Алармантно: една третина од младите во Македонија немаат пензионер кој ги издржува

30.05.2016 13:09
Алармантно: една третина од младите во Македонија немаат пензионер кој ги издржува

Скопје, 30 мај 2016

Истражувањето на Институтот за перспективи и емотивен развој од Горно Коњари покажало дека дури една третина од младите во Македонија се наоѓаат во многу тешка материјална состојба, зашто во своето семејство немаат пензионер кој би можел да ги издржува. Овие млади луѓе се соочуваат со голем број проблеми и тешко го наоѓаат своето место во општеството, велат експертите.

„Нашето истражување се ориентираше на младите луѓе во Македонија и проблемот на нивната егзистенцијална сигурност“, вели професорот Митре Настов од Институтот во Горно Коњари. „Утврдивме дека бројот на оние кои немаат пензионери во семејството е исклучително голем и се движи околу 30 отсто. Младиот човек кој денес нема барем еден пензионер како поддршка во животот речиси нема перспектива, оневозможен е своето време креативно да го поминува со друштво во кафуле, а за некои полуксузни работи може само да сонува. Сево ова може негативно да влијае на неговиот емотивен развој, особено затоа што се наоѓа на чувствителна возраст“, објаснува професорот Настов.

Според неговите зборови, во најтешка ситуација се оние кои го завршиле школувањето, а сè уште не нашле работа. Исто така, професорите од Институтот тврдат дека и меѓу оние кои имаат среќа бабите и дедовците да им се пензионери, постојат одредени разлики. Резултатите до кои дошле при истражувањето покажуваат дека бројноста на пензионерите во семејството е директно поврзана со материјалниот статус на младите во Македонија.

„Кај оваа популација постојат различни случаи. Има такви кои можат да се потпрат на поддршката на само еден пензионер, додека оние најсреќните можат да сметаат на приходи од дури четири пензии. Сите овие фактори можат да доведат до материјално раслојување меѓу младите луѓе, што на крајот може да резултира со незадоволство и социјални судири меѓу овие групации“, предупредува Митре Настов, кој ја искористи оваа прилика во име на својот тим да им се заблагодари на бабите и дедовците кои го финансирале ова важно истражување.

Извор: www.njuz.net