Моралните критериуми на револуцијата

09.05.2016 02:58
Моралните критериуми на револуцијата

Не сум забележал дека има турканица пред шалтерот за првоборски статуси. Дури ни вистинските првоборци ги нема, не ги гледам наведнати кон дупката во стаклената ограда од која некоја женичка треба да им го даде фамозното признание со печат на Штабот на револуционерната команда и со потпис на Маршалот.

Не сум забележал и дека некоја инстанца на шарената револуција одбива да прима нови регрути, генерација 2016, сеедно дали се анонимуси или се звучни имиња какви што се Милчо Манчевски и Влатко Стефановски!

Нема таква работа!

Но, има дебата за таа работа што ја нема!

Темата што ја покрена господинот Спасов, а еве, сега, гледам дека и низ една неподнослива патетика и со комплетно промашување на суштината се вклучува и Ерол Ризаов, се разбира, може да биде поведението на тие што тие ги нарекуваат првоборци, може да биде и заштитата на ликот и делото на тие што малку или малку повеќе задоцниле „да појдат во партизани“, но тоа е измислено ниво, тоа се таканаречените заменети тези, бидејќи никој никого не елиминира од борбата против режимот ниту пак гледам дека некој се амбицира околу сопствениот статус.

Тоа измислено ниво е опасно не по тоа што сака да рехабилитира два-тројца колаборационисти на Злото,туку по тоа што сака да ги замачка или објективно тендира кон тоа да ги замачка, критериумите на македонската обнова.

Општеството мора да има морален однос кон оние што го легитимираа, го афирмираа, го етаблираа режимот на најголемото мирновременско зло во повоена Европа.

Да не му ја сменеа улицата Влатко ќе останеше без текст за општите работи цели десет години, а Милчо Манчевски ќе играше евровалцери со Големиот идиот на сетот таму кај што неговиот фаворит денеска го фарбаме со црвената боја на крвта на платно на кое над главата на монструмот пишува Убијци.

Нека дојде да се потсети.

Јас и тогаш пишував дека се чувствувам посрамен од него, а не од „Пред дождот“ или од „Прашина“ - врвни остварувања!

Шарената револуција е борба за морална обнова; можеби, пред сè, таа е тоа. Најмалку што може да се каже е дека шарената револуција без морална обнова е ништо, бесмислица, празен од, пробушен балон!

Јас и денеска би можел да лапнам некој милион евра за некоја монографија, да речеме „Никола и кравите“ или „Никола и уметниците: Милчо Манчевски“, и до крајот на мај да се вратам во маршот на слободата, зошто пак не би можел да задоцнам два месеца зад јунаците на нашата драма, и верувам дека, дури и без Спасов и без Ризаов, ќе ме прифатат, макар некаде на опашката. Но тоа веќе не би бил Тричковски туку некоја друга личност.

За тоа се работи, другари!

Главен услов да се вклучите во Шарената револуција не е вашата борбеност, не е острината на оценките за ситуацијата и за одговорноста на режимот, туку минималното ниво на свест за сопствената одговорност. Тоа е!

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Фотографии: Ванчо Џамбаски