Добредојдовте во пропагандниот Апсурдистан!

19.05.2016 09:08
Добредојдовте во пропагандниот Апсурдистан!

Со аболицијата стана јасно дека ништо не е важно, освен виновниците од власта да си ја спасат кожата по секоја цена, патем газејќи ги Уставот и законите, затегнувајќи ја уште посилно ортомата околу вратот на и онака заробените институции и обидувајќи се целосно да ја задушат институционалната демократија. Колку се отворија картите на пропагандистите по аболицијата покажува и фактот што партиите и само партиите 8 дена пред пристигнувањето на новиот германски посредник, Јоханес Хајндл, преговараа со странските амбасадори што да се прави со неа – дали да се укине целосно, дали да не се укине (зашто „нема уставна можност за тоа“) или да се укине само за оние лица кои не сакаат да бидат помилувани. Од друга страна, треба само да се потсетиме на обраќањето на Иванов кога ја прогласи аболицијата и кога нè убедуваше дека одлуката за помилување ја донел самиот и не се консултирал со никого. Толку многу не се консултирал што, ете, сега никој не го ни прашува што ќе се случи со неа. Тој, едноставно, ќе го направи она што ќе му каже ВМРО-ДПМНЕ, само кога би можел да се постигне некаков договор. Да зависеше судбината на аболицијата од него, странските амбасадори ќе се редеа пред неговиот кабинет, а не по седиштата на партиите.

 

ЕВРОПСКИТЕ ЗАКАНИ ЗА САНКЦИИ КОН ЗАЕВ И КОН КЛЕТИТЕ ГРЦИ

И, во тој период на сопствена збунетост, пропагандата едноставно реши да продолжи да функционира како и пред одлуката за аболиција, обидувајќи се на јавноста да ѝ продаде манипулативни спинови, какви што веќе ги знаеме преку обвинување на опозицијата. Во таква ситуација на засилена немоќ, слушнавме дека бројните најави на Европската Унија за санкции не се однесувале на претставници на власта, туку дека „таа закана можеби се однесувала на Заев и неговото раководство“ (24.13), односно дека санкции најверојатно ќе имало врз опозицијата. Се разбира, ова го слушнавме еднаш, на самиот почеток од таквите најави и никогаш повеќе.

Во истражувањето на јавното мислење на ИРИ од октомври 2015 година, 37 отсто испитаници сметаа дека одговорни за прислушувањето се странските служби (слајд 14), што беше најчест одговор, иако одговорите дека власта прислушувала беа веднаш на второ место со 33 отсто. Откако власта увиде дека оваа измислена приказна кај јавноста добро помина, нејзината експлоатација никогаш не престана, при што опозицијата секогаш беше дел од пропагандниот микс („предавници“, „странски платеници“, итн.). Сепак, колку многу пропагандата почна да се фаќа за сламки, покажува спомнувањето на лице од Грција, кое се погоди во Битола за време на еден од протестите на „Шарената револуција“ во градот, како „доказ“ за поврзаност на протестантите со странски служби и тоа не кои било, туку баш со грчката, односно со земјата што сака да ни го смени името. Проблемот е само што станува збор за професорот по психологија Марвакис Атанисиос, кој бил поканет да присуствува на дебата на Филмскиот фестивал „Контра кадар“, каде што одржа предавање за перспективите на критичката филозофија, а кое бил поканет да го одржи многу пред воопшто да се знае за протестот на битолчани и за „Шарената револуција“ воопшто. Но, кога веќе ги нема фамозните странски служби, тогаш зошто тие да не се измислат и да не се лоцираат во ликот на еден средовечен 54-годишен грчки професор.

 

„ВИСТИНАТА“ ОБЈАВЕНА ОД „ЊУЗБАР“

Историјата отсекогаш била плодно тло за пропагандата, при што се користи принципот на „префрлување“ (transference) на славните или „славните“ историски настани во денешно време за да се покаже храброста и дадените жртви во минатото со подготвеноста денес да се постапи на истиот начин од страна на оние што таквата пропаганда ја практикуваат. Во време кога јавноста е предмет на повеќегодишни пропагандни инјекции со високи дози антиквизирана историја, таквиот наратив има добра подлога за надградба. Така, слушнавме дека во Хрватска катедрите за јужнословенски јазици наголемо ги менуваат своите имиња во катедри за старомакедонски јазици, откако, ете, научниците по повеќегодишно, односно децениско истражување откриле дека современите словенски јазици, всушност, потекнуваат од македонскиот јазик (од 13.30). И сè ќе беше во ред ако ова не беше објавено од хрватскиот портал „Њузбар“ (News-bar), која објавува т.н. „кромид“, односно, лажни или паравести, кои немаат врска со вистината и чија цел е да забавуваат претворајќи ги вестите во сатира. Откако ваквата „ексклузивна“ и „шокантна“ вест ја слушнавме на телевизија, таа беше со сета сериозност пренесена и на интернет и во печатот, поточно во весникот „Вечер“. И тоа не првпат. Истата вест е веќе еднаш објавена и тоа уште пред четири години и тоа во истиот весник. Но, тогаш точно е прибележено дека станува збор за „кромид“, односно за невистина со назнаката „летна шега“. „Њузбар“ едноставно ја има препечатено истата вест одново годинава во надеж дека ќе измами нови наивци, кои во ова одново ќе поверуваат и во тоа успева. Ваквите вести се рецензирани од „Сервис за проверка на факти“, а оваа појава и тоа конкретно токму оваа лажна вест е и опсежно анализирана во посебен напис, така што многу добро се знае дека се работи за сатира, а не за вистинска вест. Но, како пропагандата станува сè поочајна, како сè повеќе аргументи и „аргументи“ ѝ се избиваат од јавната дебата, таа нема причина свесно да не ја измами јавноста и „веста“ од „Њузбар“ да ја пренесе во ред владини медиуми како точна. И, ова, конечно, многу добро покажува до кое ниво е дојдена пропагандата – свесно да објавува невистини и да ја манипулира јавноста со нив кога веќе вистината е сè подалеку од дофатот, односно кога оди во сосема спротивна насока од таа што таа ја посакува.

 

НЕИЗБЕЖНИОТ И „СТРАШЕН“ КАНВАС

Тука е, секако, и неизбежниот КАНВАС – Центарот за апликативни ненасилни акции и стратегии, кој, ете, се осмелил да држи работилница за граѓански активисти и во Македонија, откако тоа го сторил во многу земји, па дури и понудил награда за оние учесници кои би смислиле идеја за иновативен ненасилен начин на протестирање. Пропагандата ова го продава како доказ за вмешаноста на странските служби и аргумент дека странците стојат зад обидите за уривање на актуелната власт. Точно е дека лидерите на организацијата си припишуваат себеси успеси во различни земји, како Египет, на пример, каде имаат одржано работилница во текот на протестите против тамошниот диктатор Хосни Мубарак, притоа тврдејќи дека непосредно по одржаната работилница Мубарак бил сменет од власт. Но, речиси никој не верува дека тоа е резултат на токму таа една работилница одржана откако протестите на плоштадот Ал-Тахрир во Каиро веќе одамна беа почнати. Она што е најинтересно и што ја урива целата приказна за КАНВАС како оружје на странските служби, особено на ЦИА, е актуелниот ангажман на нејзиниот лидер Срѓа Поповиќ. Тој веќе неколку години е професор на Универзитетот од Харвард во САД и негова главна активност во изминатите две-три години е обука на Афроамериканците за ненасилни протести. Приказната за настаните во гратчето Фергусон и за тамошните протести е добро позната. Слични протести низ САД има и во други градови на кои се протестира против непропорционалното затворање и малтретирање на Афроамериканците од локалните полиции во САД и токму Поповиќ држи обуки за ненасилни протести во овие градови, а сè за да не дојде до насилство, како и да се покаже дека ненасилните протести се далеку поефикасни од насилните. Со оглед на фактот што пропагандата инсистира на поврзаноста на КАНВАС со ЦИА, испаѓа дека ЦИА му плаќа на професор Поповиќ да ги научи Афроамериканците во САД како да се бунтуваат и како да ги урнат властите баш во САД. Од ова испаѓа како ЦИА да не е американска разузнавачка агенција, туку како да сменила страна и како сега да работи за некоја друга држава и против матичните САД.

Заканите се неизбежен дел од пропагандата и составен елемент од класичниот асортиман на алатки за заплашување. Нив ги употребува и самата владејачката партија и тоа директно кон политичките противници во официјални соопштенија, па нема причина тоа да не го прави и пропагандата. Токму неодамна таква закана кон симпатизерите на опозицијата беше изречена и тоа на најдиректен начин, при што отворено беше кажано како „само една БОЈА ќе игра за вас и вашите фамилии – ЦРНА“, како и ако Груевски не бил „така толерантен, смирен, конструктивен и мирољубив – ГО Е**ВТЕ ЕЖОТ“, зашто, ете, лидерот на владејачката партија бил оној кој тоа го спречувал и кому требало да му се заблагодариме за неговата заштита. Проблемот е што кога станува збор и за заканите, со оглед на нивната бројност во подолг временски период, веќе и на нив отрпнавме и едвај да ги забележуваме. А, не би требало. Зашто, како што е познато, тие понекогаш и се остваруваат.

 

ПРОБЛЕМОТ СО ПОСТ-АБОЛИЦИСКАТА ПРОПАГАНДА

Заморот од упорната и постојана употреба и на закани, и на напади, и на веќе безлични фалби на власта и на владејачката партија, како и сè поапсурдните спинови и манипулации кај севкупната јавност, односно феноменот на отрпнување, претставуваат значителен проблем со кој се соочува пост-аболициската пропаганда. Толку многу пати сè е кажано и повторено, толку многу пати се спомнати странските служби, кои никако да се појават или конечно да бидат откриени, толку многу пати и толку долго домашниот и надворешниот непријател се обидуваат да нè уништат, ама уништувањето никако да се случи, толку многу пати сме слушнале колку ни е добро и колку брзо се развиваме, а развојот никако да го почувствуваме, што едноставно ефикасноста на ова повторување сè повеќе и повеќе сè намалува.

Повторувањето е мајка на пропагандата исто како и на знаењето, но разликата овде е што тоа функционира само до извесна мера. Кога и покрај толку многу повторувања, она што се тврди дека е вистина и дека е точно, никако да се претвори во вистина, таквите манипулации почнуваат да бледат, да стануваат проѕирни и да го покажуваат своето вистинско лице. Токму затоа, на пример, рускиот автократ Владимир Путин по извесно време реши да го минимизира севкупниот, па и пропагандниот ангажман во Украина и да бара нови поплодни пропагандни пасишта во Сирија, односно да го смени пропагандниот пејсаж, откако Западот воведе санкции врз Русија и откако во Украина и во другите земјите од поранешниот Советски Сојуз почнаа да се создаваат и да функционираат институции чија цел беше да се справат токму со неговата пропаганда. Украина основа редица медиуми на англиски јазик, како и веб-страници чија цел е да му се спротивстават на Кремљ на пропаганден план, западните медиуми ги разоткрија фабриките на тролови и тоа директно во нивното седиште во Санкт Петерсбург, балтичките земји основаа ТВ-станица на руски јазик со цел да ѝ парираат на руската пропаганда, а и Европската Унија основа посебно одделение чија цел беше да се демаскираат манипулациите на Путиновата пропагандна машинерија и тоа и во земјите од поранешниот СССР и во ЕУ.

Но, за жал на нашата власт, таа нема каде да оди и како да го смени милјето, теренот на кој ја води пропагандната војна против сопствениот народ. И мора да се вкопа уште подлабоко во пропагандните ровови, надевајќи се дека ќе излезе како победник во борбата против вистината без оглед што пропагандната муниција на власта е или потрошена или сè повеќе изгледа како таа да пука со ќорци, па дури и со празни пропагандни пушки. И на тој начин да го продлабочува апсурдот на своите манипулации и спинови. Други опции пропагандните војски на силите на авторитарната оска во земјава повеќе и немаат.

 

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Свирачиња