Информативен разговор

25.05.2016 09:51
Информативен разговор

Се проширува листата на учесници во Шарената револуција кои се поканети на информативен разговор во полициска станица. Калајџиев, Пировска, Најчевска... И покрај тоа што избегнувам три точки, тука морам да ги употребам. Затоа што листата е отворена. За секого од нас. Еве, јас зачестив со туширање, имам подготвено и торбичка со потрепштии – истата онаа што ја имав на готов’с кога требаше да се пораѓам во Чаир, имам и штека цигари настрана. Покрај тоа, имам и концепт кои и какви информации ќе треба да споделам со органите на прогонот. Та, нели учам цел живот. Мора континуирано да си обновувам градивото.

Со искрена надеж дека методите на интерогација се малку поцивилизирани од времето на „Среќна нова ‘49-та“ или на „Тетовирање“, за потребите на оваа вежба, сепак, ќе се задржам на основните три прашања кои (претпоставувам) ќе ги постават чичковците во сино:

1. Зошто ги нагрдуваш општонародните добра? – поткрепено со некоја фотографија од Чавков продакшн. Не, господо! Ние му даваме уметничка есенција на еден грд мастодонт, направен од стиропор и нешто-налик-на- мермер-ама-не-е, кој беше пуштен да ровари по родниот ми град. Дури сега, „добрата“ кои ги споменувате, стануваат општонародни, наши, шарени, та дури и убави. Впрочем, прашајте се, колкав дел од општонародните пари дадени за реализација на умоболни замисли, завршиле по приватни сметки.

2. Кој те организира? – со поттекст „кој те плаќа, за кого работиш?“ Драги мои, зар треба некој да ме плати да се борам за сегашноста и иднината? Зар слободата има цена? Дали од стрвот кон разноразни богатства, функции, моќ, изумивте дека најнеопходните нешта се бесплатни? Патем, имате пристап кон мојата сметка, па проверете кој и колку ме плаќа. Кога сте веќе таму, можете и да платите некоја сметка за струја. Или, барем да го намалите јавниот долг од две илјади евра. Шест. Сосе оној на маж ми и оној на син ми.

3. Дали ќе продолжиш да протестираш? Да! Сто пати – ДА! Можете да ме притворите, затворите, осудите, ама има илјадници мои другари, пријатели, роднини кои ќе продолжат да протестираат. До последен здив. Додека не се ослободат институциите од оние узурпатори кои досега требаше да бидат затворени и осудени. Додека не сум сигурна дека гласот кој ќе го дадам на некои следни избори нема да го дадам за помалото зло, туку за заедничкото добро.

И тргај тоа сијалицата, очи ми истера!

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: Странски служби

ОкоБоли главаВицФото