Јадранка Стојаковиќ - граѓанка на светот

06.05.2016 01:01
Јадранка Стојаковиќ - граѓанка на светот

Најпознатата кантавторка од Босна и Херцеговина, сараевчанката која ја одбележа југословенската рок и поп сцена, почина на 66-годишна возраст во Бања Лука. Легендарната југословенска Џоан Баез си замина по долго боледување, како во песната „Ima neka tajna veza“, стиховите на кои ќе им го подари својот незаборавен глас и врвна интерпретација: Sidro koje lađu čuva/da ne bude buri plijen/tone skupa sa tom lađom/jer je ono dio njen.

Уште во почетокот на седумдесеттите години го освојува првото место на Младинскиот Фестивал во Суботица, а потоа со хитовите „Sve smo mogli mi“, „Ima neka tajna veza“, „Muzika je svirala“, „Čarobnjaci“, „Tijesno doba“, „Na drumovima Srema“, „Vjerujem“, „Nedovršeni valceri“, „Što te nema“, станува вистинска ѕвезда, блиска и на сараевската рок школа. Од тој период е и познатата рокерска композиција на Бреговиќ, „Čekala sam, čekala“. Ги преработува песните на Десанка Максимовиќ и Алекса Шантиќ, пишува за детски емисии, а во 1984 година и за Олимписките игри во Сараево. Од 1988 се сели во Јапонија, каде живее сè до периодот кога дознава за тешката дијагноза.

Јадранка многу страдаше поради распадот на Југославија и опсадата на Сараево, па во тој контекст во една прилика изјавува:

„Мислам дека не постои никаква разлика меѓу мене и овој голем свет. Прво доаѓа неверувањето, потоа се појавува чувството дека си умрел со многумина кои си ги познавал. Што да правам, не знам што да кажам. Како можеше токму нам да ни се случи тоа пред почетокот на дваесет и првиот век ... Ми беше тешко за кој било дел од Југославија. Мајка ми ме научи дека прво сум граѓанка на светот, потоа на Сараево, а потоа на Југославија. Тоа беше едукативниот распоред во мојата куќа. Постојат голем број луѓе, кои по оваа војна која ни се случи велат „види ги оние бедници во Африка“.

Како можеш, имајќи го предвид развојот на целата оваа технологија, сите овие системи кои би можеле да функционираат на цивилизиран начин, да веруваш дека тоа се случило. Едноставно не ти е јасно. Секој агол на оваа земја има свои примитивци кои прават најгрди нешта што можат да се случат. Тоа се оние кои од сè сакаат да имаат некаква корист. Јас се занимавав само со уметност, само со светот, и сето тоа го правев со многу љубов“ – изјавува таа во интервју за E-Novine, во пресрет на концертот кој го одржа во СКЦ по цели дваесет години.

Тогаш додава и дека сепак духот на Сараево е зачуван.

„Оние кои беа пријатели, останаа пријатели засекогаш. Ништо непријатно не ми се случи, а тоа значи дека сум имала и имам добри пријатели. Родена сум во Сараево, но живеев во Далмација и во неколку градови во Босна и Херцеговина. Беше шокантно, но ги најдов старите пријатели и овие средби беа полни со емоции. Со дел од тие стари пријатели имав среќа да се сретнам, некои од нив не можев да ги најдам, а со дел од нив се видов во Америка, Австралија, Германија, на различни места. Во повоено Сараево се вратив во 2000-та година. Тогаш беше малку обновено, но имаше уште многу да се гради и обновува. Знаете, многу е лесно да се направи нова зграда, но што да се прави со народот...

Кај нас, речиси секој ден беше фестивал, бидејќи низ растењето секојдневно примаш нови информации и, растејќи во таква мултинационална средина, во моето семејство имав прилика секој ден да јадам нешто ново, да слушам различни приказни, да пеам различни песни. Тоа влијаеше на мојот развој и многу ми помогна нормално да се движам низ светот, токму поради тоа што ме воспитале на вистински начин.

Така зборуваше Јадранка во 2008 година. Тогаш рече дека планира да се врати во Сараево, да му се оддолжи со „еден прекрасен концерт пред пензија.“

Јадранка замина тивко, достоинствено, ненаметливо, никого не обвинувајќи за своите страдања. Кој во нејзиниот глас и стихови ќе препознае дел од себе, сигурно нема да погреши.

Извор: www.e-novine.com