Крај за режимот

10.05.2016 10:42
Крај за режимот

Древен хиндуистички мудрец им раскажувал на своите ученици приказна од Упанишада (верско учење од Веда), како еден учител по име Бхарата, одлучил да патува во далечниот град – Магда (Magdha).

Требало да патува со недели додека од планината не ја здогледал убавината на градот од соништата. Станал пресреќен што му се исполнила животната желба. Но, кога стасал до главната порта на градот, се изначудил што стражарите на портата наликувале на чудни суштества. Имале човечко тело ама козја глава! Но, зборувале исто како луѓе! Кога влегол внатре, што да види! – целото население имало глави од различни животни. Едни слонова, дуги кучешка, трети лисичја, четврти зајачка, а најмногу овча! Бхарата не можел да им верува на очите. Избезумен, се тешел дека можеби му се привидува и дека можно е со него самиот нешто да не е во ред. Ама сепак не можел да се воздржи од гласен плач. Што клетва ги има снајдено овие луѓе?!

Мислејќи дека е болен, мештаните го упатиле до кај главниот духовник за да му помогне. Бхарата наеднаш станал пресреќен што видел барем еден човек со човечка глава, ама тој бил слеп. Духовникот раскажувал дека тоа со луѓето е казна од богот Брахмана, оти овие луѓе поддржувале еден ептен злобен водач. А на тој што се спротивставувал на таквиот водач, му биле извадени очите. Потоа објаснил дека тие со зајачка глава се плашливците, тие со лисичја се дволичните, а тие со овча глава се послушниците.

Ние со години служевме како овци на болни пастири. Нè стрижеа и молзеа, а ние си молчевме! Само едни со лисичја глава се офајдија. Но, сè си има свој крај. Јажето околу вратот на режимот се стеснува. Стега „Титаник“, „Синохидро“, израелската опрема, плацевите, рекетите, „Актор“, тешките злоупотреби на фондовите… Наскоро владини функционери ќе мора да ги проколнат „Белизе“, „Кара“, „Сирах“ и сите дурги цицачи од даночен рај. Даночниот рај им се претвора во душевен пекол. Луѓето веќе престанаа да се плашат. Сфатија дека власта е таа што треба да се плаши. Тие што со години молчеа додека тонат, сега се полни со негативна енергија од разорна моќ. Ги бараат нивните пари, нивната иднина, нивната судбина, нивните деца и нивната држава. Страдаа милиони души поради мала група бездушници од проектот „лудило во сто чекори“. Парите на граѓаните ќе мора да се вратат. Тоа не се аболира. Ќе мораа да се вратат насилно преземените фирми, да се објаснат многубројните рекети и изнуди. Потоа ќе се види каде сме и што сме.

Цел свет се чуди како и после толку обзнанети апашлуци, грабежи, гусарења и злоупотреби против својот народ и држава, никој да не сноси одговорност! Ниту премиер, ниту заменици, ниту некое копиле од министер, ниту таа карикатура од обвинител, ниту тој фалш обвинител за организиран криминал, ниту некој (анти)корупционер или (анти)перач на пари! Овие последниве се до гуша во канализација поради замижување и непреземање законски дејствија! Заедно со прокриминалните медиуми кои неминовно се дел од организираниот криминал. И ако ова не добие адекватна правна разрешница, тогаш ќе помислиме дека пеколот и рајот се овоземски – пеколот за нас човечињата, а рајот за криминалците.

Режимот продолжуваат да го подржуваат само луѓе кои одамна од себе го имаат симнато не само моралот, срамот, пердето, верата и умот, туку и човечкиот изглед. Тие се луѓе кои дење го фалат Севишниот, а ноќе спијат со ѓаволот. Ниедна фантазија не би можела да продре до таму кај што ќе види како тоа толку мали мозоци направиле толку големи злодела!

Но, изгледа и јас не сум многу реален што барам микрон рационалитет од луѓе кои нè доведоа до пустош. Од држава лидер во регионот направија – Авганистан. Од развојно перпективна држава – нè сместија на клубот десет држави со најлоша економија на светот. Од просечен стандард – нè фрлија на групата на пет држави најсиромашни на светот. Од 1,8 милијарди долг – стасавме на 5 милјарди (без да изградат ништо значајно). Од 120 илјади јавни службеници – стигнавме на 180 илјади (четири пати над просекот на ЕУ). Уништија институции, судство, медиуми, животни судбини, масовно иселија млади. И пак народот бил принуден да ги сака! Направија рај за себе, а пекол за луѓето и продолжуваат да се фалат дека само нив ги бива. А сите гледаме како бродовите им тонат на плитки води. Плаќаат разни странски емисари кои во лично име профитираат од нашата трагедија, настојувајќи да нè убедат дека најдобриот пат е слепиот пат.

Што наумила меѓународната заедница?

Таа одамна ги има фрлено дипломатските ракавици. Сега знае дека првин треба да се гласа кај Јанева и кај независен суд што нема да се онесвести, па потоа НАРОДОТ ќе го каже својот збор. Македонија веќе стана регионален безбедносно-здравствен приоритет за меѓународната заедница до таа мера што ако не се лечи, ќе го инфицира целиот регион. Режимот мора да се стави во карантин, оти добро е познато дека криминалните режими кои се кријат зад лажниот патриотизам завршуваат со војни. Па затоа интервенцијата е неопходна, а и спасоносна. Арсеналот на мерките е таков што секој загубен ден е погубен за режимот и за сите нас. Тие веднаш треба да се повлечат од јавната сцена ако не сакаат да завршат полошо од многу лошото. А постои и најлошото. Тој што не гледа дека со режимот веќе е завршено – нема очи. Тој што посакува тоа да не е така – нема срце. A тој што сè уште се труди да го спаси – нема ум…

Што со ДПМНЕ?

Сè ми се чини дека во таа зграда на ВМРО која чини колку две болници има сè што може да се замисли освен нормалност, елементарна рационалност и ум. Таму тешко сфаќаат дека се паднати од власт од моментот на фрлањето на првата бомба. Да беа малку умни ќе се повлечеа на време со многу помали последици за државата, а и за нив самите. Сега ја доведоа ситуацијата до битка меѓу животот и смртта. А поразот одамна живее кај нив. Граѓаните платија скапо, веројатно ќе доплаќаат уште, ама знаат дека ќе се спасат од оваа елементарна катастрофа. Но, стравот како да продолжува да живее кај нивното членство, кое веројатно нема храброст да го откачи давеникот кој има камен околу вратот, па целата партија им тоне во бездна. Веројатно ќе исплива на површина отпосле, штом ќе пушти душа. А тогаш нема кој да ги погребува, оти новиот блок десничари со видни интелектуалци со голема брзина го зазема просторот. Потоа преостанатите овци ќе нема кој да ги стрижи и молзе. ДПМНЕ и ДУИ ќе немаат потреба за човечко тело со овчо лице.

Оти ќе ги снема за навек.

Извор: Либертас
Слики: Свирачиња