Имагинарен град - изложба на фотографии на Александар Наумчески

17.05.2016 01:10
Имагинарен град - изложба на фотографии на Александар Наумчески

„Имагинарен град“, првата изложба на Александар Наумчески, ќе биде отворена на 19 мај во 20:00 часот во Јавна Соба, во организација на Асоцијација на архитекти на Македонија (ААМ).

Како составен дел на БИМАС2016, проектот „Имагинарен град“ ја следи главната тема на биеналето, Рециклирана архитектура. Градот и архитектурата се подложни на постојани промени со текот на времето. Неретко заради промените, било да се општествени, политички, културолошки или економски, објектите и нивната функција стануваат непотребни, надминати, неисплатливи. Тогаш, или се заменуваат со нови, развој кој може да зафати и поголеми рамки на урбана четврт која се трансформира во форма, структура и функција, или објектот ја задржува старата форма вдомувајќи во себе нова функција. Градот е во постојана состојба на рециклирање, реоформување, редефинирање. Нашите сеќавања за градот се фрагменти, просторни и временски исечоци, инсерти.

„Имагинарен град“ е серија од генерирани урбани сцени и детали настанати со преработка на кадри фотографирани во повеќе градови. Фотозаписот настанат при фотографирањето на различните локации служи како алатка во креирање на нови архитектонски/графички решенија. Процесот претставува своевидно проектирање преку фотографија.

„Имагинарен град“ нуди визуелно искуство од сцени и фрагменти кои секојдневно ги среќаваме, гледаме, (не) ги забележуваме, одминуваме, и е предизвик за публиката за идентификација и препознавање на оригиналните мотиви.

Изложбата се фокусира и на аспектите на динамика наспроти статичност на градот. Во неколку серии, кои се дел од проектот, обработени се темите: промени, развој, згуснување, растење, мултипликација и повторување.

Александар Наумчески е роден во Скопје во 1975 година. Дипломирал на Архитектонскиот факултет во Скопје. Професионално се занимава со архитектура. Основач-партнер е на Радиус Архитекти. Негова втора страст е фотографијата, во која главна тема е архитектурата. Композицијата, просторот и светлината се поврзувачките нишки кои ги пронаоѓа помеѓу архитектурата и фотографијата. Едноставноста на композицијата, чистиот геометриски израз и графичката експресија се концептите што ги практикува и во двете области на неговата работа.

Повеќе фотографии на Александар Наумчески на Окно можете да погледнете овде.

Извор: www.revoshot.com