Октопод

26.05.2016 03:00
Октопод

Ѕвезди

Боже, колку ѕвезди, а на ниедна не ѝ го знам името. Ги гледав и им се восхитував на небото и на сликите на Ван Гог, главата ми беше полна со нив. Купував книги, атласи, идентификатори, читав теории, сништа за нив, но кога ги гледав на небото, не гледав книги, кога гледав книги, од нив не ја подигав главата, и така и овие и оние, високите и ниските, никогаш не се сретнаа, имињата им останаа сами и ѕвездите без нив. Сега велам, друг пат кога ќе се родам, ќе ги спојам двеве љубови, гледањето небо и гледањето книги, колку и тие да се противат на таа средба.

Придвижување

Во моментите на преосетливост се чини дека секој облик нешто брани. Ама што има тука да се брани, негодуваме, кога ѕидот се руши, броевите попуштаат, камењата се тркалаат каде било, во Сахара, во некоја дупка. Да заспиеш тогаш не е исто со да се одмориш.

Страв

Од два едниот секогаш може да се изгуби. Толку се плашам за два. Повеќе отколку за кој било друг број. Малку е два. Ако исчезне еден, на кој било начин, веќе не е два. Кај другите побројни броеви е полесно. Од нив нешто останува, останува повеќе од ништо, повеќе од еден. Два не е ништо очевидно, вели еден пријател, тоа е едноставно два, во нашата глава неодвоиво, неуништиво, секогаш заедно. Не би рекол. Зошто тогаш сум загрижен за тоа несреќно два? Пред некој ден ја загубив ракавицата, лева. Целата куќа ја превртев. И што ќе ми сега ракавица на само една рака? Што ќе ми е гола другата рака? Ќе купам можеби други ракавици. Ако така направам, тоа ќе биде ново два, едно друго два, повторно во опасност.

Ситниш

Малку неуредност во облекувањето, во тоалетот, во кујната, во патната торба, несесерот, косата, на работната маса, во губењето на ситнишот. Малку неуредност во хранењето на мачките, во мислите, чекорите, меѓу телефонските броеви, меѓу зборовите, клучевите, во броевите на страниците, помеѓу цветовите во букет, во чувството на вина, меѓу гревовите. Малку неуредност каде било и кога било.
Малку неуредност, во нејзе тука негде, мислам, има место и за тебе.

Октопод

Го гледам танцот на октоподот, восхитен сум. За такво нешто, мислам, треба дух, или барем нешто слично, а октоподот, таков каков е, суров, лукав, брз, прождрлив, мимикричен, потоа безобличен, грд, лигав, најдалеку е од секоја суптилност. Предмет е, онака како што се знае, на грдите сништа и на фантазиите. А сега, што е ова? Сè што е грдо, опасно, блиску до дното, станало исправено, го направило водениот простор жив и радосен. Телото, понижена тишина, станало музика, движење одушевено од себеси. Што друго можам: неговата далечина од неговата обичност ја доживувам како чудо. Се разбира, задоволен сум што глетката е разиграна, уште повеќе што присуствувам на тајновитата преобразба: и за грдото, па и лошичкото, има надеж. Некоја несфатлива надокнада. Ете, ми се причини, од сите страни исчезнуваат стравот и агресијата; ниту тој се плаши, ниту од него некој се плаши, за сè околу себе ги затворил очите, не му требаат.

Стоп

Кај реката стварно има нешто бесмислено. Ти ја гледаш, а таа тече. Ти не ја гледаш, а таа тече. Ти се враќаш, а таа тече. Ти спиеш, а таа тече. Ти читаш, не читаш, разговараш, ќутиш, отклучуваш, мислиш на Хераклит и на другите смотаници, сметаш на љубовта, омразата, огнот, а таа тече. А малку мир, се прашуваш. Каде е тука потребата човек да се соземе, се прашуваш. Кој паметен и трезен би се оженил со нејзе? Кој би се запишал во нејзината партија, би имал работа со двата нејзини брега? А за можните поплави и да не зборуваме.

Избор и превод: П. В.
Цртежи: Marcel van Eeden
Извор: Quorum, 5/6, 2010.

Даниел Драгоевиќ (Danijel Dragojević, 1934) - хрватски поет, есеист и прозен писател. Објавил: Kornjača i drugi predjeli, 1961; U tvom stvarnom tijelu, 1964; Svjetiljka i spavač, 1965; Nevrijeme i drugo, 1968; Bijeli znak cvijeta, 1969; O Veronici, Bezlebubu i kucanju na neizvjesna vrata, 1979; Bajka o vratima, 1972; Četvrta životinja, 1972; Prirodopis, 1974; Izmišljotine, 1976; Razdoblje karbona, 1981; Rasuti teret, 1985; Zvjezdarnica, 1994; Cvjetni trg, 1994; Hodanje uz prugu, 1997; Žamor, 2005; Negdje, 2013.

ОкоБоли главаВицФото