Што наоѓаме таму: Забелешки за поезијата и политиката (2)

12.06.2016 01:21
Што наоѓаме таму: Забелешки за поезијата и политиката (2)

Рече, Големо оправдување на чинот на читање и пишување проза е што низ нив можеме да бидеме дисциплинирани и заведени во замислување на животот на другите луѓе со разбирање и сочувство, дури и ако не се „идентификуваме“ со нив. Да. И, во текот на чинот на пишување да се почувствува како нашите лични „прашања“ се спојуваат со „прашањата на светот“, да препознаеме како сме ние во светот и светот во нас –

Кога го започнав ова писмо, Артуро, ти сè уште беше жив, иако животот стануваше голем товар. И како што си ветивме еден на друг, нашиот разговор продолжува. Нежно, налутено и со насмевка. „Не постои смрт, само умирање“, напиша во една забелешка за мојата песна. Потребно е и ова да те прашам: Дали ти се чини дека ова има некаква смисла? – Адриен

Како животот да ти зависи од тоа

Мораш да пишуваш, и читаш, како животот да ти зависи од тоа. На тоа не нè учат на училиште. Во најдобар случај, како од тоа да ти зависи заработувачката: наредниот чекор, работата, наредната финансиска помош, стипендијата, професионалниот напредок, славата; не се поставуваат прашања што се однесуваат на натамошните значења. И, да се соочиме со тоа, лекцијата што во училиште ја учат најголемиот број од децата-читатели е: Ова не е за тебе.

Да читаш како од тоа да ти зависи животот би значело да ги пуштиш во читањето твоите уверувања, вителот на твоите сништа, физичката сензација на секојдневниот сексуален страстен живот; и истовремено, да дозволиш твоето читање да навлезе во рутина, заштитена и непробојна, во која трагаме по секојдневниот сетилен живот, во која тој е забележан, запишан, канализиран. Па што да правиме со точните одговори, испитната хартија со повеќе понудени можности и моливот со број 2 со кој мора да се заокружи еден и само еден одговор?

Да пишуваш како да ти зависи животот од тоа, да напишеш преку целата табла, оставајќи ѝ ги на увид на јавноста зборовите кои си ги ископал, истресол од сништата, зад лажното сеќавање, од тишината – зборови од кои си се плашел а кои ти биле потребни за да знаеш дека постоиш. Не, тоа е премногу; би можеле да те исмејуваат на училиште, да те нападнат во училишниот двор, да те почекаат после училиште, би можеле да те исфрлат. Политика на училишниот двор, моќ на училишната банда?

Или би можеле да те игнорираат.

Да читаш како животот да ти зависи од тоа – но во кое пишување може да се верува? Нели е јазикот само манипулација? Можеби поетот има скриена програма – за да те привлече на некоја цел, да те прати на улица, да те поколеба, преку сензуалната моќ на јазикот, преку твоите проверени и испитани приоритети? Подобро отколку да подлегнеш, ти можеш да научиш да ја преиспитуваш песната колку што сакаш, преку леќата на микроскопот, како интересен објект, како пример на овој стил или оној период. Можеш да најдеш упориште во идејата на „иронијата“. Или да бараш уметниците да искажат лојалност на овие или оние морални и политички или религиозни или сексуални норми, за болката поради запалените книги, оние забранетите, за болката поради цензурата или затворот, за болката поради изгубената јавна потпора.

Или можеш да кажеш: „Јас не ја разбирам поезијата“.

Простор за поезија

PABLO CHILE TE RECUERDA
PABLO IN ESTOS DIAS NOS HACES FALTA
PORCUE
TE NOS LUIS Y SONIA 1985
FUISTE VENCE
REMOS
PABLO VIVE Y VIVRA! F PMR

По смртта на Пабло Неруда, во време на бруталната политичка репресија во Чиле, во текот на која куќата на поетот беше уништена и запечатена од страна на воениот режим, различни луѓе ѝ приоѓаа речиси суеверно за да врежат или напишат зборови на оградата околу куќата: пораки на поетот, зборови на отпорот, кратки фрази, имиња. Неруда почина оној ден кога власта ја презеде воената хунта. Дури и повеќе од она што беше за време на животот, тој по смртта стана симбол на чилеанскиот отпор. Во писанијата за својата земја и за неа, во одговорите што сограѓаните му ги упатуваа, постоеше дијалог што ги надминуваше границите на смртта. Беше меѓународно признат, се разбира; припадник на средната класа; маж. Тоа не беше поезија на црномурест мелез уште помалку на мелез кој предизвикал таква љубов и почит. Сепак, можеше да ја предаде, а не ја предаде; можеше да побегне во меѓународната книжевна елита, а не побегна. Оградата пред неговата заклучена и забранета куќа стана место каде луѓето продолжија да ги искажуваат своите надежи и својот бес, колективна страница поголема и од книгите на поетот, страница што постоеше поради неговите книги, поради неговите раце кои еднаш испишуваа стих по стих, создавајќи песни.

Каков вид дијалог може да постои меѓу поетите кои се жители на Соединетите Американски Држави и нивните сограѓани? Каков вид сосредоточеност или врски може да постојат? Што би можело да го забрза таквиот дијалог?

Одговорите – засега единствено се: Поезијата треба на подобар начин да се предава во училиштата. Потребно е да постојат сјајни, „интересни“ програми за поезијата на телевизијата, радиото. Треба да постојат видео програми за поезијата како музички видео програми за да се приближи поезијата до масовната публика.

Така луѓето зборуваат за сексуалното воспитување или наркоманијата. Како нивните пораки да станат популарни или барем да го привлечат вниманието? Како да се натпреваруваат со структурите на возбудувањето што ви го нудат пасивните медиуми – манијакална трескавост на човечкото искуство што ни е претставено со посредство на телевизијата и комерцијалниот филм – чкрипење на кочници, пукотници од пиштоли, бели лимузини испрскани со крв на богати и познати, трансплантација на органи, бебиња заменети на раѓање, добитници на суперпремии кои умираат од стрес, параноичен шизофреничар кој во училишниот двор ги убива децата, себе и целото семејство, шеснаесет студентки, девојката која одбила да излезе со него, сурогат мајка што бара да ѝ дозволат посета на детето, терор во кампусот, судницата како сцена, сè, како сè друго истргнато, од историјата, од контекстот, бесмисленоста на животот што се одразува во искривеното огледало во забавниот парк, системи на комуникација смислени да одвојат, фрагментираат, да ја дезинформираат масовната публика.

Бидејќи масовната публика во Соединетите Американски Држави не е публика за колективно генерирана идеја која ја спојува силата на таа идеја и вообичаените расправи за неа. Масовната публика се создава со промоции, маркетинг, возбудите што го заземаат местото на идеите, на вистинските колективни расправи, визии или катарзи; возбудите кои доаѓаат и поминуваат, проблеснуваат и исчезнуваат, толку брзо што служат да нè изолираат во ситнуријата на нашите сопствени животи – ние стануваме бесмислени едни на други.

И кога зборуваме за недостатокот на јавниот простор за поезија, јас не мислам на масовната публика од оној вид што постои за комерцијалните филмови, музички топ листи, MTV, најдобро продаваните книги, кабловската телевизија. Она што го зазема јавниот простор е одредено со индустриите што се посветени на масовниот маркетинг, намерите на сопственикот на средствата за комуникација. Поезијата останува уметност која може, и продолжува да биде создавана без скапи средства, материјалните барања ѝ се скромни. Во текот на најголемиот број денови во годината во Соединетите Американски Држави, се одржуваат неколку илјади поетски вечери – во кафетерии, галерии, во мали подрумски простори, во кампуси, синагоги, цркви, на фестивали на отворено и на демонстрации, во библиотеки, затвори, општински центри, на конференции, во театри, барови, дневни соби, штали; во амфитеатри на градските болници. Како сцена може да послужи подиум на расклопување од одржан музички концерт или озвучена говорница; подиум може да биде приколка на некој камион или остатоци од некој стар театар. Поетот може да чита од страниците на тетратката, малечка книга испишана со рака, од пречукан ракопис, објавена книга. Таа може да носи куфер полн со книги за продажба; тој може со себе да понесе мандолина или тапан. Или може да настапат неколку поети кои имаат по пет минути да прочитаат песна (време што вообичаено го пречекоруваат) за да соберат средства за некое списание, за подрачја настрадани од земјотрес, за мир, срушено засолниште за жени, поддршка за писателот на кого според американскиот закон му се заканува депортација.

(продолжува)

Кон првиот дел

Скулптури на сликите: Mark Manders

ОкоБоли главаВицФото