Македонија се задушува со перница

28.05.2016 15:54
Македонија се задушува со перница

Дојде време да се признае: јас и Груевски, мојот таен обожавател, со години наназад одржуваме дискретни контакти. Имаме и таен договор: секогаш кога ќе изгубам инспирација и кога не знам што да пишувам – што е почесто отколку што сакам да се сетам! – тој дава интервју за некоја од „патронажните сестри“ во македонските медиуми, кои д-р Латас, со својата ингениозна квалификација дека се „куртони“, теориски ги фиксира во вечната меморија на овдешната медиумска научна критичка мисла.

Морам да кажам дека Груевски чесно се држи до договорот. Со текот на времето интервјуата му се сè поступидни, што и во најтешките периоди на сомнеж и депресија, ми ја враќа вербата во иднината и во напредокот на овдешната медицина. Имено, македонската медицина толку напредна под годините на владејанието на Никола Тодоров, што има сè помалку здрави во опкружувањето на Груевски. Имаат некаков Менгеле што редовно ги боцка со нешто и веднаш им го дига нивото на глупирање. Мора да е така, бидејќи да се тресат такви бесмислици во интервјуата на власта – земете го и Иванов, на пример, за кого знам дека ја примал вакцината во нејзиниот експериментален период, по што е прогласена за максимално безбедна за сточна и човечка употреба – значи, да се зборуваат олкави будалштини мора или да е резултат на пелцување со ретката вакцина, пронајдена во Систина и недостапна за обичниот Македонец; или да е резултат на погрешната доза од вакцината, наменета за Иванов, а по грешка дадена на Груевски.


КЕНГУРСКИ СКОК

Според тоа, точно е тоа што го вели во последното интервју никогаш прежалениот премиер, а сега само партиски претседател Груевски, потврдувам дека на обуките на млади луѓе за рушење на режимот ја качувавме младината на столче, ставено на маса, наместена врз комода, закачена за таванот, и ги теравме да скокаат врз програмата на ВМРО-ДПМНЕ! Па, не може таа програма да се згази од ниско! Сега сме во преговори со ВМРО, да допечатат уште примероци од програмата, се потрошија, нема што да газиме со новиве генерации што ги обучуваме. Верно е и тоа, како што дознал и Грујо, дека скоковите ги оценуваше комисија составена од тројца претставници на Фондацијата на Сорос (еден), на Британската (еден) и на Американската амбасада (еден) во Скопје.

Најдобро изведените скокови на лице место се наградуваа со по 500 евра во кеш, од фондот на операцијата „Парасол“ („Чадор“ – м.з.) која располага со стотина милиони евра годишно за туркање на власта од власт. Толку пари земаме, не знаеме што да им правиме, што по аеродроми на далечните пацифички острови, облечени во хавајки, со апостолки на нозете и сламени шешири на главата, ќе почнеме да се судираме со функционериве од власта зашто на исто место отвораме офшор компании и тајни банкарски сметки! И, точно е, на обуките се пееја антимакедонски и антивмровски песни, хорски се вежбаа антирежимски слогани – на пример: „Грујо е глуп к‘о ноќ и денски!“; „Долу ВМРО, горе федерализација на Македонија!“; „Умрете патриоти – да живеат предавниците!“ и сл. На крајот се доделуваа признанија за најголемите вмро-мрсци, а најуспешниот на обуката го понесуваше орденот „Горна Македонија Славомакедонска со Вкрстени Кама и Кубура“ и му се подаруваше пластична пушка за водено шприцање за учество во првите редови на Шарената револуција. Ене ги, првенците на генерациите, најдобрите од алумнистите, тој цвет на младинското рипање од маси, како е во првите редови на кенгурскиот скок на револуцијата!

Добро, сега кога, со помош на сведоци (јас), ја расчистивме веродостојноста и здраворазумноста на зборовите од последното интервју на Груевски и кога таа работа историски ја фундиравме и ја оставивме зад нас, повторно да се навратиме на главното прашање: Грујо, а од каде си заработил 120.000 евра во 2015 година? Или, уште подобро: Грујо, да не си рипнал доза од вакцината, па си згрешил и си пријавил приход од 120.000 евра во 2015 година? Конечно: Па, добро, бе, Грујо, вредеше ли Македонија да ја задушуваш како со перница што се дави беспомошник на кревет, за тривијални 120.000 евра?!

Или овие 120.000 евра се само кусурот, скромната напојница, ковчето за глодање по десетгодишната гозба во стилот на римските баханалии?

ВОДАТА СЕ ПОДГРЕВА?

