, ако Иванов реши да ја убие сопругата и да ја запали монструозната резиденција, сосе комплетниот персонал, јас верувам дека општествената дебата задолжително ќе почне да се допира до неговите уставни овластувања со барања жената да ја врати во првобитната состојба или за тоа колку енергетски ќар имал околниот народ од тоа што куќата на таканаречениот претседател горела.

Јас не знам зошто тој пристап секогаш има предност пред еден друг тип на рационализација: лудакот да се прогласи за лудак или макар да се побара конзилијарно мислење за неговата здравствена состојба.

Не треба да се бара повлекување на актите за аболицијата, туку да се бара отстранување на еден лудак. Добро, на повеќе лудаци, вклучувајќи го и лудиот шеф на лудакот!

Овие работи мене ми говорат за културната структура на колективитетот која го насочува општеството кон вечно тарабуњање, што би рекле Србите, на сите места кај што е неопходно решавање на проблемите. Се плашам дека нашата ментална интенција е да нема решение. На ништо. Ние сме тоа нерешение, тоа ништо кое е во постојана потрага по самото себе. Бидејќи сме нерешение, ние не сме во состојба, не само да ја разбереме ситуацијата во која се наоѓаме, туку не сме во состојба да се разбереме и самите себе.

Ова што се случува со протестите е величествена работа по тоа што претставува прекрасен знак дека општеството може и да излезе од таа фатална фаза. Ако додаде гас на идејата дека освен за смената на власта, ние маршираме и за смената на самите себе и, второ, ако величествените паради ги доведе до реалната катарза на промените, ако се издигне и ако го надмине нивото на морализаторската супериорност, односно ако се претвори во револуционерен чин. Имам впечаток дека недостасува, не толку некаква грандиозна масовност и не толку енергија и страст, тие работи ги има, туку фали или мене ми се чини дека фали, токму таа дистанца од културата на проблемите кои се освестуваат и траат, но не се решаваат, дури, јас, би рекол дистанца од некаков страв од самото решавање на проблемите.

Не гледам поголема рационалност и во меѓународните релации.

Соединетите Американски Држави се стратегиски партнер на Македонија, не на владата и на Груевски и по линија на тоа стратегиско партнерство, се разбира, и по линија на основните принципи на сопствената конституција, тие се обврзани да интервенираат во случаи на вакво масовно, севернокорејско кршење на човековите права и на најтешките можни узурпации од страна на една четиричлена банда која го држи целото општество во неверојатно заробеништво. На некои други географски широчини и во некое друго време, режимот ќе беше прогласен за фактор во „осовината на злото“.

Европската Унија ќе ни ја одзела препораката.

Па нека ја одземе, препораката беше фактор на ова усерување, а не на просперитетот, за жал, се разбира, но, тоа не е политика, тоа е слепило, стари протоколи на инерцијата кои не се во состојба да излечат ниту една болест.

Што е со извештајот на Прибе!?

Зошто по Моленбек и по Етербек ги бркавте Абдеслам и другарите, а во Македонија не терате да преговараме со нив!

Ние не бараме вие да ги бркате нашите абдеслами, ние ќе си ги избркаме, ние само бараме да престанете да продуцирате трагикомични паради на шупливата квазидипломатија и јасно и недвосмислено да се одредите кон тие очигледни факти, да кажете дека во Македонија се нападнати аеродромите, метроата, стадионите, кафеата, дека има илјадници, стотици илјади жртви, на внатрешната терористичка организација, а не дека политичката криза се продлабочува!

Јебала вас криза!

Што е со најавите за санкции.

Секоја санкција што нема да е индивидуализирана и јасно одредена спрема власта и нејзините терористи, ќе биде санкција против слободомислечките луѓе кои тука се борат против антиевропскиот мрак. Тие санкции ќе бидат санкции на Европа против самата себе!

Ние сме спремни да ги поднесеме жртвите за нашето ослободување.

Но, не сме спремни да ги поднесуваме нашите жртви што вие ги поднесувате на олтарот на неразумноста!

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото