Газиме врз срамот!

25.05.2016 10:23
Газиме врз срамот!

Да се чекори со Шарената револуција значи да се влезе во отворено уметничко дело - „социјална скулптура и архитектура“ (Јозеф Бојс). Единствено уметничкото дело има моќ и сила да сруши лага и да создаде амбиент за напредок во сите области на животот; ја сакаме нашата земја и ќе се грижиме за неа – во тоа е нашата најголема инспирација и мотивација.

Една вистина се реализира ако ги облагороди секојдневните наши акции и „обичните доживувања“, ако стане култура, а во најдобар случај уметност на живеење.

Мислители, филозофи, теоретичари, уметници кои се свесни што се случува во Македонија, и ако не (сакаат да) ги следат секојдневно политичките случувања, внатрешно чувствуваат дека нешто се менува. Но, малку се пасивни, можеби мислејќи дека за теоријата, текстот или драмското дело или за историскиот осврт кој треба да го напишат ќе им треба временска дистанца? Грешат, бидејќи надвор на улица, во друштво со овие „обични луѓе“ го добиваат најбитното нешто - позитивна енергија која преобразува.

На улица, сега и овде, зборовите добиваат полна смисла и сила. Кажете МИР и само тој единствен збор е градба од стремеж, или СЛОБОДА – веќе е нешто конкретно, опипливо. Теоретичарите, писателите, филозофите, поетите и другите наши мислители, луѓето на кои пишаниот збор им е уметнички медиум, треба да излезат на улица и да скицираат по нешто од богатството емоции. Макар еден збор да напишат на празниот лист. На пример – РАДОСТ, збор - творба, амбиент, поема, соната или урбана инсталација.

Само еден единствен збор –СВЕТЛИНА- е како трактат, кога универзални вредности и квалитети се на дофат!
МУГРА. БЕЛИ МУГРИ.

Широката хоризонтала создава вертикала од доблести одвнатре.

Во Скопје е достигната критична маса меѓу граѓаните кои непоколебливо се борат за заштита и унапредување на демократските вредности.

Поддршка треба да се пружи и во другите градови во Македонија. Бидејќи во најголемиот број градови и села сè уште владее закрвавеното непријателство меѓу двата политички блока. Таквата перманентна состојба ја задушува креативната енергија и напредокот. Принципите на шареноликиот плурализам - за самостојни ентитети кои во заедништво градат повисока цел и слободното јавно изразување, сè уште не се доволно добро сфатени и распространети, бидејќи нема вистинско внатрешно ослободување кај луѓето.

Во таа смисла од голема важност се граѓанските иницијативи како Заслужуваме подобро, потоа активностите на Цивил - Центарот за слобода низ градовите на Македонија и други. Пред некој ден инспиративно беше обраќањето на режисерот Владимир Милчин до граѓаните во Крива Паланка. Со многу топлина и вистински зборови за „обичниот човек“ и „обичните, а силни нешта“ тој ја доближи суштината на ова движење.

Ова што сега се случува во Скопје е амбиентот кој ќе се развива во нашата земја, амбиент со позитивна енергија, општество со повишена свест и будна совест, земја во која и нашите иселеници можеби ќе се враќаат, и со својата креативност и стекнати знаења ќе придонесат за новата социјална, економска, политичка архитектоника, новата слободна република. Шарената револуција е поддржана во дијаспората бидејќи е автентичен изблик, „ренесанса на македонското општество и емиграција“.

Значи, срамот исто така го газиме. Отвореното уметничко дело нè ослободува од срамот. Ние се отвораме кон светот, не се срамиме од себеси, од својата култура. И сликарската техника, гледам, се усовршува. Фасадата на „Триумфалната порта“ има слоевито сликарство: основата веќе впила малку боја како пастелна подлога на која се нанесува втор, трет слој. Последната интервенција сигурно нема да се избрише!

Можеби движењето веќе треба да се издигне на повисоко ниво, да добие филозофски ноти (не сугерирам идеолшки, туку филозофски, бидејќи е хетерогена структура со повеќе идеолошки јадра).

Кога ликовна експресија се комбинира со филозофско-теоретска артикулација, делото се заокружува и добива покомпактна сила.

На пример, една филозофска нота може да биде прифаќањето на теоријата за елан–виталот (зелена боја). Елан-виталот е флуидот, живоста, нешто спротивно на сивилото и црнилото на нашата стварност и излегување од клише. Заробени сме во клише на патријархално, нефункционално, конзервативно општество во кое владее криминална банда на злосторничко здружување со многу елементи на фашизам. Паралелно со другите ослободувања (на правната држава, на киднапираните институции) со негување на елан-виталот воедно се ослободуваме и од ропскиот менталитет. Бидејќи тоа е еден начин како да се ослободиме од клише, од „готовите одела“ во кои ги пикаме нашите „вистини“ и да влеземе во Интуиција од каде што извира инспирација и креативен импулс.

Впрочем, „во која фиока, спремна да се отвори, ќе го пикнеме (новото искуство со Шарената револуција, м.з)? Во кое одело, веќе скроено, ќе го облечеме? ...Историјата на филозофијата ни покажува вечен судир на системите, неможност дефинитивно да ја облечеме стварноста во овие готови одела, кои се нарекуваат наши готови поими.“ (Творечка еволуција, Анри Бергсон).

Животот е флуид, „вистинската реалност е непрекинат тек, апсолутна енергија, постојана активност, постанување, творечка еволуција или животот самиот. Во суштина, творечкиот живот е таков процес во кој развојот тече од првобитниот нагон со помош на животниот импулс (élan vital) до виши духовни процеси.“

Ќе ја победима Смртта (клише, стереотип) со Живот во сите бои. Да не заборавиме, Шарената револуција е негација на биполарност, нема повеќе два блока, лево-десно, нема политички антагонизам и непријателство, туку дијапазон од многу разни идеи и идеали кои се надополнуваат. Па дури кога различните идеи и ставови се судираат, тоа се случува за да се роди нов квалитет, а не да се поништуваат меѓусебе или една од нив да завладее над сè друго. Тоа е така бидејќи Шарената револуција не се бори за власт туку за поквалитетен живот.

Сепак, филозофите како професорот Димитар Димитров или професорот Ферид Мухиќ или професорот Иван Џепароски и некои други наши мислители, дали од помладите генерации или повозрасните, да скицираат некаква филозофско-поетска контура, е насушна потребаво следната фаза, за ова слободарско движење да добие уште поголема ударна сила!

Вистината ќе победи со уште помасовни протести (кои би биле третиот голем бран), а меѓународната заедница ќе се постави во согласност со тој позитивен тек.

Така со интензивен притисок и одвнатре и однадвор да му го зададеме последниот удар на режимот!

24 Мај 2016

Честит празник, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј

ОкоБоли главаВицФото