Се огласи и другата страна: се најавува радикализирање на протестите, доколку до одморите не се постигне кредибилен договор за начините како да се реши кризата.

Прво, сè зависи од тоа кој кога оди на одмор – јас, на пример, цела година одмaрам, освен кога ги обучувам вмро-мрсците да рипаат од маси. Второ, ако до одморите не се изнајде решение за кризава – после одиме на одмор, нема белки на плажа во Грција да се радикализираме?! И, трето, метеоролозите го најавуваат најжешкото лето во последните не знам колку години – па, нема ние да се радикализираме по кратки ракави и бермуди, а нашите другари во редовите на специјалците да ни паѓаат како компир сварени, со тоа чизмите, шлемовите и оклопите на желки?! Мислам, тоа стварно не би било в ред, нешто да им се случи, да нема кој со гумени куршуми да нè пука.

Значи, реално, ако добро разбирам, радикализацијава се одлага за, таму негде, после септември, кога ќе дојдат есенските заладувања. Веднаш да ви кажам, тоа ми личи како на политичко арчење на уште неколку месеци. Ако се со ниет да ги радикализираат протестите (што и да се подразбира под тоа!), тоа треба да се направи уште утре, ако воопшто се посакува решавање на кризата. Оти, може ли еден да се сети што е постигнато по две години преговарања со Фамилијата?... Да, точно – ништо.

И, да не се лажеме, Иванов НЕМА да ја укине аболицијата, се разбравме дека човекот веќе е вакциниран. Впрочем, дали некој сериозно мисли дека Фамилијата може да ги преживее истрагите на делувањето на, да речеме, аболицираните Жарко Луковски или на браќата Стајковиќ? Имате ли памет, знаете ли што ќе се случи со Груевски и Мијалков ако некој од аболицираните проговори што сè е правено со години наназад?! Па, тоа е како да пуштите лисица во кокошарник или мачка во гулабарник, има катастрофа да стане по кокошките и гулабите на Фамилијата.


ПОЛИТИЧКА ХИРУРГИЈА

И, еве го Хан, со предлог европски експерти да го чешлаат Избирачкиот список, зашто никому овде не можело да му се верува во партиската непристрасност. Има едно шест месеци до година дена кога јавно предлагав експертите на Прибе да се зафатат со таа работа. Ќе си заштедевме година дена од нашите животи, а и изборите досега ќе беа завршени. Но, во ситуација во која европските народни популистички партии имаат поголема политичка привлечна моќ од Европската Унија, јасно е дека центрите на моќ кон кои се врти главата на Груевски се Будимпешта и Москва, а не Брисел. Си вика Грујо, ако можеше на претседателските избори во една демократска Австрија за малку да победи претставникот на национал-социјалистичките идеи, зошто да се шансите за тоа во Македонија помали? Па, во Австрија разликата меѓу победникот и губитникот беше само 0,6 отсто – овде, ништо да не направат, со затворање очи се местат десетина отсто од изборите, со толку сите сме согласни да одиме на регуларни избори! Нормално е дека Грујо мисли дека „народот“ уредно ќе си гласа за него.

Така и си течел договорот на Фамилијата со ДУИ: кризата е длабока, притисокот за укинување на аболициите е голем; за да не дојде до тоа, ајде да ја усвоиме иницијативата за интерпелација на оној безвезен, „неконсензуален“ Иванов, да му изгласаме симнување од функција; со тоа ќе нема кој да ја укине аболицијата и ќе помине важноста на одлуката на Собранието за нејзино евентуално укинување, а ќе мора да се оди на претседателски избори; на тие избори ќе се кандидира и ќе биде избран Груевски за претседател, со што ќе се решат сите проблеми – ем тој ќе стане претседател со имунитет за гонење од криминали, ем ќе си замине од челната функција во ДПМНЕ, со што ќе се отвори можност за реформа на партијата со „нови лица“ до парламентарните избори, ем блокадата врз СЈО ќе си остане, таман додека им истече законскиот рок да се занимаваат со криминалната катастрофа во Македонија! Генијално. А потоа може да се помине и на трансформација на политичкиот систем во Македонија од парламентарен во претседателски, како во Русија и Турција, на пример.

Затоа, предлагам радикализацијата на отпорот кон овие лудаци навистина да се одложи до годишните одмори, потоа да заминеме на одмори, а откако ќе се вратиме, да причекаме уште некоја недела за да се разлади времето, да не протестираме по горештини... Лабаво, нема брзање, да им се остави доволно време на генијалциве од власта и на комесарот Хан хируршки да ни ја скројат капата така за да ни прирасне за глава. И, после, со здравје да си ја носиме!

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото