Со подмолни манипулации „Нетпрес“ произведува „странски платеници“

30.05.2016 01:37
Со подмолни манипулации „Нетпрес“ произведува „странски платеници“

Веб-порталот „Нетпрес“ објави имиња и лични примања на повеќе од 60 граѓани, претставувајќи ги како странски платеници, бидејќи земале плати или хонорари од невладини организации, кои легално работат во државава и се борат за демократија.

Ова нивно „истражување“, по веќе видениот рецепт го споделија и другите провладини медиуми и со оваа вест како главна, дури и ги отвораа вестите. По бомбастична најава дека се разоткриени креаторите на Шарената револуција, следуваше список од имиња и износи од земени 5.000 денари, 3.000 денари, 18.000 денари, 40.000 денари... за една година.

Според професорката Мирјана Најчевска, чие име исто така се најде на списокот на „Нетпрес“, дел од медиумите, на ваков начин, всушност се вклучија во хајката против уставното право на протест.

Според пишувањата на „Нетпрес“, Најчевска своите услуги ги наплатувала преку соросовата ФОРУМ ЦСИД од каде што инкасирала 55 илјади денари, а пари минатата година зела и од Македонското здружение на млади правници.

„Ваквиот начин на презентирање и ваквиот отворен медиумски атак врз одредена група луѓе заради нивното несогласување со власта и критиките упатени кон власта е спротивен како на меѓународните стандарди на етичкото новинарство така и на меѓународните акти за заштита на човековите права“, пишува Најчевска во својата анализа објавена на порталот Слободна.мк.

Во прилог на ова тврдење, Најчевска објаснува дека на прв поглед станува збор за текстови што се базираат на факти, со кои се информира јавноста за прашања од јавен интерес и се практикува слободата на изразување согласно со членот 10 од Европската конвенција за човековите права, но нагласува дека во текстовите е изведен заклучок дека сите спомнати лица се платени за излегување на протести, без тоа да се поткрепи со каков било податок дека парите навистина се земени за организирање протести. Исто така, зборувано е за суми, без да се наведе изворот од каде се добиени податоците и без да се одреди временската рамка за земените пари.

„Од содржината на текстот произлегува дека не постојат никакви причини за критика на власта и поставување барања за повеќе демократија и слобода и дека критиката е вештачки создадена и стимулирана. Бројните написи и наводните факти што се пласираат во нив, се насочени кон лично дезавуирање на оние луѓе што се перципираат како најгласни критичари на власта“, пишува Најчевска.

Според „Нетпрес“, извршната директорка на Хелсиншкиот комитет Уранија Пировска од различни организации за две години инкасирала 3 милиони денари.

„Немате вие толку кондиција да офирате колку што јас имам кондиција да ви ја критикувам мафијашката влада!“, им порача Пировска на медиумите што ја вклучија во хајката, преку својот Фејсбук-статус.

Преку Фејсбук се обрати и новинарката Ида Протуѓер, која иронично забележа дека не можеле да ја контактираат медиумите што не се ни обиделе.

„Не знам дали да плачам или да се смеам. Во 2014 година сум добила хонорар од Инфоцентарот во висина од 18.000 денари, а лани од Центарот за развој на медиуми не ја споменале сумата затоа што 50 евра малку им се видело. Прво, ај што овие невладини се занимаваат со медиумите и не е неприродно да учествуваш како модератор на трибина, a за Инфоцентар правев предизборен мониторинг, јавно објавен, туку во 2014 година и лани, моите вкупни приходи се колку половина месечна плата на премиерот. Значи моите годишни приходи колку неговата половинка, месечна плата“, напиша Протуѓер и појасни дека таа не е вработена, а приходи остварува од хонорарана соработка со неделникот „Фокус“ и од модераторство на некоја трибина.

Новинарот Саше Димовски на својот фејсбук-профил напиша дека со задоволство ќе ги тужи медиумите „курирчиња“ иронично забележувајќи дека го навредиле со покажување на помал прилив на пари од тоа што тој заработува, а ќе го тужи и УЈП затоа што само делумно го покажала неговиот лист.

„60-те илјади од Млади правници ми се награда на конкурс распишан од УНИЦЕФ... така што, кога ќе добиете и вие некоја награда, јавете се, може ќе ми стигнете до колена...“, пишува Димовски.

Предраг Петровиќ, сопственик на порталот А1 он, е еден од оние што исто така беше ставен на „листата платеници“, бидејќи, според „Нетпрес“, зел хонорар од 7.290 денари од Центарот за развој на медиуми. Петровиќ во својата колумна тврди дека станувало збор за ангажман околу изготвување правила на однесување на интернет-медиумите, каде што биле поканети и претставници од „Нетпрес“, но тие ја одбиле поканата.

„Јас со овие цели 7.290 денари не купив стан, не купив автомобил, на работа одам пеш и чувството е прекрасно, зашто не смее кој било да помисли да ме тероризира секој ден и да ми диктира текстови што треба да напишам. Едноставно, не сум на продажба“, пишува Петровиќ и додава дека политиката на неговиот медиум е критичка и таква ќе остане кон секоја власт, бидејќи тоа е основната функција на медиумите - да бидат коректори на власта.

Кој ги стави личните податоци во служба на пропагандата?

Единствената институција каде што на едно место доаѓаат годишните извештаи на фирмите е Управата за јавни приходи (УЈП), по што нужно се раѓа сомнежот дали од оваа државна институција протекуваат личните податоци за граѓаните, пишува порталот „Призма“ на Балканската истражувачка мрежа на новинари (БИРН). Оттаму информираат дека се упатиле до УЈП со прашање дали водат внатрешна истрага за евентуално протекување информации.

„Ве известуваме дека информациите и другите факти добиени во даночните постапки што ги води УЈП се предмет на даночна тајна, односно не се предмет на комуникација со јавноста и медиумите, во согласност со Законот за даночна постапка (член 9) и Упатство за односи со јавноста и комуникација со медиуми. УЈП не може да тврди за веродостојноста на податоците, ниту, пак, за изворот на информации користени во објавите на веб-порталот Нетпрес, земајќи предвид дека сопственици на вакви информации се и други носители“, стои во писмениот одговор од УЈП.

„Призма“ потенцира дека останува отворено прашањето кои други носители се сопственици на вакви информации, со оглед на тоа што станува збор за приходи од десетици граѓански организации со различно сметководство.

„Дел од лицата што се ставени на ‘тапет’ се вработени во овие организации, па порталот ги објавува нивните бруто-плати што се уредно пријавени во УЈП и платен е данок на државата. Дел од спомнатите граѓани, пак, учествувале на трибини организирани од невладините, работеле на извесни публикации или пишувале колумни, па зеле хонорар за тоа, сума што исто така е пријавена во УЈП и платени се давачките кон државата“, потенцира „Призма“.

Извор: Слободен печат
Слики: Александар Ковачевски