„Го бојадисуваме она што е наше, а ни го зедовте!“

25.05.2016 09:40
„Го бојадисуваме она што е наше, а ни го зедовте!“

И покрај врнежите од дожд во Скопје, протестите на Шарената револуција продолжија во текот на викендов во Скопје и во повеќе градови во внатрешноста, а се најавува да продолжат редовно и во текот на следнава недела.

Протестите во петокот и во саботата започнаа пред Специјалното јавно обвинителство, а демонстрантите уште еднаш ја обоија зградата на Министерството за правда.

- Го бојадисуваме тоа што е наше, изградено со наши пари, а што вие ни го одзедовте. Сепак, сите заедно, ќе го вратиме во владение на народот - рече во својот говор пред демонстрантите Дејан Павлески, претседател на Комисијата за локална самоуправа на СДСМ.

На протестот насловен „За враќање на правдата, слободата и демократијата во Македонија“ граѓаните бараа укинување на аболицијата што ја издаде претседателот на државата Ѓорѓе Иванов.

- Време е Македонија да ги види криминалците зад решетки - рече во своето обраќање пред насобраните скопјани Игор Трајчевски, член на Извршниот одбор на СДММ.

Протести се одржуваат во повеќе градови во внатрешноста. На протестот во Крива Паланка на демонстрантите им се обрати режисерот и граѓански активист Владимир Милчин.

- Денес во Македонија, не ние, туку тие се најуплашените. Затоа што знаат дека казната стигнува и таа казна ќе мора да се плати. И со затвор и со пари. Парите што ги испокрадоа. Тие пари ќе се најдат и ќе мора да се вратат, таму каде што треба, кај граѓаните - рече Милчин.

Тој истакна дека граѓаните се носители на суверенитетот на Република Македонија.

- Таа е нивна држава, тие не се сопственост на моќниците, не се сопственост на власта што ни ја јаде душата 10 години по ред. Таа власт мора да си замине. Нам улиците, ним затворите, ова е наше место, Шутка ќе биде нивно место! Со криминалците нема пазар. Никој од нашите предци нема да ни прости ако се пазариме со тоа каде им е местото на криминалците, на лоповите, на убијците - истакна Милчин пред насобраните граѓани.

На протестот во Битола демонстрантите направија вистински пародичен перформанс, со маски и уличен театар. Со „владин мерцедес од 600.000 евра“, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, дојде во Битола свечено да го отвoри новиот „стадион“, направен од теписон и две минијатурни голчиња. Друштво му правеа битолскиот градоначалник Владимир Талески и вицепремиерот Владимир Пешевски. Обезбедувањето им ги отвори вратите од автомобилот, а поради дождот им отвори и чадори. Функционери се упатија кон стадионот, а насобраните граѓани ги поздравија и им аплаудираа. Потоа „функционерите“ ја пресекоа црвенатa лента, а Груевски шутираше кон голот.

Граѓаните и граѓанките на Велес веќе седумнаесетти ден протестираат во боите на Шарената револуција. Протестот започна од пред кружниот тек кај Авона. Демонстрантите се движеа по улицата Благој Ѓорев, покрај кафе баровите во Велес.

Tие извикуваа „Апаши“, „Вратете ги парите“, „Бардовци за Илија“, „Поддршка за СЈО“, „Револуција“, „Затвор за фашистите“, „Мафија на робија“. Протестот заврши на плоштадот С’рмаале со говори на Дејан Ристов, Дејан Арсовски и Дамјан Манчевски.

Граѓаните на Пробиштип викендов излегоа на протести во центарот на градот да побараат целосно повлекување на аболицијата, оставка на претседателот и прочистување на Избирачкиот список. Стотици демонстранти протестираа и на улиците на Струмица, во знак на револт поради одлуката за аболиција, со барање на оставки и од Иванов и од владата на Груевски.

Поддршка за Шарената револуција од Македонците во Дубаи

Македонците што живеат во Дубаи организираа протестна акција во знак на поддршка за Шарената револуција и на граѓанското движење „Протестирам“.

„Ова е прва спонтана средба на Македонците што живееме во Дубаи за поддршка на Шарената револуција. Акцијата беше организирана за едно претпладне, но постои голем интерес кај многу други македонски граѓани во Дубаи за да се приклучат“, изјави за порталот Сдк.мк еден од организаторите на протестот, кој најави продолжување на акцијата.

Македонци во Љубљана ги охрабруваат протестите

Јавен собир на македонски граѓани, кои во целост го поддржуваат граѓанското движење „Протестирам“ и Шарената револуција, се одржа во саботата паркот Тиволи, во Љубљана, информираат Македонци што живеат во Словенија.

„Целта на собирот е јавно да изразиме поддршка до нашите сограѓани, кои неуморно протестираат секој ден во повеќе градови низ Македонија. Европската пратеничка Тања Фајон, во имејл, изрази директна поддршка за собирот и посака граѓанските барањата конечно да бидат слушнати и во нашата татковина.

Покрај големиот број лажни обвинувања и напади, со кои се соочија организаторите на овој настан, собирот сепак ќе биде одржан“, се вели во соопштението.

Извор: Слободен печат
Фотографии: Ванчо Џамбаски

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото