Апсурдот на изборите без избор

17.05.2016 12:48
Апсурдот на изборите без избор

Кога нешто малку отклонува од нормалниот тек на работите, може да се исправи. Но, ние веќе сме навлезени во состојба на апла-лудило, до кое здраворазумските аргументи одамна не допираат.

Кога може да се најави одржување на ЕДНОПАРТИСКИ избори, веќе сè е можно. Сите карти се отворени и криминалната банда веќе не се ни обидува да навлече некаква маска на нормалност. Еве, дури и да не се одржат такви апсурдни, карикатурални избори на петти јуни (кои народот ги плаќа!) доволно е загрижувачки што воопшто пројде вакво нешто до овој степен.

Според последната анкета на Институтот за демократија „Социетас цивилис“, мнозинството од испитаниците (63%) се изјасниле дека не треба да има избори на кои нема да учествуваат сите партии. НО, за 31 отсто од испитаниците таквите избори се сосем прифатливи!

Навидум значително помал, овој процент е И ТОА КАКО загрижувачки. Фактички ние во моментов имаме еден дел од популацијата кој практично ја отфрла целата идеја за плурализам и демократија. Над 30 проценти од населението не сметаат дека за да има ИЗБОРИ треба да има ИЗБОР помеѓу повеќе од една опција. Триесет отсто од Македонците сметаат дека не е потребен коректив во владеењето на една партија, а за checks and balances да не правиме муабет. Веројатно сметаат и дека тие што не го поддржуваат Груевски не треба да постојат на тлото македонско.

Ок, што е следно? Груевски да се самопрогласи за цар? За фараон, можеби?

Судејќи по рецентните случувања ништо не е неможно. Загрижувачки е колку се разорни последиците од децениското владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Во моментов практично имаме еден добар дел од народот кој не ја сфаќа потребата од функционален правен систем кој ќе претставува столб на сигурноста, без оглед на тоа кој е носител на власта.

Цивилизациската придобивка на номосот е општеството да се согласи околу одреден склоп на правила по кои ќе се игра, а кои ќе донесат безбедност и предвидливост во секојдневието и ќе нè заштитат од хаос и самоволие. Ние, како општество, веќе го поткопавме и самиот минимум. Ги разоривме темелите, а неуставноста на која било постапка на власта веќе не се прифаќа како аргумент.

Во изминатиов период бевме сведоци на кршење на правниот систем по сите нивоа; и ете, си начекавме дури и отфрлање на самото начело на ПЛУРАЛИЗАМ. Со систематско дупење на народот во здрав мозок и внимателно напредување чекор по чекор по недозволивото, а водени од филозофијата „ај да видиме до каде можеме“, ВМРО ДПМНЕ конечно нè дотурка пред бездна од која нема враќање. Или ако има, ќе треба макотрпно ползење назад по истата стрмнина по која се струполивме и во која драгоцени години од животот ќе фрлат уште генерации.

Тоа што го изгубивме кредибилитетот пред меѓународната заедница и веќе одамна сме ставени во кош со банана-државите е помалку страшно од она што сите ние го чувствуваме на сопствена кожа. Чувствуваме безнадеж. Да имаш 22 години и да живееш во држава каде што врвот на плејадата глупости што ни ги сервираат е најавувањето еднопартиски избори, е во најмала рака ужасно.

Со ваквото копање, подолу од дното, нашата сопствена држава им ја црпи и последната надеж на младите што решиле да градат иднина овде, дека вреди да се фрлат најубавите години од животот во обид да се преживее како кираџија во приватен имот на банда лудаци, без надеж за догледна стабилизација, или пак напредок.

Оние 30 отсто што сметаат дека се во ред најавените избори за легитимирање на сиот досегашен криминал и плановите за којзнае каков следен, се доказ за систематското конструирање на една паралелна реалност. Паралелна реалност за држава во која сè е цакум-пакум и во која најзаслужен за таквиот „добар живот“ е токму Никола Груевски (странска инвестиција за нископлатено црнчење овде, субвенции по партиска линија за високомлечни крави онде)... И во таа црна дупка, за жал, многумина пропаднаа.

Слики: Александар Јосифовски
Извор: Плусинфо

ОкоБоли главаВицФото