Патот на Буда

31.05.2016 11:51
Патот на Буда

Сидарта Гаутама Буда го открил патот на избавувањето и го надмудрил животот. Покажал како да се дојде до просветлување, а да се избегне страдањето. Со својот живот сведочел за еден вид филозофија на животот. Практично стекната низ просветлувачкиот аскетски ескапизам. Неговото учење и живот толку ги ипресионирале современиците, што тој стана родоначалник на единствената атеистичка религија. Религијата која го порекнува како постоењето на Бог, така и на душата, а појавниот свет го раскринкува како илузија. Илузија зад која нема никакви ствари по себе, туку само обично „ништо“.

Самиот Буда дефинитивно не бил Бог. Ниту некогаш се сметал себеси за такво нешто. Живеел како тивок мудрец кој самоволно се маргинализирал и се исклучил од општеството. За цел на продлабочување на темелното човечко искуство. Во околности поволни за радикално интровертно задлабочување. Се дружел ретко, и тоа по правило со слични на себе. И полоши од себе.

Темелните увиди и начела на Буда за водење на мудар живот се собираат во следното: Се е нестварно. Содржините на битието се непостојани. Појавите се раствораат. Сите облици се непстојани. Затоа, сите обликувања се болни. Секоја желба раѓа страдање. Мудро е да не посакуваме. Ако не го добиеме она што го сакаме, повторно страдаме. Бидејќи задоволството во имањето не можеме да го задржиме засекогаш. Страдањето произлегува од врзувањето. Среќата не произлегува од имањето, туку од неврзувањето.

Набљудувај го светот како пена и привид. Биди подготвен дека наскоро и твоето тело, напуштено и без свест, ќе падне на земјата како бескорисен трупец. Твоето истоштено кревко тело е гнездо на болести, од кое прска гнилеж. А во суштина, само смртта му става крај на животот. Ако така набљудуваш, недофатлив си ѝ на смртта, а на светот уште повеќе. Дисциплината на страдањето е услов за секое издигнување. Со плачот умот не станува мирен, само се зголемува страдањето. Стравовите се раѓаат кај будалата, а не во мудриот човек. Не весели се ниту на животот, ниту на смртта. Очекувај го крајот на својот рок, како надничар својата исплата.

Не следи го нискиот закон: не унапредувај ја световноста. Со милосрдие кон сите битија прочисти го духот од злоба. Кога те огрдуваат, замолчи како напукнат гонг. Бидејќи Буда не се расправа со светот, светот се расправа со Буда. Себеси се навредил оној кој тебе те навредил. Невозвраќањето е знак на слобода. А кој постапува со зла намера, го стигнува страдањето како тркалото на воловската спрега. Затоа, не помислувај лекоумно на зло: „тоа нема да ми се случи“. Ведрото со вода се полни со капки, а будалата со зло и кога му претекува малку по малку. Во желбата за кавга забораваме дека сите умираме. А кога ќе се освестиме, кавгите лесно се смируваат. Омразата не се смирува со омраза. Сето она што не е омраза ја разградува омразата. А победата поттикнува омраза, бидејќи поразениот останува во страдање. Смирен и среќен е оној кој ќе ги напушти победата и поразот. Кој на раката нема рана, може да носи отров на дланката. А отровот не продира. Нема зло за оној кој не го прави. Мирот доаѓа одвнатре. Не барај го надвор.

Сега е јасно дека будизмот не е морална, туку пред сè психотерапевтска наука. Своевидна филозофска физиологија како облик на ментална хигиена која нè чува од гадење кон светот. Или пак од потпаѓање под емотивно разорна одмздничка страст. Не поради тоа што луѓето не ја заслужуваат, туку затоа што возвратениот удар нужно го валка оној кој го задава. Затоа, не спојувај се со светот, бидејќи луѓето се нечисти и сè ќе уништат. Па, кога ќе стигнеш на чистината, тргни воден од сопственото знаење, а не од она на другите. Движи се осамен како носорог.

Учењето за неспостоењето на сопственото јас е специфичност на будизмот, и претставува најрадикален увид во будистичката психологија. Не го наоѓаме во други филозофски или религиски системи. Буда не го порекнува интуитивното интимно самодоживување кое го нарекуваме „себе“ или свое „јас“. Но, чувството дека зад тоа доживување стои некоја непроменлива супстанцијална творба која управува со нашите мисли и постапки, се смета за илузија. Нашето јас е нарцистички инвестиран социјален конструкт. Зад маските кои ги носиме нема никој.

Поистоветувањето со стварите, луѓето, па и со самите себе е знак за врзување со појавите, како тие да поседуваат суштина, што само дополнително ја засилува излузијата дека и самите поседуваме суштина. „Децата се мои, имотот е мој“ – размислува будалата. А ни самиот не е свој! А да не зборуваме за децата, да не зборуваме за имотот. Нашето поистоветување, како битија без суштина, со други битија без суштина, е заблуда која нè исфрла на патот на страдањето. Илузорното средиште на нашиот наратив за себе треба да се деконструира. „Тоа не е мое, тоа не сум јас, тоа не е мое својство“, е став на вистинска неврзаност кон појавното. Кон сите битија, вклучувајќи го и сопственото јас.

Зад појавата не стои ништо. Никакво јас, никаква душа. Појавите се без суштина. А ни ние немаме супстанција. Зад нас не стои ништо. Никакво јас, никаква душа. Само непостојани состојби на свеста кои во неа проникнуваат и се менуваат една по друга. Кармичкиот набој на претходната го предодредува обликот на следната. Единствена стварност е живата „празнина“ на неподелената свест. Постои разрешување, но не и оној кој е разрешен. Постои пат, но на него нема патници. Кому разрешеноста му е суштински важна, страстите не го оковуваат. Тој се одрекол од сè и станува слободен.

Фотографии: Steve McCurry

Извор: Globus

 

ОкоБоли главаВицФото