Што наоѓаме таму: Забелешки за поезијата и политиката (1)

09.06.2016 07:08
Што наоѓаме таму: Забелешки за поезијата и политиката (1)

Најдраг Артуро,

Вечерва ти пишувам бидејќи знам дека ќе разбереш, ти кому не треба да објаснувам зошто поезијата и политиката не се исклучуваат една со друга. Можеби можам да започнам ако се замислам себеси како ти зборувам, тебе кој, сигурна сум, ќе разбереш што се обидувам, дури и ако лошо го кажам она што го мислам.

Како да почнам? Ние припаѓаме на различни генерации, култури, родови; двајцата сме хомосексуалци, двајцата осакатени, двајцата писатели; и тоа ни помогна во пријателството. Ни помогна и смеењето, добрата храна и гневот. Но сепак, самата поетика со која пораснавме – музиката, гласовите, јазиците, беше различна, без оглед на другите љубови кои нè споија. Понекогаш, во нашите разговори, се слушам себеси како зборувам, Дали ти се чини дека ова има некаква смисла? Ништо не сакав да прифатам здраво за готово.

„ЕВРЕЈСКИ КОРЕНИ ВО МИСИСИПИ“ пишува на постерот што е закачен над мојата работна маса. Маж и жена, Вулф и Леа Зигрански, од Меридијан, со нивните две малечки девојчиња, пример за семејство од деветнаесеттиот век, здрави и стамени како викторијанските махагони. И моите емигрантски предци, Евреи, пребегнати пред верските прогони во Виксбург, не беа, како што разбрав од твоите романи, многу поразлични од твоите мексиканско-католички дедовци и баби. И твоите и моите се обидуваа да успеат во странски култури, да бидат она што се, но и да бидат „Американци“. Семејството беше најважно, дом и прибежиште и локус на болката. Прозата што ја напиша ми помогна да ги запознаам твоите луѓе и, на некој начин, моите. И да видам како „средната класа“ имала различни значења за твоето и моето семејство.

Артуро, дали ќе се сложиш? – колку и да сакаме, ние не сме способни да пишуваме за љубовта, а да не пишуваме за политиката. Ти како чикано-Мексиканец, хомосексуалец, не маж на начин на кој се перцепира тој збор во твојата култура. Јас, како жена, лезбејка, Еврејка, во шеесеттите години. Како и ти, и јас сум проблем во проблем: „еврејско прашање“, „женско прашање“ – кој поставува прашање? Кој би требало да одговори? Во времето на Граѓанската војна кога моите тогашни млади прадедо и прабаба, Дејвид и Полин Рајс, живееја во Виксбург, еден репортер од некоја агенција од Њу Орлеанс напиша: „Евреите од Њу Орлеанс и од целиот Југ треба да се истребат... тие се во основата на секоја нова ништожност“. Но јас немам само еврејски, туку бели нееврејски корени во Вирџинија, Северна Каролина; припадници на средната класа кои по Граѓанската војна оскудно живееја, секојдневни бели и христијански супрематисти. Кого мислев дека можам да го сакам беше диктирано од политиката, под чиј надзор е изградено она што денес го сметаме за „традиционални вредности“.

Сепак, сево ова ме води до уште еден проблем – како зборот „политика“ сам по себе, е ограничен и тривијализиран. Погледни ја дефиницијата во речник: наука и уметност на политичкото управување... раководење со политичките работи или учество во нив, често професионално... политички методи, тактики, итн... политички мислења, принципи или партиски врски... партиски програми и во рамките на група: политиката, како должност. Интересно е како овие дефиниции ја исклучуваат не само „приватната“ домашна сфера, местото каде одиме во кревет со нашите неприфатени љубовници, туку целата стварност која не се случува во постоечките партии, која не е дел од претходно институционализираните форми – како целото прашање за моќта, намерите, конечно е невидливо во овие дефиниции. Така политиката е сведена на влада, на натпревари помеѓу моќните, на ситни внатрепартиски препирки.

Се чувствувам како да сум поминала барем една половина од својот живот опирајќи се на овие дефиниции. Во 1969 година сум запишала во дневникот:

Моментот кога чувството влегува во телото
е политичен. Овој допир е политичен.
Под тоа мислам дека политиката е обид, напор да изнајдеме
начини хумано да се однесуваме едни кон
други – како групи или
поединци – политиката како процес, рушење на бариерите, опресиите, традицијата, културата, незнаењето, стравот, самозаштитеноста.

Но Артуро, ти знаеш дека овие зборови, дека дефинициите (колку и да се недоречени), не се создадени само од настојувањето една жена да живее и да биде хумана, сексуална, во женско тело. Тие доаѓаат и од духот на времето – во прашање се доцните шеесетти кои ги впивав преку предавањата и активизмот во институциите во кои прашањето на превласт е веќе расправено, каде студентите ги запоседнуваа зградите а професорите бегаа од кампусот или беа на постојани состаноци и предавања за „ослободувањето“; во град каде родителите бараа контрола на заедницата над училиштата; низ одреден вид отвореност и трагање по трансформирани односи во Новата левица, кои подоцна доведоа до тоа илјадници жени со женски глас да го постават „женското прашање“; од читањето на Малколм Икс, Чехов, Забелешки од затворот на Барбара Деминг, Франц Фанон, Џејмс Болдвин, и она што го пишуваа моите студенти. Можев да почувствувам околу себе – во градот, во земјата воопшто – „спонтаност на масата“ (подоцна овие зборови ќе ги сретнам кај Роза Луксембург), и тоа толку силно што беше како искуството на пишување поезија. Политиката како израз на импулсот за создавање, трајно чувство на она што е „човечки возможно“ – во текот на доцните шеесетти и раните фази на женското движење, го вкусивме ова, а не само неопходноста на реактивно организирање и враќање на ударот.

Никогаш не ја заборавив таа склоност. Во пишувањето песни, почнувајќи можеби со болен сон, слика што сум ја забележала во текот на возењето со автобус, фраза што сум ја чула во некој бар, овој отсечок од приватната визија што одеднаш ја сочинува целината – и сè уште ја сочинува – со животот што е поголем од мојот сопствен, со егзистенцијата која не е само лична, со зборовите кои се склопуваат да ми го откријат она што беше непознато додека не ги напишав.

И ти, се разбира, почнуваш како што сите ние мораме, со автобиографија, со детството, но надвор од тој материјал на сопствениот живот се испреплетува проза на многу животи, највистинска кога има најмалку допири со стварноста. Бидејќи се обидуваме да создадеме книжевност не на емигранти, туку на мигранти, луѓе кои живееле на овие пејзажи пред првите Европејци да го поминат океанот. Пишувајќи на англиски јазик за билингвалните луѓе чиј прв јазик е самиот по себе политичко прашање. Обидувајќи се да го искажеш во проза, на твоите луѓе и на оние кои едвај знаат дека постојат, што значи да се биде „мигрант“ на овој континент, како што рече дека тоа е проникнувачкиот услов на Мексиканците во оваа земја, без оглед на тоа дали тие се или не се нејзини граѓани. Психолошкиот услов кој не може да се прифати поинаку туку како политички. Дури и кога пишувавте за љубовта во семејството, тоа беше со чувство како мажите и религијата може да го изопачат животот на жената, како традиционалната мажественост може да ги изобличи мажите, како хетеросексуалците се груби кон хомосексуалците, како и чикано семејството, колку и да е угледно, останува дел од сомнителната и маргинална група на буквалната и културолошка граница. Полека почнувам да разбирам против што си се бунел, новини на работата која се обидуваш да ја направиш (И, драг мој, знам дека времето брзо отчукува додека работиш.) Зборуваше како чувствуваш дека сè уште учиш како тоа треба да се прави, како на најдобар начин да се вткајат политичките и историските прашања во моите приказни така што нема да бидат поголеми од ликовите доколку јас не сакам така да биде. Писателите од Јужна Америка се надарени да ги отелотворат политичките прашања на животот и смртта во прозата на вешт начин, и јас ги изучувам со завист и со восхит. Но какви и да се твоите афинитети, ти не си Шпанец од Јужна Америка; ти си „на мостот, на границата“, овде во оваа Калифорнија која е всушност изгубен дел на Мексико, овде во оваа земја, која на свој начин е изгубена по прашање на уметноста, душата, историјата.

(продолжува)

Превод: Лавинија Шувака
Слики: Gizem Vural

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото