Вработените од јавната администрација бараат паузата да трае 6 часа

10.05.2016 11:53
Вработените од јавната администрација бараат паузата да трае 6 часа

Скопје, 10 мај 2016

Вработените од државната администрација го кренаа гласот против лошите услови за работа во нивните институции и во знак на протест вчера прекинаа со играње „солитер“ на компјутерите.

„Ова веќе не се трпи. Не може да излегуваме на пауза секој половина час, а да се враќаме по 45 минути или два часа. Правото на пауза треба да се регулира законски, а паузата да трае доволно“, вели Митре Безделничев, вработен во одделот за броење спојувалки при Министерството за ветер и магла.

Тој смета дека единственото разумно времетраење на паузата, е 6 часа, а сè помалку од тоа е нечовечка експлоатација на административните работници.

Доколку власта нема слух за потребите и барањата на административците, тие најавија радикализирање на протестите.

„Им даваме на властите рок од една недела да ги исполнат нашите барања. Потоа ќе ги радикализираме протестите: нема да си гледаме на кафе откако ќе го испиеме, а нема да објавуваме ни фејсбук статуси во работно време“, изјави Безделничев за Пара вести.