„Шарената“ ќе стане револуција кога ќе ги обои институциите однатре!

09.05.2016 13:50
„Шарената“ ќе стане револуција кога ќе ги обои институциите однатре!

Не сакам, почитувани читатели, насловот да го сфатите како зајадлив цинизам, туку токму обратно: како моја голема желба, дури како молба до другарите и другарките што се „одговорни“ за бојадисување на ѕидовите на диктатурата. Сметам дека „Шарената“ е најдоброто, најавтентичното и најветувачкото што ѝ се случи на Македонија откога Вистината за неа го отпочна надолништето на груевизмот – Диктатурата на Глупоста, Гомнархијата на Кражбата и Лагата, и Оазата на Мрсулавиот Фашизам. Таа (Шарената) веќе покажа дека ги поседува неколкуте неопходни, но недоволни услови за да се нарече револуција. Првиот е свеста за вистинската природа на македонската „политичка криза“ – дека воопшто не се работи за „криза“ туку за системски уништена демократија, за партиска држава што ги злоупотребува сите институции на системот на штета на нацијата, а во полза на мафијашко-клептократската врхушка на ВМРО-ДПМНЕ. Потоа, „Шарената“ е навистина шарена, инклузивна и различна по својот состав, зашто ги обединува сите возрасти, сите социјални слоеви и сите етнички групи, конфесионални и политички убедувања. Всушност, таа е суштински шарена, што ја прави вистинскиот „материјал“ од кој се создаваат општонародните револуционерни фронтови. И, најважното, таа го поседува потребниот гнев и енергија без коишто ниту една револуција не може да се случи.

Од друга страна, на нашата Шарена револуција во настанување ѝ недостасуваат уште неколку својства (исто така неопходни и недоволни), за да се реализира како револуција. Тоа се организациската структура – која, ако остане хоризонтална и аморфна, демек граѓанска и општодемократска, ќе ја обезбеди потребната енергија за промените, но самата нема непосредно да влијае на нивниот исход. Така таа ќе ја обезбеди граѓанската легитимација на политичките преговори зад затворени врати и ќе се истроши во временската хоризонтала, одзрачувајќи ја удирната револуционерна енергија во темната студен на вселената. Потоа, недостасуваат јасните политички цели што општонародниот ослободителен фронт мора да ги има во борбата против Тоталитарната Партиска Држава, недостасува идеологијата врз којашто се фундирани политичките цели и, на крајот, недостасува подготвеноста да се употребат вистинските средства за тие цели да се постигнат. Зашто, револуцијата е преврат кому што експлозивната енергија и насилството му се длабоко во природата!

Во врска со револуционерните средства, мора да се каже дека македонското пристојно и питомо, човечно и разбрано граѓанство секојдневно покажува дека се уште не расчистило со фетишот на институциите на системот, иако се тие потполно испразнети од хумана, морална и уставно-правна содржина. Поради тоа, „Шарената“ сè уште нема расчистено со митот за ефикасноста на ненасилното протестирање, и не ја разреши контроверзијата што сите нè дави со години: дека тоталитарната власт може да се смени ненасилно. Меѓутоа, разрешувањето на оваа контроверза лежи во неа самата, зашто таа е противречна по себе – да можеше да се смени ненасилно, диктатурата немаше да биде диктатура туку (лоша) демократија. Оваа дилема ја разреши уште дамна Карл Попер со неговата често цитирана дефиниција: „Разликата помеѓу демократијата и тиранијата е што демократската власт може да се смени без насилство, додека кај тиранијата тоа не е можно“. Суштината на демократијата е, според него, во нејзината институционална ненасилна сменливост; таа постои додека ги обезбедува институционалните механизми за реформирање и за смена на власта без потреба од револуција, преврат или крвопролевање. Што значи, кога ќе се соочиме со очигледна тиранија, диктатура или авторитаризам - каква што е Диктатурата на Глупоста на Груевски, која ги демонтираше сите институционални механизми за нејзино сменување, насилното соборување на тиранскиот режим е единственото можно решение. Всушност, нашето десетгодишно толерирање на диктатурата на ВМРО-ДПМНЕ го одржа овој Мрсулав Фашизам толку долго и му го обезбеди потребното време за да се инсталира во сите државни институции. Оваа неограничена толеранција Попер ја смета за смртоносна за толерантното демократско општество: „Неограничената толеранција задолжително води во исчезнувањето на секоја толеранција. Ако ја прошириме толеранцијата и на оние што се нетолерантни, ако не сме подготвени да го браниме толерантното општество од нападот на нетолерантните, тогаш толерантните ќе бидат уништени, и толеранцијата со нив“. Потребни ли се повеќе аргументи?

Конечно, сè што направи и „изгради“ Преродбата на Злото во овие десет години е насилство и нетолеранција. Дерогирањето на уставниот поредок е насилство. Окупирањето и партизирањето на институциите на системот е насилство. Крадењето на милијарди евра народни пари е насилство. Сè во врска со „проектот Скопје 2014“ е насилство, кое се претвори во садистичко силување на целото општество. За последново веќе до болка не ми се пишува, па ќе се цитирам по којзнае кој пат: „Скопје 2014“ не само што ја оштетува нашата физичка стварност, туку ги суспендира уставноста и правната држава, ги урива вредносните системи во културата, ја кривоколчи националната историја и ги поместува темелните камења на нашиот национален идентитет. Тој „проект“ е политичко насилство, со кое ВМРО-ДПМНЕ го суспендира уставниот поредок и го воспоставува самовластието на Груевски да ги донесува сите политички, но и урбанистички, архитектонски и споменички одлуки. За да го спроведе незаконскиот проект во слава на својата тоталитарна власт, Груевски ги наведе на криминал Владата, градот Скопје, општината Центар, државните инспекторати, јавното обвинителство, практично сите извршни органи на централната и локалната власт, потоа Собранието на РМ, судската власт и, на крајот, Уставниот суд. Сите институции на системот се самопоништија од аспект на нивната уставна улога учествувајќи во реализацијата на „Скопје 2014“, било тоа да е со активно кршење на законите и Уставот, или со нечинење и молк“. Затоа, единственото средство за борба против ова насилство е силата на отпорот. Насилието за ослободување од насилната и криминална диктатура е негација на негацијата – тоа е афирмација на слободата и правдата! Вандализам е градењето на „Скопје 2014“, а не неговото рушење!

И, да не се залажуваме дека отстапките што Диктатурата на Глупоста ги направи со потпишувањето на Пржинскиот договор се резултат на убавите зборови што меѓународната заедница ги употреби по тој повод. Во прашање е само СИЛАТА што стоеше зад тие зборови. Така ќе биде и во разрешницата на договорот што се случува деновиве: сите отстапки што Груевски ќе ги направи во правец на остварувањето на суштинските услови од договорот ќе бидат направени под меѓународна присила, зашто диктаторот не разбира никаков друг јазик освен оној на силата. Затоа, другарки и другари, Шарената револуција навистина ќе се реализира како Револуција кога однатре ќе ги зашарени ѕидовите на окупираните институции и кога ќе мораме да се веднеме за да ги набоиме Спомениците на Злото!

Фотографии: Ванчо Џамбаски
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото