Скандалозна замисла на евроамбасадорот Аиво Орав

26.05.2016 20:44
Скандалозна замисла на евроамбасадорот Аиво Орав

Делегацијата на Европската Унија во Скопје вчера изутрина ја откажа средбата со невладините организации закажана за вчера, на која требаше да се дебатира и да се разменат мислења во врска со тоа како да се излезе од политичката криза во државава. На дебатата, како што претходно беше најавено, беше покането и ГДОМ, движењето што ги организираше контрапротестите, кое е отворен поддржувач на владините политики и кое повика да се укинат невладините организации што ја урнисувале Македонија.

- Вратите на ЕУ остануваат отворени за граѓанскиот сектор. Некои ја прифатија нашата покана, некои не, но, за жал, средбата сме принудени да ја откажеме од безбедносни причини - објаснија од Делегацијата на ЕУ без попрецизно да кажат каков безбедносен ризик постои.

Средбата беше откажана откако дел од невладините организации најавија дека ќе ја бојкотираат затоа што на неа е поканет и ГДОМ. Од невладините организации, вчера, преку соопштение, реагираа дека немаат намера да седнат на иста маса со таканареченото движење кое отворено шири омраза и поттикнува насилство.

„Нагласуваме дека целосно ги поддржуваме напорите на Европската Унија и на државите-членки за канализирање на сите демократски и граѓански капацитети во правец на излез од актуелната политичка криза. Но, истовремено алармираме дека демократизирањето на нашето општество не е можно преку разговори, преговори и консултации со оние што јавно бараат укинување на граѓанските организации, гумени куршуми за граѓаните што протестираат и бетонски плочи за неистомислениците или различните.

Имајќи предвид дека во процесот на решавање на кризата неопходно е да се вклучат независни претставници на граѓанското општество, нагласуваме дека тие претставници задолжително треба да имаат минимум демократски капацитет и да ги почитуваат темелните уставни вредности на Република Македонија. Притоа, граѓанското општество го разбираме како збир од индивидуи, групи, организации, заедници и движења, кои имаат јасно артикулирани политички ставови, кои не се монолитни, но кои имаат искрена намера да го подобруваат и демократизираат општеството и да ги застапуваат интересите на граѓаните. Повиците за укинување невладини организации, линчот на неистомислениците, сеењето омраза и поттикнувањето насилство не е и не може да биде ниту интерес на граѓаните, ниту поттурнување на процесот во демократска насока, ниту чекор кон излез од кризата“ - се наведува во соопштението.

Од невладините организации предупредуваат дека „вклучувањето и уважувањето на ваквите деструктивни структури во разговори, консултации и преговори може дополнително да ја влоши состојбата во државата, особено ако се има предвид дека тие се директен производ и манифестација на желбите и директивите на раководството на владејачката партија, а не репрезент на граѓаните или граѓанските групи“.

За жал, ГДОМ и сличните структури се превез зад кој се кријат принудите и уцените врз граѓаните да излегуваат на контрапротести. Нашите организации и движења стојат на располагање со сите свои капацитети и се подготвени да се вклучат во решавањето на кризата, било преку анализи и предлози за политики или, пак, преку воспоставување директна врска со граѓаните и застапување за нивните права, потреби и барања“ - децидни се од невладиниот сектор.

Прв информацијата дека ГДОМ е поканет на дебата во ЕУ-инфоцентарот ја обелодени Александар Кржаловски од МЦМС во емисијата „360 степени“, посочувајќи дека Европската Унија инклузивноста ја разбира пошироко.

- Поканети сме на консултации во кои е поканет и ГДОМ. За првпат гледам дека на покана од ЕУ се поканети и контрапротестите. За мене тоа е чекор плус, бидејќи така сметам дека е преголема поларизацијата и треба и најголемите опоненти – и водачите на Шарената револуција, односно критичари на актуелната власт, и нејзините бранители - да седнат и да разговараат еден со друг, цивилизирано и со аргументи, и да се види кој е излезниот пат – рече Кржаловски.

По одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за општа аболиција, ГДОМ организираше контрапротести пред седиштето на СДСМ, незадоволен од тоа што „Заев бил вторпат аболициран“. Во своите говори пред присутните, дел од членовите на ГДОМ, Александар Пандов и Тони Михајловски, повикуваа на последна битка со душманите на Македонија. Тие употребуваа говор полн со омраза, навреди и клевети, а отидоа и дотаму што Пандов го повика Уставниот суд времено да ги забрани активностите на невладиниот сектор.

– Ќе испратиме барање до Уставниот суд за времено запирање на работа на сите граѓански здруженија, фондации и политички партии, кои во моментов ја рушат и урнисуваат Македонија – рече Пандов на еден од контрапротестите.

ПАНДОВ ОД ГДОМ СЕ ФАЛИ ДЕКА „ШАРЕНИТЕ“ МУ СЕ ПЛАШЕЛЕ

По откажаната средба со реакција се јави и Александар Пандов од ГДОМ. Тој на социјалната мрежа Фејсбук „со големо жалење“ информираше дека дебатата во ЕУ-инфоцентарот нема да се одржи.

- Да појаснам дека на дебатата бевме поканети 30-ина граѓански и невладини здруженија, од кои само јас како претставник на ГДОМ, а сите други како поддржувачи на „Протестирам“. Темата беше улогата на граѓанскиот сектор во политиката. Поради закани за бојкот, а и најавени протести на „шарените“ пред ЕУ-канцеларијата заради моето присуство како претставник на ГДОМ, од безбедносни причини дебатата е откажана. Па морам да прашам, до толку ли се плашат од мене и ГДОМ „шарениве“ или толку им е демократскиот капацитет за разговор и дебата - напиша Пандов.

КАНЦЕЛАРИЈАТА НА ЕУ НЕ ОДГОВАРА НА ПРАШАЊАТА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

„Слободен печат“ испрати прашање до Канцеларијата на ЕУ во Скопје, врз основа на што ГДОМ е поканет на дебатата, имајќи предвид дека оттаму побараа укинување на невладините организации со кои требаше да седнат на иста маса, но одговор не добивме.

Извор: Слободен печат
Слики: Александар Дојранлиев

ОкоБоли главаВицФото