Viva La Шарена револуција!

12.05.2016 03:28
Viva La Шарена револуција!

Драги наши и никогаш непрежалени криминалци со фашизоидни нагони, свесни ли сте колку добрини ни направивте последниве неколку години? Нѐ обединивте, нѐ направивте посилни, нѐ научивте да маваме со јајца и патлиџани, да скандираме гласно, да протестираме и покрај тоа што врне-истура и да не ни текне да си одиме дома затоа што се смрзнуваме од студ.

Студентите ги потсетивте колку голема сила се тие; средношколците дека воопшто не се мали и незрели за да имаат свои ставови и сами да можат да си ги изборат своите права; родителите - да престанат да викаат: пази, не оди, ќе те уапсат, ќе те тепаат, туку да застанат на барикадите заедно со своите деца; пензионерите и борците ветерани, дека нивната борба сѐ уште не е завршена, иако не се работи за нивната иднина туку за иднината на нивните внуци и правнуци. Ги обединивте и професорите, кои развија низа соработки и понатамошни акции, благодарејќи му на пленумот во кој се препознаа како истомисленици и борци. Луѓето почнаа да учат дека е од голема важност да излезат на улица не само за да се борат за сопствените права, туку и за правата на другиот. Мартин Нешкоски, кого го убивте, обедини леви и десни, црвени и сини, жолти и зелени. Вие направивте првпат да бидат врзани едно за друго македонското и албанското знаме, па потоа и турското и знамињата на сите други етнички заедници, кои застанаа обединети во борбата против вашето криминално и фашизоидно владеење.

И, што е најважно, вие го поттикнавте создавањето на најмоќниот македонски бренд во последниве дваесет и пет години. Драги наши и никогаш непрежалени криминалци, погодувате ли за кој бренд се работи? Не, одговорот е погрешен, како што и очекувам од неуки шескаши, на кои им требаат заобиколни патишта и по девет години да завршат факултет како-така, за потоа својата некомпетентност и некадарност да ја скршат од 'рбетот на народот. Не се работи за Скопје 2014. Најмоќниот македонски бренд во последниве дваесет и пет години е ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА. Еден ден песни ќе се пеат за неа, како што денес ги пееме „Bella ciao“ и „El pueblo unido jamás será vencido“. Но, она што е само нејзино е тоа што таа не користи оружје, не тепа, не беси на плоштад, а и - не осиромашува, не краде, не се заканува, не уништува, не пљачка одново и одново веќе одамна испразнети џебови, не се богати нелегално, не гради чудовишта од стиропор за да испере неброено многу пари, не убива по ендеци, не мами на избори, не замолчува и не држи во заблуда, не монтира нова историја, не претепува до смрт, не се исмева со убиено дете на плоштад, не гради рејтинг на популистички залажувања на својот народ, не влече за уши принудени гласачи, не руши од реваншизам и нелојална конкуренција, не уценува со живот и фамилија, не гази по законите и не ги корумпира судовите, не навредува сиромашни и исплашени, „поткупувајќи“ ги со петстотини денари, не аболицира криминалци, не ги затвора оние кои мислат поинаку, не креира теории на заговор за да ги опие слабите и несигурните, не нарекува најблиски соработници со погрдни имиња, не си ги прислушкува пајташите, не го говори речникот на омразата, не принудува работници да работат по две смени за 6.000 денари плата, не гледа ладнокрвно како деца умираат молејќи за парична помош за лекување додека се вози во мерцедеси од 600.000 евра... Не држи во заложништво 2 милиона луѓе и една и онака кревка држава, која некогаш беше симбол на кроткоста и мирот, а денес дише забавено и тешко, како пред умирање.

Таа полни балони со боја и означува. Да, таа означува. Става белег. Белег на злоделата. Таа е вперен прст. Но, бидејќи таа не е предводена од примитивци и фашисти, дури и кога жестоко се спротивставува, не ништи туку разубавува. На кичот и неавтентичноста или на збајатеноста и обезличеноста им удира печат од нешто автентично и естетско. Таа е нешто толку поетско во едно толку непоетично време. Таа испраќа порака, на глупоста одговара со мисла и смисла. Таа е симбол на различните, обединети за иста цел - преку оружјето на шареноликоста да му пресудат на фашизмот, едноличен во злоделата. Таа е потписот на едно време врз ѕидовите на едно невреме. Можете да ја избришете бојата, но не можете да ја сотрете пораката. А таа е испратена. До целиот свет. Таа е составен дел од нашата историја под вас. И неа никогаш нема да можете да ја избришете. Ќе ви се враќа како бумеранг од секое ќоше на виртуелното и ќе ви ги активира кошмарите. Оти, имено, таа го означува времето на вашиот пад. Времето на вашиот пад ќе се помни по Шарената револуција. И тоа толку ве боли, што во изминативе недели можевме да ја преброиме сета македонска полиција, заедно со сите шлемови, штитови, оружје и водени топови кои ги поседувате. Да се изборите со демонстранти што палат слики на божемен претседател и кршат прозорци на никогаш неупотребена „народна“ канцеларија некако и знаевте. Ама како се бори против луѓе кои наместо оружје и палки носат балони со боја?

Сепак, уживајќи по улиците на Скопје, во шарен занес и свирежи и скандирања кои ми ја полнат душата, сонувам за денот кога Скопје 2014 вистински ќе го срушиме. Како Берлинскиот ѕид. Да си ги добиеме сите делови од градот назад. Каква радост ќе биде тоа, да го почувствуваш мигот на слободата која самиот си ја изборил. Мразам агресија, ама кон стиропорот и негледливите столпчиња од квази-балконите ќе бидам безмилосно агресивна. Ќе ги пердашам со сета сила и со сиот ќеиф! А кога тоа ќе се заврши, веќе никој нема да може да нѐ измами. Ќе станеме посилни за едно искуство кога гледавме и молчевме, трпевме и мислевме дека полошо и полудо не може да биде. Ама, ние бевме нормални, логични, рационални кога го мислевме тоа. И не препознавме дека си имаме работа со луѓе со дијагноза. А потоа веќе беше претешко. Не можевме да станеме толку луди за да ви ги предвидиме потезите. Притоа, си играте со сериозни играчки - полиција, војска, оружје, собрание, судови, затвори... Мора да се пази кога некој непресметлив има пристап до оружје и има ингеренции да донесува одлуки. Можеби единственото полудо од вас (освен мачките на Ванхауте) е нашата Шарена револуција. И таа и ќе ве победи! VIVA LA ШАРЕНА РЕВОЛУЦИЈА!

Ваша,

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Владимир Лукаш

ОкоБоли главаВицФото